Рушење на партиите

Драги мои, ние денес живееме во демократија што се практикува низ политичкиот состав на повеќепартизмот и, наједноставно кажано, претставува право на избор на најдобрата понуда на вредности од избори до избори. Тој состав подразбира борба на различности, кои, нели, се аксиома за општиот прогрес – преку слободна конкуренција на идеи и програми. Сето тоа низ дијалог, баланс, ама и политички консензус за клучните општествени потреби. Но тоа во Македонија, драги мои, не е така.

Политичките партии наместо да произведуваат вредности тие создаваат негативности. Наместо да поттикнуваат состав за напредување на најдобрите тие создаваат хиерархија во која управуваат послушните. Наместо да бидат алатки што ќе ги решаваат општествените аномалии, тие генерираат проблеми, антагонизми, конфликти, борби па дури и војни! Политичките партии се тие што во Македонија создаваат кризи и недоразбирања, кои во овие триесет години ги поделија граѓаните на национална, верска, расна и полова основа и на крајот ги насаскаа едни против други. Така, денес ние имаме војна на партиите заснована на постлибералната политичка доктрина и стратегија – секој против секого! Со последните настани од пред 2 години направија и интеретничка и интеррелигиска сегрегација внатре меѓу Македонците. Но, бидете така, тоа не е сѐ! Што друго ни донесоа повеќепартискиот состав и политичките партии во Македонија.

Социјално раслојување и радикално зголемување на сиромаштијата наспроти богатството на грст новосоздадени капиталисти.
Уништување на здравствениот систем.
Колапс на социјалниот систем.
Растурање на образовниот систем.
Губење на општествените вредности, јавниот морал и етика.
Интергенерациски јаз и уништување на националните, религиозните, семејните и другите патријархални вредности.
Целосна духовна дезориентација.
Видно оштетување на основниот личен и колективен инстинкт за самопреживување.
Бришење на точките на идентификација со државата, нацијата и другите колективни вредности.
Масовно губење на мотивацијата за креативност, самодокажување, натпревар на идеи, спорт, уметност и творештво од секаков вид.
И на крајот од сѐ, се случи и општо намалување на самодовербата и страв од индивидуален подвиг, што е темел на демократијата и либерализмот!
Ова, драги мои, зборува дека во Македонија политичките партии и повеќепартизмот ја урнисаа основната идеја на капиталот и капитализмот дека успехот на еден човек е општественото гориво што го движи составот напред кон прогресот! Идејата на либералниот свет за поединецот и неговото лично достигнување како столб на демократијата е фрлена на депонијата на општеството, оставена да скапува, да смрди и да труе!

Но тоа и не е најстрашното! Најстрашното е тоа што политичките партии во Македонија создадоа политички состав во кој политичките партии се единствениот пат за кариера и напредување во општеството и најголем, најсигурен и најбрз начин за стекнување капитал. Политичките партии, членувањето во нив и активизмот не се повеќе можност за реализација на заедничките копнежи и поле за натпревар на соидејници, туку фирми, акционерски друштва, кои тргуваат со општественото богатство со крајна цел – лично и богатење на мали групи, а во последните петнаесет години и своевидна македонска Камора во која политиката е семеен бизнис, односно „наша работа“ на братучеди и браќа!
Како и кој ги „расипа“ политичките партии и мотивот за членувањето во партиите? Одговорот е сосема јасен: за општиот колапс на составот на политичките партии како средиште на идејниот и социјалниот живот во Македонија виновни се политичките елити, центрите на економска моќ (основно домашниот капитал) и, секако, на последно но круцијално место таканаречената „меѓународна заедница“, која некогаш премолчено, а некогаш и јавно го помагаше тој процес организациски, персонално и финансиски! Како беше направен тој состав?

Прво, со лична корупција на лидерите на политичките партии пред да дојдат на власт или набргу откако ќе бидат устоличени, за нивна контрола од страна на меѓународната заедница заради исполнување на нивните геостратегиски цели и контрола на лидерите од страна на македонската економска елита со крајна цел пристап до јавни набавки, буџетски пари и на крајот заштита од правен прогон.
Второ, избор на потпросечни (не медиокритети, подолу од медиокритети) кадри на врвните партиски и државни позиции, за нивна контрола од лидерот или од лидерите.
Потоа, јавно видлива корупција на вториот ешалон на партиските кадри и државни службеници.
Создавање состав на општ клиентелизам во кој секој граѓанин добива определена привилегија или материјална корист од партијата олицетворена во државна власт, за создавање општо чувство на соучесништво и лична вина кај секој граѓанин со крајна цел немање општествена контрола.
Мимикрија на општествените вредности и изместување на идејните средишта на партиите како леви, центристички, десничарски, социјалистички, демохристијански, либерални или конзервативни, на пример.
Разместување на основните општествени категории како што се: горе-долу, напред-назад, лево-десно, убаво-грдо, возвишено и ниско!

И на крајот од сѐ, политичките партии создадоа состав на партизација на администрацијата, институциите и органите на управа, кои ставени во таква состојба престанаа да ја вршат својата основна работа – да им служат на државата и на граѓаните. Тоа најпосле кулминираше со распад на државната управа и замена на една партија како работодавец со друга, од причина што државната администрација партиите и нивните лидери ги препознава како работодавци на кои им служи, а не на граѓаните и интересите на државата. Последица на сето тоа е распад на правниот состав и според јавното и недвосмислено признание на сегашниот претседател на државата Стево Пендаровски, создавање држава во која политиката ќе владее над правото! И помалку од една година по таа изјава, како кандидат на најодговорната партија за целиот овој хаос беше избран за претседател на Македонија!

Значи, што е следната работа што треба да се сруши и изгради одново? Партиите и политичкиот состав се она што по образованието и правораздавањето мора да се реформираат радикално во новата Македонија, доколку сакаме, ама навистина, ако сакаме, воопшто да помислиме дека промените е возможно да се случат. Доколку, како сега, партиите и понатаму продолжуваат да бидат основниот и најголем кончничар на општествените промени, ние, драги мои, нема да промениме ништо. Затоа, пробудете се: О вие морни копачки и копачи на трудот, кревајте казмите и чеканите и удрете на нив! Нема друго. Не разбираат тие ништо друго освен сила! А силата, драги мои, анархисти, тоа сме ние!

Авторот е режисер