Светлосниот утопизам на Тесла (1)

„Светлината за мене е Бог“ – Тесла

Записи во несоница

Првин овој есеј, кој ќе го проследиш во неколку колумнистички продолженија, драг читателу, го бев насловил едноставно како Тесла. Отпосле дојде сегашниот наслов, поради другото и да не бидеш во забуна изненаден од кај сега јас сум стручњак за електротехника и физика, па да можам да ти расправам за овој неповторлив балкански гениј што ја крена на ента степен економски западната цивилизација со своите изуми. Таа што, парадоксално, сега неговиот Балкан го држи во гето како некој вид сива полуцивилизирана зона. Не. Иако физиката од природните науки уште од моите рани школски денови најмногу ме фасцинирала и ја окупирала мојата до денес, пред сè, поетска имагинација, безмалку како да нема голема разлика помеѓу неа и поезијата. Отпосле, во позрелата возраст дознав дека истото тоа го мисли и еден од најголемите модерни физичари Хајзенберг, кој вели дека речиси се укинати границите меѓу овие два духовни ентитети, меѓу кои поезијата за разлика од физиката зема дел и од душата, не само од духот како промотор на интелектот.

Така, па сега по овој кус вовед, немој да кажеш дека е итромански (имам „алиби“), драг читателу, и како нестручњак за електротехника и физика да говорам за Тесла. За неговиот светлосен утопизам, новиот екстатичен и посреќен потоп по оној на Ное, што го замисли уште како дете и на кој работеше целиот свој живот генијот од Смиљан. А тој утопизам што ѝ беше, според неговата замисла по дух и срце, наменет за целокупната човекова егзистенција, на сите народи и раси, не е одвоен од неговата наука и научни изуми. Напротив, тие се природен дел на неговиот утопизам. И тоа е нешто фасцинантно. Нешто што не ми е познато во таков степен на научна и хуманистичка, па и космичка екстаза кај ниеден ум (и душа) во историјата на науката.

Да. Ни едно битие од науката не било толку многу фасцинирано од идејата за светлината како среќа за човекот и човештвото како Тесла. Всушност, тој и е еден од тие ретките што се раѓаат, како Исус во пештерата на Витлеем, како Светлина. За разлика од оние што се раѓаат како темнина со антибожји знак на челото. Тесла е есенцијален образец, архетип на Светлината. Како таков тој е чедо на шифрата, до денес необјаснета од теолозите, на онаа таинствена предестинација на милоста на Создателот, подарена уште од пред создавањето на секое едно битие во бесконечната иднина. А, според таа аналогија (можеби) и на цели народи, иако тука е нужно да се постави знак на прашалник. Роден како Ангел на Светлината, можеби во некоја темна ноќ, како што ги има такви под небото на Лика, Тесла, следејќи го подоцна неговиот животен пат, како божји пратеник таа есенција на битието ќе им ја подари, трансформирана и преку неговите научни изуми, како Добро на луѓето. И, Тесла, имено, во епохата (роден е 1856) распната помеѓу рационализмот со потрагата по материјална благосостојба по секоја цена и романтизмот, како жестока реакција на тоа во една прекрасна, божествена синтеза ќе ги спои во својот дух и душа тие две непомирливи противречности. Ќе ги спои во илузијата за општото добро и среќа на човештвото без да се гиба со „ангелот на злото“ на Бајрон и Лермонтов. Па и оној на Милтон, или на рационалниот Гете, кој него го ублажил со Фауст, демек намалувајќи му ја со него вината.

Тука е потребна мала дигресија за проблемот на романтичарите со злото, кои му пееле химни на Сатаната, драг читателу. Имено, тоа, според мене, најубаво го објаснува Ејхенбаум, кој толкувајќи ја поемата „Демон“ на Лермонтов вели дека поетот го слави злото не дека го сака, туку како резултат на затајување на силите на доброто, кои се покажале замрени и без агенс на живиот живот. Тоа. Подобро објаснување нема. Да. Ама Тесла никогаш не размислувал во рамките на оваа хипотеза. Тој никогаш не му подлегнал на тој романтичарски песимизам во втората половина од колосалниот научен 19 век во чиј подем учествувал моќно, имено, и самиот. Век во кој се појавил силно нагласен и првиот сомнеж од техничкиот и технолошки прогрес штотуку силно распламтен. Сомнеж во рациото и сциентизмот како алатки со кои се обликува ликот на цивилизацијата и егзистенцијата. Тесла секако не се изјаснил во негова корист, но исто така длабоко во себе бил свесен за неговата онтолошка оправданост. Имено, од таа гледна точка и мене во овој есеј ме интересира, драг читателу, светлосната имагинација на овој научник не само од научен, туку и од онтолошки и филозофски аспект. Кај него не постои тврда граница меѓу рациото и интуицијата, или, поетски речено, меѓу јавето и сонот, а за тоа е најдобар сведок неговата техничко-технолошка, но истовремено и утопистичка метафора, или поарно стожерен архетипски симбол на сеопштото постоење Светлината. И тоа безмалку како екстатична мистична фасцинација, онаа со која Св. Тереза Авилска се искревала и лебдела за време на молитвата под средишното кубе на храмот, блиску до лицето на Создателот.

Да. Оти и изумите на Тесла биле со гигантски пречник на имагинацијата, со космички опфат, тешко сфатливи за младата и тајкунска капиталистичка бирократија на неговото време, која многу, многу повеќе им била наклонета на ситните, но директно применливи изуми на Едисон, експресно профитабилни, отколку на Теслината до „сциентистички“ утопизам научна гигантомахија. Оти, дека тешко во тоа време кога нестрпливо капиталистичките тајкуни барале ситни, но ефикасни пронајдоци за брз технички напредок и полнење на џебот, можел да се снајде колосалниот гениј на човекот дојден од запустениот Балкан во капиталистички забревтаната Америка. Генијот што во средиштето на своето битие, неограничено од строгото сциентистичко рацио, небаре како некој нов Платон во науката, спротивно на нејзината поимска објективна логика, иако не напуштајќи ја, ќе се обиде неа да ја постави и на пиедесталот на Идејата, премостувајќи ја бездната меѓу рациото и интуицијата, или, со јазикот на христијанската теологија, меѓу телото и душата, објектот и субјектот.

Шизмата на која од современите филозофи најмногу внимание ѝ посветил Шопенхауер, а по него и филозофите на егзистенцијализмот Киркегард и Јасперс. И, мостот на премостувањето на таа битна шизма кај Тесла, кој добро би се вклопил во егзистенцијалистичката струја на толкување на светот, е, рековме, Светлината.
Да. И тој светлосен агенс на битието и душата на генијот од Смиљан се јавил како моќна интуитивна светилка уште во неговото рано детство. И, не случајно како знак пратен од горе. Посебно карактеристичен во таа смисла е еден настан со неговиот омилен мачор, кого тој една темна ноќ го галел на прагот од родната куќа, за што тој говори во своите автобиографски записи. Притоа тој откровенски се возбудил кога видел дека влакната на неговиот миленик фрлаат искри и се единствената светлина во мракот што ја поклопил како со мртовечки поклопец Лика. Да, и таа слика на светлосна епифанија ќе се вгнезди во битието на Тесла, иако таа му е дарена и пренатално, како најважна возбуда и откритие. Во неговата детска свест уште помоќно отколку кај Демокрит блеснуваат електроните во атомот на материјата, поплавувајќи ја со својата светлина целата вселена. И, имено, тука несвесно се родила кај Тесла сликата за струјата што треба да ја осветли планетата на која него во Смиљан, далеку од светот на цивилизацијата, го спуштил со падобранот на ангелите од небо Господ. Или, со бовчулето на небесниот штрк. Сеедно. Имено, во неговата ингениозна детска свест светнала како молња идејата дека целокупната материја од која бил создаден и Адам е светлина, електрицитет, кој никому пред него не му текнало да го искористи и осветли човештвото.

Искрено, кога првпат се сретнав со оваа фасцинантна откровенска слика на идниот гениј, драг читателу, прво што помислив е дека станува збор за еден брилијантен поет што мисли во слики. Ама веднаш стана јасно дека и научниците што мислат во слики се поети, и тие се дотолку погенијални доколку повеќе располагаат со поетска имагинација, која на нивниот рационален сциентизам им дава натстварни откровенски крилја. Да. Оти, зарем е случаен во тој контекст и фактот дека Тесла пишувал поезија, а и најголемиот рационалист меѓу научниците на сите времиња Њутн, незадоволен од тој свој метод во доцните години на својот живот, ѝ се посветил на алхемијата, која исто така ги шири поетските крилја на имагинацијата. До нас не стигнала Теслината поезија, барем јас не сум налетал на неа во книгите за него, но во неговите автобиографски записи стои дека тој од Европа за Америка во неговиот багаж покрај другото ги носел и своите напишани поеми. Можам само да замислам дека, без отстапка, тоа биле поеми на темата Светлина, која била опсесивна и за тогашниот американски оптимистички светлосен поет Валд Емерсон, но секако со многу послаб интензитет од светлосните поетски идеи на генијалниот доселеник од Смиљан во Америка. Америка во која тој целосно ќе се вглоби, би рекле и со една утопистичка екстаза. Неговите поеми на патот кон неа се загубени, но не и неговите поетски идеи вглобени во неговите изуми, кои како да го пронашле, во име на човековата среќа, Каменот на мудроста по кој трагале алхемичарите на средновековна Европа. Да не замаглуваме, и да не ме обвинуваш за магла, драг читателу, тој Камен што како допирот на кралот Мидас сè престорува во злато е кај Тесла нејзиното величество Струјата, која го забрза со брзината на формулата на Ајнштајн развојот на индустријата. Индустријата што, како што ќе се покаже кусо потоа, главно ќе им служи на богатите, а не на сиромасите во нововоспоставениот капиталистички поредок на нерамноправен распоред на добрата и силите. Да. Но сепак, колку и да изгледа тоа парадоксално, светлосниот изум на генијот од Смиљан поголема благодат, и според Божјата замисла, им пружил на сиромасите отколку на богатите индустријалци, осветлувајќи ги нивните бедни домови и срца со светлината во која тие можеле да ги видат дури и ангелите како танцуваат во дервишка екстаза околу светилката приклучена директно на штекот на Бог од кај што се напојува светлосно таа. Оти и самиот Tесла мислел така.

Јас сè тоа, драг читателу, исто така како некој вид откровение го имам почувствувано во моето рано детство во родното Негрево во времето на колективизацијата на почетокот од педесеттите години од минатиот век, кога се електрифицираа запустените македонски села. Ама и тогаш дури и во самата гола сиромаштија постоеше „класна“ разлика. Најсиромашните, на кои им припаѓало и моето семејство, последни воведоа струја. А мене таа ми беше насушно потребна за тоа што бев книгоман и сакав до бескрај да читам, а тоа не го овозможуваше тенката светлинка на свеќите, кои исто така сиромаштијата ги штедеше. Кога немавме свеќи, мајка ми, извонредно интелигентна, која со неколку години основно српско образование (толку колку што ѝ дозволил суровиот живот) ми ги рецитираше наизуст песните од косовскиот циклус. Таа нив ги беше научила и втиснала во детската свест од ред в ред. Песните од кои бил восхитен и Гете, па почнал, за да ги чита во оригинал, во еден период да го изучува и српскиот јазик. И денес не можам да си го објаснам тој феномен, како мајка ми, како дете што ги пасело говедата на својот суров полубрат во Мачево, можела сето тоа поетско гласно да го вглоби во својата детска свест. Важно, и поради недостигот од книги, за што лично страдав, таа таквата празнина ми ја дополнуваше со усна литература и така заспивав. Така, а јас денес во јанѕа се прашувам што ќе беше од неа ако имала услови да студира на „Кембриџ“, „Оксфорд“ или „Сорбона“, на кои и денес тешко се докопуваат нашите талентирани ама сиромашни деца.

Тоа. Можеби за тебе чудна дигресија во контекстот на темата Тесла, драг читателу, но и не е. И самиот тој знаел, со клучот на интуицијата, дека неговите откровенија што, исправно од рационален аспект се дефинираат како научни, нему сепак му ги диктирала, како музата стиховите на Ана Ахматова, некоја тајна сила од која е избран како медиум за пренос на нејзините шифри, пораки и симболи. За таков вид медиум говори и Јунг, имајќи ги на ум, пред сè, поетите и уметниците како антена низ која доаѓаат до нас струите и материјалите на божественото. Да. Но такви антени се и Демокрит, Архимед, Џордано, Бруно, Галилеј, Коперник, Ајнштајн, Бор, Менделеев… Сите тие биле во потрага по метафората на Светлината во науката, на нејзино опредметување од апстракција во „слугинка“ на човекот. А најуспешен во таа конкретизација на апстракцијата со име Светлина во плејадата од научници од антиката до денес, се чини, е Тесла и поради фактот што сите негови изуми се извонредно практични и нацелени во правец на остварување на човековата среќа.

(продолжува)