Света Петка и петокраката

(Во спомен на чичко ми Димче и на сите партизани)

Е, мој Димитрија! Ти помина празникот, а никој не ве спомна јасно и гласно вас, партизаните во борбата со бугарските фашисти, со малкуте Германци и со албанските балисти. Затоа и ти го пишувам ова писмо. Не разочарувај се, зашто друго време дојде: се внимава да не се навредат некогашните непријатели, па затоа се премолчува историјата. А и со празниците е сменето доста: сега и приватните празници може да станат државни, а државните – приватни. Така и со твој 11 Октомври: само приватно спомнуваме против кого точно сме се бореле. Државно кажано – за слобода сме се бореле. Општо.
Велат дека таа сабота, на 11 ноември 1944 година, ослободувањето на Куманово, ти, Димитрија Трајко Андоновски, деветнаесетгодишен капетан, по две години акање по планини, со развиорено знаме и на бел коњ, осоколен колку и твојот ат, во галоп си ја турнал семејната порта на сокачето „Перо Чичо“ број 1, во Куманово, и си влетал во родниот двор. Потоа си се качил по дрвените скали, си ја грабнал иконата на Свети Никола, стара најмалку три поколенија, и пред ококорените очи на мајка ти Ката, двајца браќа и три сестри, си ја изгазил под антифашистичките чизми. Потоа си ја фрлил во кенефот и си влегол во одајата во која лежел бакалинот Трајко Андон Андоновски, твој земен отец. Трајко лежел на претсмртна постела, а ти си го натерал да го бакне парти(зан)ското знаме. Брзо потоа Трајко умрел. А ти си немал чувство дека ти умрел татко, туку некој грешник кого во последен час си го преобратил во вистинската, комунистичка вера.

Го пишував ова, мој Димитрија, во еден расказ посветен на тебе. Во расказот не е кажано, ама овде нека биде пишано на бела книга и на црно писмо, дека причина за болеста на Трајко (што личела на офтика), угледен чаршиски бакалин – си бил токму ти, мој Димитрија. Кога си влегол кај болникот, осоколен поради победата, ти уште не си знаел дека поради тебе татко ти искинал седум постели. Си избегал голобрад и едвај седумнаесетгодишен, во 1942-та, прекуноќ во партизани, без да му кажеш некому, освен на мојот татко Верољуб, најмалото дете во семејството. И, како што ти си пребегал во партизани, татко ти Трајко, дознавајќи за тоа од четиригодишниот Верољуб, незабележливо и тајно ја иселил целата своја магаза во планина, да не му гладува детето со другарите. Пропаднал газда Трајко за неколку месеци, ја затворил бакалницата, зашто пари за нова стока немало, и потоа од јад се разболел.
Е, потоа доаѓаш ти, Димитрија, на белиот коњ на смртта, и бараш од него да се откаже од Свети Никола и да ја бакне петокраката. Имаш ти и други маки на душата, Димитрија, а за кои ми раскажуваше кога бев на оние години кога ти веќе си бил револуционер. Нешто од тоа имам и снимено, на стар магнетофон „ленташ“, ако воопшто е во употреба. На пример, си имал молскавична кариера во Тајната служба, ОЗНА ли беше, УДБА ли беше, КОС ли беше, магнетофонот знае, не јас. На служба си бил пратен во Белград, од наше мало Куманово. И голем чин и слава си стекнал, како праведен човек – револуционер, што делел правда и секому му судел според грамот и тасот.

Ама, еден декемвриски ден 1948 година, по претходно помината ноќ со гола и жешка руска убавица во „Хотел Москва“, те уапсиле. Твоите. И тебе, на судијата, ти суделе. Во чантата на убавицата, додека таа се туширала, си нашол документи на Руската тајна служба и извештаи за тебе, како за разузнавач. Што се случило потоа не знам, ми бегаше лево-десно во муабетот. Дал’ сам си се пријавил, дал’ неа си ја пријавил, не знам, ама знам дека останав во шок кога како студент, години подоцна, во еден познат југословенски филм видов идентична сцена: разузнавач наоѓа документи за себе кај руска убавица и таа завршува низ прозорец, на плочникот пред хотелот. Често ли било тоа тогаш, Димитрија? Да мериш што е поголемо: љубов кон партија или љубов кон жена?
Потоа, две-три години си поминал на Голи Оток, гол и жежок не како руска убавица, туку како пустина. Кога си се вратил, кажуваше татко ми, со ноќи си имал кошмари. Ама си се повратил некако. Си добил и работа, а и партиската книшка ти била вратена. Ти, Димитрија, со сјај во очите му ја покажуваше секому, нагласувајќи дека си РЕХАБИЛИТИРАН. Под „рехабилитиран“ ти подразбираше дека горчливо се покајале тие што рекле дека не си комунист, па „рехабилитиран“ за тебе значеше – комунист на квадрат!

И уште, до крајот на животот не сакаше да кажеш: зошто на 11 ноември си ја сломил иконата на Свети Никола, а си ја поштедил на Света Петка? Ама јас сфатив, зашто потоа ми раскажуваше како со помодрени раце и нозе, готови за ампутација, сте минале низ Февруарскиот поход. Сте заноќиле во еден манастир. Измрзнати и гладни, сте заспале во црквата, а околу сте поставиле стража. И, само што сте заспале, тебе во сонот ти се јавила покојничка, подалечна роднина што била видовита, а сте ја викале Света Петкана. Е таа, што како дете многу те сакала, во сонот ти свикала: „Станувај Димитрија, ќе ве заколат!“. Си скокнал, си излегол во манастирскиот двор и си ги видел првите стражари заклани од Бугарите (денес НИЕ сме добри со нив Димитрија, не бери гајле за мене). Си истрелал од пиштолот, скокнале другарите и некако сте се извлекле. Е како така, Димитрија, објасни ми? Ем Света Петка, ем петокрака? И кој повеќе те сакал тебе, Димитрија? Света Петка или петокраката? А ти, кого повеќе од нив сакаше?
Пред да се разделиме за последен пат, ми рече: „Најголема грешка ми е што судев, внучко“. Не рече „грев“, туку „грешка“, по комунистички, зашто грев се окајува во солзи, а грешка се поправа без солзи, со гордо чело. И затоа ќе ти раскажам една приказна за крај, Димитрија: во воз седеле татко и дваесетгодишен син, со уште неколкумина патници. Синот постојано прашувал: „Тате, што е она бело?“ „Снег, синко“. „А она зеленоно под снегот што е?“ „Трева, синко“. „А она кафеавоно, тате, под дрвјата?“ „Земја, сине“. А кога момчето излегло за миг од купето, патниците му рекле на таткото: „Зар не гледаш дека детето ти е за на лекар? Носи го, дваесет години има, а поставува прашања како дете од три!“. А таткото им рекол: „Од лекар и доаѓаме, луѓе. Детето ми прогледа пред три часа“. Затоа, господа, не судете брзо. И никому, зашто има нешта што никој не ги знае за другиот! Така и ти рече, Димитрија: уште еднаш да се родам, не судам никому.

И чуму бре Димитрија, сите тие твои распетија, како за светци да си страдал? Зар за овој народ, во кој и денес оние што не прогледале им судат на оние што прогледале? За кого бре апсења, Голи Отоци, ампутации на нозе, подливи од ќотеци, за кого смртни гревови, за кого? Но еве ти и утеха: комунизмот не ти е мртов! Не, не е во твоја Русија. На запад е сега. Така, убаво, на запад. Од таму ни праќаат сега исти униформи и за телата и за умовите. Ме слушаш ли, Димитрија? Што се смурти, бре?! Честит празник, Димитрија. Јас ти го прославив, за другите не знам. Јас помнам.