Само Бранко се врати

Треба да се верува дека на Заев му е сосема јасно дека не е иста силата кога си претседател на влада, а потоа си само претседател на партија, макар и водечка и владејачка. Двата стола имаат различна тежина, на штета на партискиот, кој тежи помалку. Во неговата кариера, локално самоуправна во Струмица и државна во Македонија, се движел само нагоре, ја нема доживеано горчината на поразот, на падот од високо на ниско и на осамeноста по тој пад

Насловот во текстот е за Бранко Црвенковски, неговата содржина за Зоран Заев, политичката личност број еден во последниве четири-пет години во Македонија. Неговата силна позиција е ослабена во согласност со пржинскиот договор и прашање е како ќе се снајде во неа, особено што го чека мошне тежок период. Откако Заев го предаде мандатот за претседателското место на северномакедонската влада чукна гонгот за почеток на изборната трка за формирање ново македонско собрание. Истовремено почна и сезоната на ловот, во кој жртвата треба да биде истиот Заев. Човекот што речиси пет години беше главен политички протагонист во улога на гонач, сега е веќе на другата страна, ќе биде безмилосно гонет од опозицијата до крајот на изборите, ако не и по нив, победил или изгубил. Неоспорно, тој ќе биде главната цел, главната опозициска цел околу која ќе кружат стрелите на противниците негови и на неговиот Социјалдемократски сојуз.

И покрај заканите од опозицијата дека ќе доживее тежок пораз на вонредните избори, Заев е оптимист дека неговата партија сепак ќе победи и дека тој ќе се врати во владината претседателска фотелја. Секако дека оптимизмот кај човека е една од најдобрите, најпозитивните карактерни особини, макар и кога се нема основа за него, но и тој понекогаш може да се претвoри во не мало разочарување. Фактите, судбините на поранешните негови колеги, не му одат во прилог. Освен Бранко Црвенковски, кој тогаш можеше да носи две лубеници под една мишка, ниту еден од поранешните претседатели на влади не се вратил на истата функција откако еднаш заминал од неа. Ниту со избори, ниту без нив. Бранко беше единствен и остана единствен. Но се врати само еднаш, иако можеби планираше повеќепати. Љупчо Георгиевски, Хари Костов, Владо Бучковски, Емил Димитриев и редица нивни партиски содружници не само што не се вратија туку се изгубија од политичкиот живот во Македонија. Изолирани, обессилени, политички хибернизирани, безгласни, безмалку заборавени.

Постојат две теории, две мислења зошто е така. Едната вели дека нивна лична одлука бил изборот да бидат пасивни и да молчат, бидејќи не гледаат реална можност да влијаат во општеството и да ги надвладеат актуелните лидери на партиите. Другата приказна кажува дека од странски фактори им е сугерирано, препорачано, дури и наложено (претерано е да се рече дека им е забрането) да не се мешаат, да не учествуваат во новата македонска политика ниту со дејствување ниту со искажување свое мислење. Во рамките на тие две објасненија се движеа и причините зошто Црвенковски не се кандидира за претседател на државата за втор мандат, што кај оние што го познаваат неговиот карактер беше примено со чудење. Секој од наведените лидери имаше свое време, свои пет минути, а прашање e кој како ги искористи, колку придонесе за развојот на државата, а колку за партијата или за себе. Секако, од сите претседатели на влади, најлошо помина Никола Груевски, кој под сериозни кривични обвиненија живее во егзил во Унгарија и за кого сѐ уште не се знае дали бегството од државата е негова лична одлука или е препорака и дело на неговите европски пријатели.

Треба да се верува дека на Заев му е сосема јасно дека не е иста силата кога си претседател на влада, а потоа си само претседател на партија, макар и водечка и владејачка. Двата стола имаат различна тежина, на штета на партискиот, кој тежи помалку. Во неговата кариера, локално самоуправна во Струмица и државна во Македонија, се движел само нагоре, ја нема доживеано горчината на поразот, на падот од високо на ниско и на осамeноста по тој пад. Тој и сега не „падна“ поради неуспешно работење, голема афера, финансиски скандал или изборен пораз. Тој факт, од своја страна, му дава одредена, поинаква сигурност, која ќе ја користи во претстојната кампања. Според изјавите што ги дава, верува (прашање е дали е убеден) дека во изборниот април ќе го избегне чувството на горчина и дека повторно ќе наздравува со шампањско. Тие околу него се уверени дека Заев со својата жилавост, упорност, способност за наоѓање креативни решенија, со подготвеноста целта да ги оправдува средствата, со отвореноста за коалициски преговори и договори, и овој пат ќе излезе како победник, и покрај силниот опозициски отпор предводен од ВМРО-ДПМНЕ.

Предностите што ги градеше во неговиот мандат може да му се вратат како бумеранг на овие избори. Тука пред сѐ се мисли на постигната спогодба со Грција за името и за договорот за пријателство со Бугарија. Не може да се рече дека со нив направи непростлив грев, но факт е дека навлече вжарен гнев кај маса Македонци по род, гнев што не го искажуваат само гласачите на ВМРО- ДПМНЕ туку и не мал број политички неопределени граѓани. Кон овој контекст, секако, треба да се додаде и усвојувањето на законот за албанскиот јазик како втор јазик во Македонија, кој ем не е примен добро во јавноста ем ќе предизвикува сериозни последици на штета на македонскиот. За него не е поволен фактот што по големите меѓународни пофалби за тие навистина храбри одлуки, државата не доби пропорционално соодветни награди. Особено негативно одекнува одлуката на превртливата Европска Унија, која не даде согласност за почеток на преговори, а силно играше на неговата карта. Унијата најбезобѕирно му зеде адути што тој ги држеше во рака.

Како поучен пример може да ја проучува судбината на неговиот пријател, поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас, кој, и покрај големите признанија од надвор, убедливо ги изгуби изборите дома. Освен Ципрас, може да му послужат и други примери, каде што по приемот во НАТО или во ЕУ лидерите на тие држави ги губеле владејачките позиции. Таква беше судбината на Јанша во Словенија, на Санадер во Хрватска, како и на царот Симеон, кој беше донесен во Бугарија само за таа, еднократна употреба. А и Груевски беше убеден дека ќе се врати по нелогичните но усвоени пржински услови. Не е без вистина тврдењето дека Американците, откако ги остваруваат своите интереси и цели во други држави, практикуваат политички да ги елиминираат главните сведоци во нивните валкани игри. Фала, пријатно, гудбај. Низ цел свет е познато дека не е мудро да се замеруваш со Американците, дури и со нивните најниски служебници.

Во периодот што следува Заев ќе биде лесна цел кон која ќе се гаѓа од сите оружја. Тој ќе биде главен таргет, американизирано речено. Историски гледано, Македонците имаат грда традиција, сакаат имињата на нивни дејци, револуционери, интелектуалци, големци и политичари да ги валкаат со кал и да уживаат во тоа бербатење. Таквото влечење низ кал, по правило, го доживуваат успешните. Речиси никој не останал неизвалкан, дали од едни или од други, дали од своите или од оние од спротивниот табор, од една или друга идеологија, од една или од друга партија.

Засега на Заев не му пречат тие сознанија, се покажа имун и кога го обојуваат со најцрни бои. Црпи самоувереност од некој само нему познат извор, иако негативни млазови ќе течат од повеќе страни. Сигурно ќе бидат побројни оние што брутално ќе го напаѓаат од оние што искрено го бранат и ќе го бранат. Најверојатно е дека од првите сам ќе се чува, опасности може да произлегуваат од лицемерите што го удираат по рамо и го убедуваат дека лесно ќе победи. Таквите, како и оние што јавно се фалат дека ќе гласаат за него, се поопасни од негласачите или противниците. Тие се првите што вртат кога ќе почувствуваат дека силата превагнува на другата страна од тасот на вагата. СДСМ е познат и славен по таквите постапки од времето на сончогледите. Се сеќавате ли што и кога беше тоа?

Значи, Заев по враќањето на мандатот се враќа на фронтот, во првите борбени линии, партизански кажано. Сега е на истото место од кое тргна од пред пет години, секако со многу поголемо искуство и со знаење на нови државни цаки. Но дали е на прав пат ќе биде актуелно прашање сѐ до 12 април, кога ќе бидат познати изборните резултати. Да сме живи и здрави, па да видиме.

[email protected]