СДСМ и психологијата на поразот

СДСМ е партија што губи и тогаш кога мисли дека победува и секогаш кога ќе ѝ се даде власт во рацете. Не знае, не научи да владее, да го доноси венецот на славата до крајот на мандат и да го повтори. Најслепа и најглува е кога е на власт и кога се чувствува најсилна, пресилна. Истото се однесува и за лидерите, од првиот до последниот. Од Црвенковски, преку Шекеринска и Бучковски до Заев. Различна слика, различен стас и став, исти ефект. Затоа лесно се крши на половина, по секој успех следува неуспех

Кога нешто се мери со метро, јасно се измеруваат должината, висината, ширината и длабочината на предметот. Бидејќи не постои политичко метро, тешко е да се измерат прецизно сите четири димензии на поразот на Социјалдемократскиот сојуз на последните локални избори. Тежината не се мери со метро, нема кантар што товарот од овој неуспех лесно ќе го издржи. Тешко би било и компарирањето дали исходот од изборите е голем, поголем или најголем пораз на партијата во подолгиот историјат на губење на избори.
СДСМ е партија што губи и тогаш кога мисли дека победува и секогаш кога ќе ѝ се даде власт во рацете. Не знае, не научи да владее, да го доноси венецот на славата до крајот на мандат и да го повтори. Најслепа и најглува е кога е на власт и кога се чувствува најсилна, пресилна. Истото се однесува и за лидерите, од првиот до последниот. Од Црвенковски, преку Шекеринска и Бучковски до Заев. Различна слика, различен стас и став, исти ефект. Затоа лесно се крши на половина, по секој успех следува неуспех.
Почетниот оптимизам на владеење, речиси по правило, на крајот завршува со некаков песимизам. Шампањот што се пие при триумфот загорчува уште на средината на отвореното шише. Бил Гејтс во некоја пригода рекол дека е убаво да се слави успехот, но дека е поважно да се учи од поразите. Таа лекција СДСМ не ја има научено, на тие часови не присуствувала. И по правило ја гледа раската во окото на другиот, а не си ја гледа гредата во своето. Сите други криви, виновни, прости, заостанати, само тие прави, напредни, прогресивни дури и кога се небричени.
При последните собраниски избори, СДСМ на чело со Зоран Заев умешно и успешно се извлече, освои десет илјади гласа и два пратеника повеќе. Не му стана јасно, не извлече поука дека низ таа тесна капија ќе може да се провлече уште еднаш ако нема видливи резултати. Напротив и тој и партијата се однесуваа како да стигнале на Марс, дека никој не може од таму да ги симне. И по овој пораз, ене ги истите, не се симнати од седмото небо иако под нозе им гори како што гори модуларна болница, импровизација на градба од шперплоча и пена.

И која за нив не е изгорена, ниту била ниту постоела. Ја измислиле, ја злоупотребиле луѓето што кочат, што македонското идеално општество го влечат назад. Но и без болницата беше јасно дека сега и вака поставениот СДСМ не подлежи на поправка. Во тоа ново соѕидано царство никој однадвор не може да допре, освен ако има пропусница на роднина или тендерски другар. Сдсмовската ароганција не е синдром, таа кај нив прерасна во хронична неизлечива болест.
СДСМ и во овие четири-пет години власт не сфати дека одамна е завршена фазата на верба во политички флоскули и политдемагогија, денес вети едно, утре направи друго. Раскарај, па владеј. Излажи, па остани жив. Забораваат дека лошиот збор се памти, убавиот веднаш се заборава. И дека колку што се лажливи политичарите, уште полажливи се времињата. А луѓето во политиката се превртливи, се определуваат зависно од понудата и враќаат со иста мера. Колку им даваш толку ти даваат, тоа што им го земаш никогаш не ти го простуваат.
Заевци и компанијата дојдени на крилата на фингираната шарена револуција, носејќи го стегнат пленот во забите (како што го носат лавовите), мегаломанскиот проект „Скопје 2014“, полни ветувања и надежи, паднаа на Скопје 2021. Готово е: 2014 ќе оди во архивите и историјата, новата ќе ја пишуваат (создаваат) победниците од 2021. Во натпревар што траеше шест-седум години се доби резултат: 10 наспрема 0 во корист на овие вторите. Ако евентуално има нова револуција нема да биде шарена, таа ги изгуби сите оригинални бои, се премачка со поинакви, штетни сами по себе. По завршувањето на изборите ќе може да се очекува само бунт против Владата, особено од „цело Скопје вмровски град“.

За објаснување на хроничните феномени во СДСМ, пластично може да послужи приказната за дабот и црвот. Столетниот даб издржал силни ветришта и бури, луњи и громови, војни и востанија, снегови и пожари, ништо не можел да го уништи. Сѐ започнало кога во него влегол црв што полека-полека го јадел однатре сушејќи му го коренот. Тој црв од коренот постојано рие во партиското стебло. Партијата, нејзиното раководство се погон за производство на непријатели во сопствените редови, во сопственото членство.
За таков го прогласува секој што мисли поинаку, што ќе рече нешто што не им се допаѓа на шефот или на шефицата, дури и на некое помало шефче. Таквите ги изолира, елиминира, сменува, деградира, дискредитира, вклучувајќи ги и оние најдобронамерните и лојалните. Има низа примери кога таквите за само еден критички збор, текст или изјава ги прогласува за непријатели и вмровци. Партија што не трпи критика дури ни од своите не заслужува власт. Партија што се плаши од појава на поспособни, пообразовани и од луѓе со пошироки погледи и има страв од множење на инакумислечки луѓе во општеството нема перспектива. Ќе се задуши во сопствената прегратка, како што му се случи на ВМРО-ДПМНЕ во претходните години. Копирањето што го прави СДСМ преоблекувајќи се во Груевото руво, можно е да придонесе да се врати во живот оригиналот. Апсурдно, но можно.
Убаво се напишани партиските програми, пријатно е да се читаат големи планови, восхитувачки е да се чекаат грандиозни проекти, пријатно е да се живее во надежни очекувања, но секогаш постои опасноста од силна разочараност поради малите остварувања. Таквото разочарување се случи, не по вина на гласачите, ниту по вина на бројачите. Можеби и овој пат се во право оние што резултатот од изборите не го толкуваат како победа на ВМРО-ДПМНЕ, туку како ефект од неуспешната политика на самиот СДСМ. Поточно, победија разочараните, изневерените, тивкото мнозинство, кое не мора од ред да е вмровско, но е опозициско, како што го дефинираше лидерот на ДПМНЕ, Христијан Мицковски.

Зоран Заев јавно, на избори, го доживеа првиот горчлив пораз. Досега беше навикнат на успеси, нему му е позната таа психологија, дури и во личниот, приватен бизнис. Сега првпат се среќава со психологијата на поразот. По долги години е спуштен на земја, иако тој не го покажува тоа. Нему првпат во политиката му се случува да види дека не се јаде сѐ што лета. А изеде сѐ што му стоеше на патот, фигуративно речено. Му се случи народ во чие име, всушност, постојано се повикува, но за ништо не го послушува. Ако и тој и партијата не си ги признаат грешките, ако не се погледнат во огледалото што нема папагалски да им повторува дека се најубави и најдобри, ќе немаат шанси да се вратат во игра. Попусто власт на Илинденска и мнозинство во Собрание ако некој друг ги диктира работите на терен. Особено што на тој терен е ВМРО што копнее по реванш и одмазда и чија политичка филозофија е – што си дробел ќе си сркаш.

[email protected]