Свети Никола, Европа и ние

(Астрономски феномен: Не изгреа сонце од Запад, зајде на Исток)

Настан на месецот: дојде Свети Никола, заминува неосветен Зоран Заев. Првиот познат светец во целиот христијански свет, вториот загубен во европските лавиринти. И покрај тоа што неколку години глумеше дека е Свети Никола или Дедо Мраз што ќе донесе подароци од европските престолнини, се покажа дека Заев залудно тргувал. Од човек со стотина формални функции, ги изгуби двете најважни – претседател на Социјалдемократскиот сојуз и претседател на Владата на Република Северна Македонија. При заминувањето, неговата измислена Северна Македонија, која никогаш не го носела името Јужна, ја остави замрзната во поларните предели на европските канцеларии.
Во реална Македонија нема да стигнат до Нова година очекуваните златни кочии што ги влечат ирваси, нема новогодишни подароци, елката остана без лампиони и ѕвон, ѕвон, ѕвончиња. И без ѕвезда на врвот. Дури и богатиот „вујко Сем“, кој сега се вика Габриел Ескобар, кој низ Скопје прошета со празни џебови, не прати некој прекуокеански подарок, како што ние овде се надевавме дека ќе се случи. Конечно и во соседна, пријателска и братска Бугарија паднаа големи снегови, затворени се патиштата, ништо не бидна од ангажманот на американските, француските и холандските булдожери, персонифицирани во личности чии имиња и презимиња се забораваат уште при првото спомнување.
Иако дел од Македонците го грдат и клеветат Зоран Заев, знаат речиси сѐ за него, од Муртино, преку Струмица, до седењето на највисоките столчиња во Скопје, дури и до оние на НАТО. Од друга страна, иако го слават, малку знаат за Свети Никола, освен црковните лица и верниците. Чудна е кариерата на Николај Чудотворец, архиепископот мирликиски. Почнувајќи од името, кое значи победник, изведено од божицата Ника, па до крајот на животот. Тој, иако не е единствен, е пример како, ако имаш вујко владика, можеш да станеш поп. Имено, тој немал вујко, но имал стрико што пред него носел архиепископска ќулавка, кој повлијаел Николај со сето срце да влезе во верата Исусова.
При ракоположението во високиот епископски чин, неговиот стрико исполнет со пророчки дух во еден момент, покажувајќи на младиот Николај, извикал: „Браќа, јас го гледам новото сонце што изгрева над земјата и им ветува утеха на сите потиштени. Блажено е стадото што ќе го има за пастир, зашто тој ќе ги приведе кон вистината заблудените овци, ќе ги пасе на пасиштето на благочестието и ќе биде помошник на сите страдалници“. Ова пророштво се исполнило, зашто младиот Николај подоцна навистина станал заштитник на сиромасите, но и помошник на сите што му се обраќале со верба.

Горното цитирање го користам да направам актуелна паралела со „ракоположувањето“ на функции на нашите политички лидери и кадри. Исто и ние во Македонија од избори до избори го чекаме новото сонце што изгрева од партиите, со надеж дека ќе нѐ поведе на пасиштето на благочестието, надежта и среќата. За жал, таква среќа не се најде. Напротив, сите наши пастири го сметаат народот за заблудени овци што блеат, но млеко не даваат.
За Николај Мирликиски е врзана и една контроверзна кариерна легенда. Според едни извори, како учесник на Првиот вселенски христијански собор во Никеја, поради изнервираност за искажаните ставови, наместо да му врати со зборови на опонентот Ариј, му вратил со шлаканица по образот. Поради тоа, наводно, бил набркан од соборот, обвинет за ерес. Но, подоцна, кога победила доктрината за светото тројство, односно било поразено учењето на Ариј, токму таа удрена шлаканица му донела дополнителна почит и слава во црковните кругови. Николај бил во право и стана славен, Ариј, наместо слава, доживеа посрамотување.
На овој голем собир на светители, под главатарство на римскиот цар Константин (наводно роден во селото Таор, Скопско) кој прв го признал христијанството како нова религија, донесен е Символот на верата, документ што со мали измени трае до ден-денес. Тоа е она писание што секогаш се објавува на втората страница од годишниот календар на Македонската православна црква и кое, на еден или друг начин, е кодекс за секој верник. Токму тогаш, во 325 година, на Никејскиот собор (Никеја, место во денешна Турција) е одредено Велигден секогаш да се слави првата недела по првата полна месечина по пролетната рамноденица. Кога човек ќе ги прочита последните зборови, може да помисли дека на соборот, освен свештеници, учествувале и учени астрономи.

Свети Никола не е Македонец, Бугарин, Грк или Србин, како што мислеле некои наши прадедовци и прабаби, во зависност од која пропаганда се проповедало од олтарот. Светецот е наднационален, никој не се „тепа“ да докаже дека е негов, има големо значење за целиот христијански свет. Нема натпревар во докажување чиј е, какво потекло носи, кому му припаѓа. Тој е пример за единство на народи и луѓе. Плус, неговото црковно значење е надградено со цивилно. Тој е ликот на новиот модерен Дедо Мраз, кој носи подароци за Нова година. Во западниот свет, во земјите на Западна Европа се празнува како детски празник, слики од филмови во кои гледаме како децата возбудено чекаат што ќе им остави Свети Никола во шарените чорапчиња или новите чизмички.
Македонските чизмички и годинава висат празни. Нема подароци во облик на европски интеграции, меѓувладини конференции, почеток на преговори, брз прием во ЕУ. Тука не помогнаа ниту свети Заев, ниту несвети Бујар Османи, ниту потемнет Владо Бучковски. Ниту едно нивно пророштво не се оствари. Пропаднаа во црна дупка. Се случи астрономски феномен. Не светна сонцето што чекавме да изгрее од Запад. Пак зајде на Исток од географска Република Северна Македонија, зад Пирин Планина.
Празникот Свети Никола е еден од најраширените празници меѓу православните Македонци. Според некои неофицијални податоци, секоја втора-трета фамилија го слави како домашна слава. Има една поговорка што вели дека кој не го слави дома Свети Никола сигурно е негде на гости. На трпезата – посна сарма на сто начини, посно гравче, риба, црвени сушени пиперки, благи и лути, црвено и црно вино. Сѐ домашно, ништо европско.

[email protected]