Самоосакатени без бол, без страв и без срам

„Луѓето се спремни да си ја отсечат и сопствената нога, ако тоа им влева надеж дека е за добро“. Оваа аксиома што Платон ја поставил пред дваесет и четири века ние ја живееме триесет години, тука и сега. Секој од нас, во овие три декади беше спремен да се одрече од нешто суштествено, и на еден или друг начин, сите ние што имавме надеж дека е за добро си ја отсековме ногата. Во најдобар случај, едната нога. За жал, многумина од нас, си ги пресекоа и двете, верувајќи прво во едната страна на надежта, а потоа и во другата. И така станавме нација на осакатени луѓе. Ова го кажувам како метафора, како за луѓе со пресечени нозе, осакатени духовно, внатрешно, но сведоци сме дека во име на доброто некои од нас се самоосакатија, а некои ги осакативме ние, буквално, дури и физички. Им ги отсековме нозете. Може ли да се биде морален и етичен во земја каде што лагите, криминалот и грабежот се легални, озаконети и општоопределени како прифатлива реалност, со јазикот на утеха за грешните – како нужно зло со кое не се согласуваме, но го прифаќаме. Може ли да се биде морален во држава во која владеат тиранија и тирански закони со кои власта присилно ги осакатува луѓето, а оние што се противат на тоа или не сакаат да се самоосакатат се прогласуваат за грешници и се казнуваат според законот на тиранијата?! Може ли?! Има кај широкиот Платон и вакви широки одговори. Но малку подолу за тоа. Може ли да се биде морален во земја во која мнозинството се одрекло од слободата и правото дадено дури и од бог? Ако веќе така сакате, да носите одлуки на вашиот ум, како слободен ум, слободен до таа мера дури и да не верува во бог. А вие со ум на потчинети робови одбравте да им служите на сопствените и што е уште пострашно на туѓите господари?! Може ли да се биде морален со вас?!

Не можам да верувам дека образовани луѓе што имаат пристап и можност за сознание, до таа мера се неосознаени и необразовани, па немаат изградено алатки за мерење на растојанието помеѓу основните нешта во животот, помеѓу убаво и грдо, лево и десно, горе и долу, напред и назад и во еден дел за просторот помеѓу возвишеното и ниското? Извинете, можеби е глупо и наивно, но и на оваа возраст, не го разбирам тоа. Умот не ми го прифаќа. И сосема на крајот не можам да разберам како со нас седумдесет години управуваат лажни учени, кои немаат создадено дури ни мал и ограничен, сосема нужен животен простор за определување на тоа што е морал, етика и на крајот од сѐ за тоа што е добро или лошо? Пред пет години, едни ваши луѓе и нивните странски господари ви ветија дека треба да си ја отсечете едната нога за нешто што е добро, а тие го поседуваат тоа добро и ако ги послушате ќе ви го дадат ветеното добро. И така и се случи. Ви побараа да си ја отсечете едната нога. И си ја отсековте. И сега се прашувате дали нешто ви недостига? На почетокот е така. Психијатрите велат дека долго време по губењето на дел од телото, човекот мисли, има чувство дека тој дел постои. Така и вие самоосакатени мои. Разбирам, не ја чувствувате сега загубата. Ја отфрлате како реалност. Но ќе помине и тој момент и ќе мора да се самосоочите со новата реалност: дека вие сте сакати луѓе! И мора да прифатите и да најдете начин како да живеете со тоа.

И секако, мора да се соочувате со погледите на другите луѓе што се со две нозе, мора да се соочите со очигледното дека веќе ништо не е исто за вас, дека вие сте хендикепирани и дека мора да се придржувате за нешто или за некого за да се движите. Во најдобар случај да се примирите дека за вас ќе има и одделни од другите, луѓе со две нозе, само за вас самоосакатените ќе се определат патеки, скали, лифтови, столчиња, чекалници и шалтери. Ќе имате обележја на автомобилите, на паркинзите, пред вратите на вашите канцеларии, вашите институции и пред вашите домови. Така сте си избрале. И она што е најболното во целата оваа автоегзекуција: ќе мора да наоѓате одговори на прашањата на вашите деца и внуци зошто сте со една нога? Го знаете одговорот, нели: „мене ме убија“! И сега, сѐ што се прави е со цел да се прекрие фактот дека вие сте инвалиди, луѓе со отсечена нога. Во име на доброто. Но дали го добивте она што ви се вети за добро? М? Дали ќе биде подобро? М? Ќе биде. Треба само да си ја отсечете и другата нога. Ете, тоа се бара од вас. Да си ја отсечете и другата нога. Јас до тука. Вие видете. Во целата оваа состојба вие самоосакатените може да си дозволите мало човечко задоволство дека не се ставиле себеси во таква ситуација да се самоосакатувате јавно, пред сите. Видовме овие денови како јавно и без грам болка, со психопатолошка смиреност на амеба, на човек чевличе без личност и без нервен систем, кој барем ќе пренесе информација за страдање и за бол, ќе си ја сече ногата на телевизија, на говорница, пред името на оној за кој го прави тоа јавно себесакатење – „Влада на Република Северна Македонија“. Какво риалити? Не знам дали сите оние биг брадери, преживувања, фарми и задруги можат да му се приближат на ова „северномакедонско“ телевизиско шоу во кое година и половина главна ѕвезда беше доктор Венко Филипче.

И какво финале, драги мои? Не знам дали знаете, но во овие формати, протагонистите имаат совршено сценарио. И не знам дали знаете дека за специјални драмски ситуации како што се секс, онанирање, копрофагија, физички напади и друг вид егзибиционизам, продуцентите на шоуто плаќаат големи хонорари за учесникот протагонист да го направи тоа што се бара од него! Па си мислам, американскиот продуцентот на шоуто „Република Северна Македонија и ковид-кризата“ колку му платил на учесникот Филипче за на крајот, кога е сосема јасно дека губи популарност и дека во гласањето публиката ќе го исфрли од шоуто, тој доктор Венко да се согласи јавно пред екраните, во живо да си ја сече ногата, без глас, без, болка, без страдање! И без срам! Секоја чест! Јас разбирам дека самоосакатувањето е состојба што прво мора да се случи во вашата глава, прво мора да го прифатите тоа како нужност во име на некое добро. И ако тоа ви успее да го направите, да го произведете како состојба на духот и умот, тогаш самиот чин на самоотсекување на ногата е едноставен и главно безболен. Тоа го видовме и повеќе не е аксиома, туку факт. Драги мои, убеден сум дека идните генерации студенти по медицина, особено во психопатологијата ќе го користат експериментот на доктор Филипче, кој како што им доликува на големите научници, несигурен во вистинските лековити својства на лекот што го открил, во име на прогресот и науката го применил прво на себеси. И така, од доктор Џекил станал мистер Хајд! Не е ова првпат, драги мои. И не ни се случува ова саде нам Македонците и саде во Македонија. Во последните колумни се обидувам да ви го пренесувам тоа на различни начини.

Се учиме на сопствените грешки. Знам дека боли, но тоа е, нема како да не боли! Видовме и од погорниот експеримент дека за разлика од оној човек што си ја самоотсекува ногата и тоа го прави сознателно и во моментот на отсекување не го боли, здравите луѓе, оние што не прифаќаат да се самоосакатат и не можат да се одбранат од сатарите на тираните касапи, врескаат, се бунтуваат, плачат и лелекаат кога им ја отсекуваат ногата. Нормални и здрави луѓе така реагираат. Плачат и страдаат за загубата. И ќе има ли правда за осакатените со силата на тиранијата? Ќе бидат ли казнети тие што им нанесуваат болка на другите луѓе? Ќе биде ли срушена тиранијата на власт без страв од болка? Да. Секако. Идеализам ли е ова? Да. Па нели зборуваме за Платон што ја постави како филозофска теза и аналогијата дека: „Во државата е природно владејачките класи да воспоставуваат законска управа, дека демократите носат демократски закони, a тираните тирански закони според кои се определува што е добро, а што лошо. И сите заедно имаат крајна цел да го прогласат за грешник и да го осудат тој што нема да ги почитува тие закони“. Јас сум уметник и природно ми е да верувам во идеали. Јас верувам дека има подобар свет од овој. Свет во кој идеите и идеализмот се она што ќе го движи светот кон подобро утре или евентуално кон подобро задутре. И дали некои идеи и некој идеализам некогаш станале стварност? О, да! На 2 август 1944 година идеализмот, барем во еден дел, станал стварност. О, да! На 8 септември 1991 година идеализмот стана стварност, барем во еден дел. Најпосле, кога почетна точка ќе биде светот на идеите, има ако не друго барем надеж дека светот на стварноста еден ден може да биде и идеален. Најпосле, ако не биде денес, ќе биде во светот на оние по мене, а мојот свет е и светот во кој јас некогаш сум бил. Како што дел од мојот свет денес и по неговата физичка смрт е и светот на човекот Аристокле, познат како Платон. И секако се надевам дека до крајот на овој мој свет, оној другиот ќе го дочекам ако не поинаку, барем на две нозе. Драги мои, останете на две нозе.

Верувам дека ќе има ден кога на едно изгрејсонце, можеби со искинати чевли, можеби дури и боси и со рани, но сепак на две нозе ќе ја дочекаме ако не друго, барем онаа во песна опеана зора на слободата. И една мала дигресија за крај. Се зборува дека ИРА имала кодекс според кој со истрел од куршум во зглобот на левата нога требало да се осакати секој Ирец што соработува со Англичаните. И така, кога ќе одат по улиците на ирските градови и села секој да знае кои се тие луѓе. Сакати на едната нога. Поштедивте многу луѓе со пиштоли во раце. Ете, ко што кажува поговорката: во секое зло има и нешто добро. Фала ви за тоа што се самообележивте. Што се самоотсековте од вашиот народ за едно ветување дека ќе биде добро. Добро ли е? М?
Авторот е режисер и универзитетски професор