Сакам да си одам од оваа планета

И јас во почетокот, безумните одлуки против невакцинираните ги доживеав како фашистички. Потоа си реков, стој, не биди глуп како либерал кој сè што не е според неговата матрица го нарекува фашизам. Фашизмот беше дел од историјата и ја заврши својата валкана работа. Ова денешново безумие ќе си добие свое име. Иако, реално, патуваме кон дистопија. Медицината се изгуби во сопственото разногласие

Имав гаден кошмар. А сонував некоја убава перверзија. Потоа упаднаа двајца. Ваксер и антиваксер. Ти, вакциниран си, веднаш праша ваксерот. Не, одговорив. Ваксерот позелене. Ти, се издра, како и овој овде антиваксер, не смеете да сте со мене во овој сон, ми ја загрозувате безбедноста. Ама ова е мој сон, будало, му вратив. Гајле ми е, вреска ваксерот, губи се од твојот сон, ќе го викнам Филипче, полиција, Фаучи. Тамам да му ја залепам една, ме граба антиваксерот. Да бегаме, ми вели, вакцинираниов е опасен, ќе нè зарази. Иш бре, лудак, му свикувам, ова е мој сон, сфаќаш? Плус вирус не се пренесува во сон. Антиваксерот позелене. А ха, знаев, се дере, сигурно и тебе те чипирале. Сега и јас почнувам да позеленувам. Одлучувам да се пресметам физички со двајцата и да си ја вратам перверзијата што ја сонував.
Не успевам. Во сонот ми упаѓаат триесет и седум доктори. Луѓе, смирете се, велат докторите, слушајте ја науката. А зошто сте триесет и седум, прашувам. И тогаш почнаа сите одеднаш. Вакцинирај се, не се вакцинирај, само со прва доза, мора две, само три помага, и тоа „Фајзер“, никако „Фајзер“, џабе се вакцинираш, има нови мутации, не е џабе, нема да умреш, ама може и да умреш ако си вакциниран, може да умреш и ако не си вакциниран, подобро да го прележиш коронавирусот, не е подобро, не може да се создаде колективен имунитет, е баш може, кој си ти да кажеш, доктор сум, па и јас сум доктор, да ти се посерам на дипломата, а јас тебе на жена ти…
Смирете се, се издрав. Замолкнаа. Видете, им реков, јас многу сакам филозофија. Таму секој има различен светоглед на битисувањето. Ама медицината како нова филозофска гранка, не ја сакам. Премногу различни гледишта за мој вкус. А сега дезинтегрирајте ми се од кошмар. Исчезнаа. Тргнав и јас да си одам од сонот. Застани, чув нежен женски глас, оној од перверзијата. Остани, ми рече, и во реалноста е кошмар, ќе посакаш да си одиш од планетата.

Започна нацистичка Германија со својата реформа, заштита на здравјето на германската раса од заразниот еврејски вирус. И поведоа нацистите една група Евреи кон најблиската железничка станица. Во еден миг се слуша: „Сите на колена!“. И сите паѓаат на колена. Сите освен еден. На нацистите не им се верува. Уште еднаш се слуша гласот што заповеда да се клекне. Човекот не клекнува. Нацистот вади револвер, минува низ клекнатите, стига до оној што пркоси. Му го става револверот на слепоочница. „Клекни!“, се дере. Непослушниот останува на нозе. Нацистот му стрела во главата. Крај на приказната.
Како оваа приказна ќе ја доживее денешниот човек? Модерниот човек ќе објасни дека е добро да се клечи, тоа е еден вид јога, а овој глупиов што стои, не се грижи за своето тело. Добро упатениот ќе ни каже дека на сите медиуми рекле, демократски е да се клечи, а оние што стојат имаат диктаторски ум. Тука ќе се надоврзе либералот и ќе срочи како клечењето е дел од западните вредности, а ти копиле што одбиваш да клечиш пред овие фини господа, ти си смрдлив небањат фашист. Активистите веднаш ќе заврескаат, мои колена, мое право на клечење, а овој што стои да се набие на колец. Македончето ќе каже со пола уста, а бе мора да се клечи, сè е веќе договорено од моќните, нам традиција ни е да клечиме, само овој што стои да го убијат побрзо, не дај боже да дознаат дека сме соседи, може и мене да ми се налутат зашто се познаваме. Затоа нордистанецот гордо ќе изрецитира, ова клечење е добро за нашите евронацистичките интеграции, само стокава небањата што стои, заради таквите како него си патиме. На ова ќе реагира патриотот со муабетот, клечам јас сега, ама кога ќе им станам еден ден, има да видат убаво. Добро сега, не како овој забеганиов што стои, го знам јас него, гарант е платен од нацистиве да не клечи за да станам и јас, да видат дека сум патриот, па не ми гине куршум.

Обвинителството во Нордистан ќе издаде соопштение во кое се вели дека клечењето те отвора како пупка, а овој што стои е терорист, пресудата веќе е напишана. Интелектуалната бижутерија хистерично ќе вреска како убавите урбани луѓенца секогаш клечат, а оној кретен си мисли дека стоењето ќе му ги плати сметките. Професори стручно ќе објаснат дека клечењето како транспарентност во севкупниот демократски дискурс е задолжителна превентивна форма на хуманистички акт што во догледно време ќе се покаже како цивилизациска вредност, за разлика од стоењето, кое е класична субверзивна нездрава појава, која мора да се сузбие со репресивни мерки. Ваксерите ќе ни кажат како цела наука тврди дека клечењето е сигурно и здраво, само кретенов антиклечачки шири теории на заговор дека од многу клечење може да добиеш воспаление на колена. Ама и антиваксерот има што да каже, па ќе објасни дека клечењето е чин на оддавање понизност пред вонземјаните што тајно владеат со планетата, а стоењето е фаза на чипиран човек, кој откако примил елиенска вакцина, сега стои исправен пред господарот. Јас ќе го сослушам сето тоа и ќе заклучам. Сакам да си одам од оваа планета.
И јас во почетокот безумните одлуки против невакцинираните ги доживеав како фашистички. Потоа си реков, стој, не биди глуп како либерал кој сè што не е според неговата матрица го нарекува фашизам. Фашизмот беше дел од историјата и ја заврши својата валкана работа. Ова денешново безумие ќе си добие свое име. Иако, реално, патуваме кон дистопија. Медицината се изгуби во сопственото разногласие. Секој доктор своја приказна. Кај нас тројца ги имаме и секој своја песна пее. Политичарите станаа поголеми експерти од докторите. На светот малку му се поделби, па мораше да се закрват ваксери и антиваксери. Ама, па, луѓето длабоко во себе уживаат во закрвеност. Медиумите шират исценирана паника. Медиумите секојдневно објавуваат информации што ги побиваат претходните. Светот патува кон научнофантастична приказна, која и на Орвел и на Хаксли ќе им се види морбидна. Битисувањето заличува на Откровението од Свети Јован Богослов.

Науката е во служба на моќта и профитот. И нашиве мерки се дел од експериментот. Додуша, како и самиот Нордистан, гротеска се. Ќе ми забрани да одам во кафеана и театар, ама може да работам, да се возам во автобус и да одам на гласање. Каде што постои голема шанса некој вакциниран да ми пренесе вирус. А такви ќе ги има сѐ повеќе. Ем вакцинирани, ем болни. Нордистанците се истепаа да се вакцинираат за да можат да се печат на плажа и да дремат по кафеани. Тоа се нивните врвни животни приоритети.
Ги чув глупите мерки и ми се згади. Ги видов луѓето испотени и бесни подготвени да се изгазат за кафеанска вакцина и ми дојде да им ја плачам бесмисленоста. А вие малкумина, кои не сте западнале во наметнатата ваксерска и антиваксерска хистерија на ликови што заради стравот од смртта стануваат смртоносни за здравиот разум, ама истовремено логиката ви вели дека вакцина не може да биде доволно истестирана за вака краток период, патем очигледно не заштитуваат како што ги рекламираат, а обвиени се многу повеќе со политичко корпоративна обланда отколку со вистинска научна расправа, не плашете се од ригорозноста на мерките против вас, оти што посурови стануваат и колку се поагресивни нивните поддржувачи, толку побрзо ќе согорат во сопствената деструктивност.
А мене кафеаните и театрите на чистата здрава раса не ми требаат. Јас и онака само сакам да си одам од оваа планета.