На почетокот нека ми биде дозволено едно мало објаснување. На 9.6.2020 година на неколку портали беше објавен текст под наслов „Извинување до академик Ќулавкова“ од Ерол Ризаов. Бидејќи во текстот директно се споменува моето име, а некои настани опишани во него се однесуваат на мене лично, испишав реагирање на неговиот текст и го испратив до нив со молба да го објават. Се надевав дека ќе го објават, согласно нивната декларативна определба за слободно и фер новинарство, политика на отвореност и слобода во размената на мислења. Но, никој тоа не го стори. Затоа ја замолив редакцијата на порталот на весникот „Нова Македонија“ да го објави мојот текст. Дотолку повеќе што текстот се однесува на дел од не така дамнешната историја на весникот „Нова Македонија“. Текстот ви го предавам во целост.

Панде Колемишевски, поранешен главен уредник на весникот и генерален
директор на НИП „Нова Македонија’’

Одамна сум си дал завет да не се појавувам со реакции на текстови или во тв-емисии каде се споменува моето име. Долго сум држел до тоа ветување, но еве дојде ред да го прекршам. Зошто? Затоа што во објавениот текст на Ерол Ризаов под наслов „Извинување до академик Ќулавкова“ се изнесени гнасни лаги што не се за премолчување. Не заради мене, туку заради вистината, за да не останат читателите со погрешни впечатоци и заклучоци.

Читајќи го насловот на текстот очекував да биде некоја сторија посветена на (не) делата на академик Ќулавкова, општопризнат литературен творец, поет, есеист, публицист. Но наместо за омразата што навод но ја ширела Ќулавкова, види чудо, прочитав една срцепрателна скица за можна автобиографија на Ризаов со акцент за неизлечливите трауми од неговото детство и подоцнежен развој. Ај што е полна плачење, (никогаш Ерол не страдал од недостиг на крокодилски солзи), изненадата беше во фактот што во неа сретнав дел од мојата новинарска кариера и моето име и презиме.

Ризаов, имајќи ја како позадина неговата умислена несреќа затоа што по националност бил Турчин, подмолно користејќи ги влошените меѓунационални односи и драстичната политичка поделеност во државата, подметнува една валкана инсинуација дека не станал главен уредник на весникот „Нова Македонија“ (пред 24 години) поради поинаква национална припадност од мнозинската. Индиректно тоа треба да значи дека јас, Панде Колемишевски, во тогашно својство на генерален директор на НИП „Нова Македонија“, не сум го поставил Ризаов за главен уредник од националистички, промакедонски, причини.

Бидејќи Ерол во својот текст користи и професионални и приватни набројувања на настани, нека ми биде дозволено да го сторам истото.

Ерол Ризаов на работа во редакцијата на „Нова Македонија“ сум го примил јас лично. За волја на вистината имаше и добра, македонска, интервенција од еден постар почитуван колега. И не сум згрешил што се однесува до новинарството. Сум му бил првиот првиот уредник, првиот учител. Почнувајќи да го обучувам од новинарската азбука, низ годините, влечејќи го секогаш зад себе, сум го направил одличен, но не и совршен новинар, понајмалку таков човек. Дваесет години сум му бил директно претпоставен. Како што сум напредувал во хиерархијата на весникот и на куќата, така напредувал и Ерол, на мој предлог, се разбира. Сум му предлагал и сум го ангажирал за најчувстителни теми, пред објавување сум му читал, поправал, преправал, стотици текстови, главни коментари, интервјуа и слично. За тие ангажмани ги добиваше сите признанија, професионални и материјални. Не можам да не кажам дека во еден период ми бил еден од најблиските соработници и близок, мошне близок, содружник надвор од редакцискиот живот. Но тоа е друга тема.

Тој беше еден од најповластените и најзаштитените новинари во Редакцијата, свесен дека ја има мојата поддршка, за што бев често прекоруван од други колеги, исто така одлични новинари или новинарки, негов ранг, негова генерација и помлади од него. Сигурно не боледува од склероза да не се сеќава на какви сѐ притисоци бев изложуван, и однатре и од надвор, за да го сменам од позициите на кои се наоѓал, но никогаш не попуштив, ниту пред тогашните влијателни политички фактори. Значи, сите овие факти може доволно да говорат дека никој, најмалку јас, му ограничувал некакви
административни, материјални и морални права или професионални слободи во „Нова Македонија“ заради тоа што бил Турчин.

За да нема забуна ќе цитирам дел од неговиот текст поврзан со весникот „Нова Македонија“. Следува цитат: „И додека еден ден, кога требаше да бидам назначен за главен и одговорен уредник, не се соочив со еден тежок удар под појас како гром од ведро небо. Иако пет години бев заменик главен уредник и по заминувањето на Ѓорги Ајановски беше извесно во целата редакција дека по природен пат, што веќе беше и најавено, треба да бидам главен и одговорен уредник на весникот, тоа не се случи. Следуваше многу чудно објаснување дека се назначувам за одговорен уредник кој ќе ја обавува и функцијата главен уредник, ама во импресумот ќе пишува само одговорен уредник. Не побарав никакво објаснување. Тоа воопшто не ми беше важно. Во импресумот стоеше Генерален директор, претседател на управниот одбор и главен уредник една личност, а одговорен уредник на весникот мојата маленкост. И навистина, без некои потреси ја извршував таа макотрпна и одговорна работа целосно предан
на професијата од утро до доцна во ноќта, кога со графичарите осамнувавме во театарското бифе по излегување на весникот. Тие луѓе имаа само една припадност – новинарството. Шокот стаса кога дознав дека не сум назначен за главен уредник бидејќи делегација од познати новинарски имиња била кај генералниот директор со укажување дека и покрај тоа што нема никакви забелешки на мојата работа и ништо лично, сепак не е добро Турчин да биде главен и одговорен уредник на првиот дневен весник на македонски јазик, па така било најдено соломонско решение – ем да бидам тоа, ем да не се знае во пошироката јавност дека е така. Да знаев дека е тоа причината, никогаш не би ја прифатил таа срамна хермафродитска одлука’’ – ете така пишува Ризаов.

Еве сега објаснување зошто Ризаов не стана главен уредник, нешто што било удар „под појас“ и него наводно го погодило како „гром од ведро небо“. Тој „гром“ Ерола го удираше секојдневно и наредните две години, секој месец, со втора или трета плата по висина (над илјада марки) од 1.800 вработени. За она што било удар под појас, му се гледаше над појас, кај што не можеше да го натокми ременот. Беше пресреќен, жив, здрав и весел, уживаше во функцијата одговорен уредник, со мене како главен и како директор, негов отворен патрон.

Никогаш не било извесно во целата редакција или дека било и најавено да биде главен и одговорен уредник на весникот. Местото, функцијата главен уредник, никогаш, повторувам никогаш, ниту службено, ниту приватно, ни во долги ноќни саати, не сум му ја ветил, ниту некогаш сум му ја навестувал. Неговите потајни илузии беа далеку од реалноста. Тој тоа го знаеше многу добро и си ги знаеше причините, а во тие причини ни во најмал процент не беше вклучен факторот Турчин. И никаква група новинари не повлијаела да не донесам такво решение. Далеку пред тоа и мене и на Ерол ни беше јасно дека голем дел од водечките новинари(ки) не ги поднесуваа неговите хирови и дека имаше чести поплаки кај мене да влијаам да се поправи, почесто да го контролирам, да му ги стегнам уздите.

 Ерол, мора да му се признае, е обдарен со ориентална лукавост и со вонредни еквилибристички способности што ги користи во односите со луѓето, по цена и на сопствено понижување. Беше мајстор во вештината да го добие она што го сака. Но ако е тоа предност во кафеана, може да биде мана во колективни релации, особено во раководење. Да се биде главен уредник, барем во тоа време, освен доброто пишување, нужни беа и други карактеристики. Не може, барем според моите критериуми, главно лице, главен раководител на стотина луѓе, ообено чувствителни новинари и друг персонал, да биде човек со преголема суета, некој што е подготвен заради сопствен
успех да гази се пред себе. Не може да биде човек кој наместо да гради колективност, предизвикува конфликти, форсира едни, се обидува да ништи други, кој не е подготвен на компромис, ако тоа не оди во негов прилог. Ризаов припаѓа на онаа група новинари на кои можеш да им дадеш секаква индивидуална задача, но не им давај да раководат и да решаваат за судбини на живи луѓе, ако притоа некој нема контрола над нив. Ти нема спас ако ти го притиснат вратот со колено. Ерол, Мирка, Сашо Орданоски, Бранко Тричковски, Васко Ефтов и уште неколкумина на кои сум им бил директор, припаѓаат во таа група на одлични индивидуалци, но груби нокаутери во колективни односи. Повторувам, ако се надвор од контрола.

Ерол ја спомнува и случката во Собрание кога од балконот на Собранието реагираше на изјавите на Љупчо Георгиевски дека „Нова Македонија“ не може да ја водат еден Турчин и еден Влав. Но, Георгиевски, најверојатно да биде поефектен, заборави дека има и Македонци. Имено, весникот „Нова Македонија’’ тогаш го водеа тројца новинари, еден мултинационален конгломерат составен по професионална, не по партиска линија.
Значи, јас како генерален директор (Влав по татко, Македонец по мајка), Георги
Ајановски (чист Македонец од Егејска Македонија, роден во Воден) како главен уредник и Ерол Ризаов, (по татко Турчин, по мајка Бошњак) како негов заменик. Ерол, нешто слично и по друг повод, му кажа и на Љубисав Иванов – Ѕинго, за што одевме по судови и на крајот јас со Ѕинго го договорив помирувањето без последици по Ерола.

Сега неколку збора за Ероловото туркофилство, за тоа пусто турско. Ерол, како што самиот си кажува, целото образование го има стекнато на македонски јазик. Не учел турски и тој јазик го знае само говорно, не го знае литературниот турски јазик. Неговиот мајчин јазик (јазик по мајка), не е ниту турски, ниту македонски, туку српски, односно бошњачки по најново. Верувам дека никој заради тие елементи не му правел никаков проблем во животот, за што, всушност, сама по себе говори неговата долготрајна кариера. Напротив, тој мошне успешно, уште од дете, намерно или случајно, се интегрира во македонското општество без да се асимилира, а тоа општество, македонското, му ги одаде сите професионални признанија за пишаниот збор.

За крај, како обратни примери од неговите, можам да наведам и две бизарни, но вистинити експресии. Имено, кога на колегите од „Бирлик“ (весникот што излегуваше на турски јазик во рамките на НИП „Нова Македонија“) на шега ќе им се заканував дека ќе им го пратам таму Ризаов, од нив добивав ироничен одговор дека Ерол ниту е Турчин, ниту е муслиман, дека не знае турски. Тие не го признаваа за нивни. Самиот Ерол, во повеќе пригоди се шегувал на своја сметка кога кажувал дека Македонците го сметаат за Турчин, а Турците за Македонец. Кога бев гостин на весникот „Јени Асир“ во Измир, покрај главната уредничка на „Бирлик“, Дрита Карахасан, придружба, по моја желба, беше и Ерол. Во почетокот на средбите сите нему му се обраќаа како на Македонецот, а мене, заради малку останатата црна коса и густите мустаќи, како на Турчинот. Беше баш убава шега кога ќе се дознаеше кој е кој. Кога овие случки му ги раскажував на покојниот Петре Бакевски, тогашен директор на „Детска радост“ Петре, кој беше пријател и со Ерол, знаеше духовито и со цинична насмевка да повторува дека според ликот и карактерот, Ерол е потомок на некој воин од фалангата на Александар Македонски кога газела низ Анадолија.

Од причините што ги наведов, како и заради подлите и во голем дел измислени лаги што ги има изнесено, чесно е Ризаов да им се извини на читателите. Не мене, такво нешто ниту барам ниту очекувам. Извинувањето е најмалиот гест затоа што ги злоупотребил читателите, ги доведувал во заблуда и свесно ги манипулирал со својата тажаленка каде го опишува несреќниот живот предизвикан од наводната македонска омраза. Видиш логика: таа омраза го терала да ја наведнува главата, ама, за чудо, ниту му ја пресекла, ниту му ја набила на колец.