Светот има сериозен проблем со финансирањето на образованието

Дури и пред појавата на ковид-19 светот се соочуваше со образовна криза. Речиси половина од децата во земјите во развој беа погодени од „образовна сиромаштија“, а на возраст од 11 години имаа развиено слаби вештини за читање и пресметување или воопшто ги немаа. Како резултат на ова, 800 милиони од денешните млади луѓе немаат
образовни квалификации

(Зад ставовите на авторот, со свои потписи застанаа десетици светски поранешни и актуелни државници, експерти од разни области и меѓународни институции и организации, кои апелираат на итно преземање мерки за решавање на проблемот со светското образование што на глобалното ниво го предизвика пандемијата на ковид-19.)

Со тоа што над една милијарда деца сè уште не се на училиште поради строгите рестриктивни мерки за движење, постои реална и вистинска опасност дека кризата со јавното здравје ќе создаде ковид-генерација, која ќе има образовен пропуст и нарушени можности. Додека оние со повеќе среќа имаат пристап до алтернативи, најсиромашните деца во светот се исклучени од образовниот процес и немаат пристап до интернет. Со немањето бесплатни училишни оброци, кои беа огромна помош за речиси 400 милиони момчиња и девојчиња, сега имаме посериозна состојба со гладот.
Додека постепено ги олеснуваме рестриктивните мерки, треба да се посвети итно внимание на загриженоста за судбината на речиси 30 милиони деца, кои, според УНЕСКО, можеби никогаш нема да се вратат во училишните клупи. За овие деца, кои се најмалку привилегирани во светот, образованието честопати е единствениот излез од сиромаштијата, кој сега е во опасност да се затвори.

Многу од овие деца се адолесцентки за кои одењето на училиште е најдобра одбрана од присилни бракови и најдобра надеж за проширување на можностите. Многу други се мали деца што се под ризик да бидат искористувани и принудени на опасна работа. Токму поради тоа што образованието е поврзано со напредокот, практично во секоја сфера од човечкиот развој, од детскиот опстанок до мајчинското здравје, родовата еднаквост, формирањето работни места и инклузивниот економски раст, сегашните образовни предизвици ќе ги нарушат шансите за постигнување на Целите за одржлив развој до 2030 година (СДГ4) и ќе го уназадат напредокот што беше постигнат во однос на родовата еднаквост.
Според Светската банка, долгорочните економски штети од загубеното образование може да достигнат дури 10 илјади милијарди долари.
Не треба да молчиме и да дозволиме на овие млади луѓе да им биде одземена шансата за образование и за добар живот. Во спротивно, треба да ги удвоиме напорите за да ги вратиме сите деца на училиште, вклучувајќи ги и оние 260 милиони што воопшто не одат на училиште и 75 милиони деца погодени од долготрајните конфликти и присилното раселување, меѓу кои има 35 милиони бегалци или внатрешно раселени лица. Треба да им понудиме сеопфатна помош, која им е потребна, и да им овозможиме на младите да почнат да одат или повторно да се вратат на училиште, како и понатамошно високо образование.

Ова претставува долгорочен предизвик. Дури и пред појавата на ковид-19 светот се соочуваше со образовна криза. Речиси половина од децата во земјите во развој беа погодени од „образовна сиромаштија“, а на возраст од 11 години имаа развиено слаби вештини за читање и пресметување или воопшто ги немаа. Како резултат на ова, 800 милиони од денешните млади луѓе немаат образовни квалификации. За да го избегнеме ова сценарио, на милиони деца што сега се подготвуваат да се вратат на училиште, откако изгубија половина година од образовниот процес, потребно им е нивните влади да инвестираат во програми за дополнување на учењето и за соодветно оценување. Кога училиштата повторно се отворија по разорниот земјотрес во Пакистан во 2005 година, присутноста повторно беше висока, но по четири години се покажа дека децата изгубиле една и пол година од школувањето.
Сега итно се потребни ресурси за да се вратат младите во образовниот процес и да им се овозможи да го надоместат школувањето. Уште поважно е што мораме да обезбедиме подобри услови, поголема поддршка за учењето преку интернет, да воведеме персонализирано учење и обуки за наставници, условни парични трансфери за посиромашните семејства и побезбедни училишта со почитување на мерките за физичка дистанца. Сево ова треба да се заснова на огромните напори на заедницата што се покажаа за време на пандемијата и на коалицијата на светски организации, кои сега ги здружија силите за да се формира иницијативата „Зачувај ја нашата иднина“, која започна веќе на 4 август.

Сепак во време кога се потребни дополнителни ресурси, финансирањето на образованието е загрозено од три причини. Првата причина е тоа што бавниот или негативниот раст ги нарушува даночните приходи што значи дека помалку пари ќе бидат достапни речиси во сите земји за јавни услуги, вклучувајќи го и образованието. Втората причина е што кога се издвојуваат ограничени средства, некои влади може да го намалат образовниот буџет и да го оптоварат секторот и да им дадат приоритет на трошоците за обнова на здравството и на економијата. Третата причина е заострување на фискалниот притисок во развиените земји што ќе резултира со намалување на меѓународната развојна помош, како што е во образованието, која веќе почна да го чувствува влијанието на другите приоритети во прераспределбата на билатералната и мултилатералната помош. Исто така постои опасност мултилатералните донатори, кои веќе инвестираат во образованието, да ги пренасочат средствата.
Светската банка сега проценува дека во текот на наредната година, целокупните трошоци во образованието во земјите со низок и среден приход може да бидат 100-150 милиони долари помалку од претходно планираното. Ваквата криза со финансирањето нема сама да се реши. Затоа ги повикуваме земјите од Г20, Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Светската банка, регионалните развојни банки и сите држави да го увидат обемот на кризата и да ги поддржат иницијативите за да се овозможи приближување и продолжување на напредокот кон СДГ4.

Прво, секоја држава треба да вети дека ќе ги заштити најитните образовни трошоци, ќе им даде приоритет на потребите за најнепривилегираните деца преку условни и безусловни парични трансфери за да ја промовира вклученоста на училиштето таму каде што е потребно. Второ, меѓународната заедница мора да ја зголеми помошта за образованието, да се фокусира на најранливите категории како што се сиромашните, девојчињата, децата од конфликти и хендикепираните. Најбрзиот начин за да се ослободат ресурси за образованието е преку олеснување на долговите. Седумдесет и шесте најсиромашни држави треба да вратат 86 милијарди долари од долгот во наредните две години. Ние бараме суспензија на долгот со барање парите за наплата на долгот да бидат распределени во образованието и во другите приоритетни инвестиции за децата.
Трето, ММФ треба да издаде 1,2 илјада милијарди долари преку специјалните права (односно светските девизни резерви), а неговите членки треба да се согласат да ги пренасочат овие ресурси кон земјите на кои им се најпотребни, создавајќи платформа за обнова.
Четврто, Светската банка треба да даде поголема поддршка за државите со ниски приходи преку буџетот на Меѓународното здружение за развој и под водство на Велика Британија и на Холандија, кои ветија дека ќе обезбедат 650 милиони долари за новиот Меѓународен фонд за финансирање на образованието до кои пристап ќе добијат државите со ниски и средни приходи и ќе отвори можности за дополнителни гаранции и грантови од донатори. Ова е дополнителен поттик за дополнување во наредните две години на Светското партнерство за образование, зголемените инвестиции во „Образованието не може да чека“ и понатамошна поддршка за агенциите на ООН, кои се фокусираат на образованието и на децата (предводени од УНЕСКО и УНИЦЕФ). Ние исто така апелираме до корпорациите и фондациите од приватниот сектор да дадат поголема поддршка за светското образование.

Одржливиот човечки развој може да се изгради само на темелите на квалитетното образование. Иако предизвиците се значајни, влијанието на кризата врз децата нè натера да бидеме поодлучни за да ги постигнеме целите во СДГ4 и дека нашата може да биде првата генерација во историјата во која секое дете ќе оди на училиште и ќе има шанса целосно да го развие својот потенцијал. Сега е време националните влади и меѓународната заедница да се обединат за да им обезбедат на децата и на младите можности што ги заслужуваат и кои им се загарантирано право.

Авторот е поранешен премиер и министер за финансии на Велика Британија и актуелен специјален пратеник за светско образование при ООН, како и претседател на Комисијата за финансирање можности во светското образование

Подготвила: Билјана Здравковска