Родители и деца

Претседателската кампања почнува денеска, на први април, но се чини ѓаволот одамна ја однел шегата. Поточно, од моментот кога јавноста се вознемири од еден кавал… И тоа не обичен кавал, туку во рацете на возрасниот син на претседателската кандидатка. Користејќи техника на мегаизвестување (metareporting), а обидувајќи се да го избегнат дното на порталите и социјалните мрежи, угледни медиуми ја пренесоа „веста“, проследена со фотографии и снимки, па дури и со насловни страници, како да е прашање од национален интерес. Борци и борки за човекови права едвај ја дочекаа „жртвата“, па дури се заканија дека уште подлабоко ќе копаат по (валканата) долна облека, по болести, скандали, зависности и што ли уште не. Нема да влегувам во отплеткување на она што веќе стана валкана пропаганда и ad hominem кампања насочена само кон еден кандидат, без оглед колку и да се легитимира тоа со наводен јавен интерес, демократски стандарди за приватноста на политичарите и потребата од отчетност. Она што е многу позначајно е тоа што се крие зад евтината политичка хајка, а тоа е прашањето за тоа како во ова општество се гледа на односот родители и деца. На пример, еден левоориентиран твитераш праша: „Не знам како очекувате да ги оставиме децата на кандидатите за претседател на раат? Мислите дека тие не се одраз на воспитувањето и културата на нивните родители?“. Друг, десноориентиран фејсбукчија, кој заклучил дека мајката е „објективно најодговорна за неговото воспитување“, постави слично прашање: „Ако Сиљановска не успеала да произведе продуктивни граѓани дома, со кој образ бара позиција на управување на целата држава?“.

Оваа колумна, за мнозина недозволиво лична и емотивна, е напишана од мајка; од жена на која, како и на сите други жени, општеството (олицетворено преку доминантните машки гласови) им го става товарот за „најодговорни за воспитувањето на децата“, дури и во 21 век. Оваа тривијална приказна за кавалот, за синот и мајката, е само повод, кој на виделина ја изнесе бедата на паланката, сите (не)скриени стереотипи. Но ако ја апстрахирате видливата политичка намера за лична дискредитација, се соочувате со една вечна тема: родители и деца! Колку се родителите директно одговорни или заслужни за тоа какви луѓе ќе станат нивните деца? Дали треба да ја носиме сета одговорност, или сета гордост, за она што од својот живот го направиле нашите деца? Кој има право да суди дали нечие дете е лузер, безделник, или продуктивен и успешен член на општеството или само живее свој живот што не се вклопува во општествените конвенции?

Главно, морализираат луѓе без морал, а многу често и луѓе без родителско искуство или со сѐ уште мали деца. Како мајка на три возрасни деца, а и како дете на либерални родители, знам само едно: децата никогаш нема да станат свои, вистински личности, ако родителите им дишат во врат, ако им ги наметнуваат своите погледи на свет, својот морал, и од нив прават свои мали (и големи) копии! Најмногу што можете да направите за своите деца е додека се мали да бдеете над нив и да им се тресете за секој чекор, секоја кашлица или сипаница, за секое скршено колено или глава, и патем да им пренесувате некои вредности или да им давате (добар или лош) пример. Но штом пораснат, или дури и пред тоа (во училишниот систем), вашето влијание, сакале или не, слабее. Пријател-татко на два брилијантни сина, со право, вели дека родителската мисија на крајот се сведува на она „више срече, него памети“. Да беше како што велат твитерашите и фејсбукчиите, децата на гениите и на великаните секогаш ќе беа гении и великани. Но од лоши родители неретко излегуваат брилијантни деца, кои го задолжуваат целото човештво со своите изуми, уметност или работа, и неретко добри родители можат да се соочат со ситуација во која децата го загубиле компасот и западнале во несреќа (но, ако се добри, ни тогаш нема да се откажат од нив).

Најчесто за децата посакуваме да се среќни (иако мнозина ја мешаат личната среќа со општествената успешност, според наметнати стандарди). Но суштинското прашање е што е лична среќа!? Дали децата постојат за да ги задоволат нашите стандарди или можеби ние се остваруваме/докажуваме преку нив (па дури и лечиме комплекси)? Дали и самите не сме продукт на општествено наметнати конвенции за тоа што е успешно родителство, што се успешни и ценети луѓе? Дали тоа се гледа во статусните симболи (автомобил, скапа облека, станови, луксуз) или во нешто друго? Што е тоа што секој од нас го прави исполнет, вреден, среќен? Она што сега го знам, а можеби не сум го знаела пред 36 години, кога првпат станав мајка, е дека родителот цел живот се сомнева во себе. Цел живот се прашува и ќе се прашува дали дадов сѐ од себе. Дали погрешив и како влијаев на децата? Дали бев премногу или премалку присутна во нивниот живот? За тоа нема формула! Секој со своите дилеми.
Се сеќавам на една дамнешна епизода: извесно време децата повремено одеа во некој коњички клуб и секогаш се враќаа воодушевени не само од коњите туку од жената тренер и од тоа колку била среќна со грижата за коњите. Слушав седната на компјутерот (бркајќи некој рок за научен текст), па ги прашав: Откај знаете дека е среќна, можеби е неостварена штом се зафатила со таа работа? И добив одличен одговор (и лекција што ме натера сериозно да се преиспитам): најмалата ќерка ми рече дека можеби кога таа жена би ме видела (закопана во книги) би се прашала дали е ова живот на среќна жена. ТОНЧ!

Имав среќа да растам покрај многу либерален татко и малку поконзервативна, ама разумна мајка. Таа сакаше контрола, ред и дисциплина, а тој ми даваше слобода, ми ја јакнеше самодовербата, ме пушташе да летам. И ми веруваше! Никогаш не одеше на родителски состаноци, не го интересираа моите оценки, ниту ги сметаше за вистински одраз на мојата вредност. Растев со чувство на слобода и додека растев правев грешки (за среќа, не од тие што се непоправливи). И станав своја, токму можеби поради отпорот кој морав да го челичам покрај силната мајка (таа беше со нозете на земја, а татко ми со главата во облаци, со идеали и поезија). Покрај силен родител, мора и ти да бидеш силен за да станеш свој. Со квантен скок, јас и мажот ми го надминавме социјалното (работничко и селско) потекло на нашите родители и направивме врвни кариери, па предизвикот на воспитување на нашите деца беше сосема поинаков. Ако нам ни беше лесно да ги надминеме родителите, сега предизвикот беше да не им се наметнат на децата императиви што тие не ги сакаат или да се направат разгалени и мрзливи деца на докажани родители. И што сторивме? Пораснавме три ќерки без да им дишеме во врат. Не одевме на родителски средби, особено кога видовме на кое ниво се наставниците. Не им наметнавме стандарди (мора да ги имаш сите петки, мора да си најдобра, мора да станеш доктор на науки – а кога тие го избраа тој пат, тоа не беше за да нѐ усреќат нас, туку заради себе). Битно беше формалното образование да не им ги задуши љубопитноста, креативноста и потрагата по сопствено место под сонцето.

Тоа не значи дека нивното растење било ослободено од проблеми, од чекори напред и назад, дилеми и сл. Битно е што на крајот го одат патот што самите го одбрале! Секоја се разликува не само од родителите туку и од сестрите. Секоја има свој стил на живот, свое разбирање за приоритетите и животните избори. Од мене можат да добијат само безусловна љубов, поддршка секогаш кога им треба – ама јасно им е дека јас не можам и не смеам да го живеам нивниот живот, ниту тие мојот. Секоја е уникатна, живее со добрите и лошите потези на својот живот. И да, и јас и татко им сме неретко цел на критика. На пример, често ми велат дека си го уништувам здравјето за земја што ни Господ (ако го има) не ја оправа. Ми велат да си го чувам здравјето, да пишувам романи, да не бидам Дон Кихот постојано на ветрометина. Но овој живот е мој избор, а нивните животи се нивни. И сега, кога се осамостоени, меѓу нас си постои онаа невидлива нишка на љубов и доверба, без оглед дали грешиме или правиме добри дела. Според сите наметнати стандарди, моите ќерки се успешни, но прашањето е дали се среќни. Дали сум пораснала „општествено продуктивни личности“? Секој со својот крст на плеќите, да заклучам метафорички. Колку и да сакам, не можам да ги поштедам од нивните разочарувања, бидејќи и јас на 60 години сѐ уште ги доживувам. Човековата среќа (и нејзиното разбирање) е нужно детерминирана и лимитирана од нездравото општество во кое живееме, како што одамна забележа Ерих Фром. Затоа, ако нешто споделувам со децата, тоа е не само заемната љубов туку и заедничката фрустрација со еден систем што почива на човековата несреќа, дискриминација, експлоатација, предрасуди и злоба кон другите/различните човечки суштества.
П.С. Ова е преработен фејсбук-пост, кој крена таква врева што дури се најдов и на насловната страница на еден магазин. Сепак, сметав за потребно да го споделам и вака.