Референдумот – анатомија на еден политички неуспех

Постреферендумските толкувања на резултатот од политичари, правници, аналитичари, слободни, цивил – новинари и други грант-шоу експерти, главно во насока на докажување дека два и два никако не можат да бидат четири, се само афтершокови за нив по силниот, неочекуван земјотрес

Сѐ почна наопаку, како што и заврши. Ова би бил најкраткиот коментар за одржаниот консултативен референдум на 30 септември кога граѓаните се изјаснуваа за прашањето: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција?“ Референдумот заврши – дилемите остануваат, би била другата формулација при неговото оценување. Граѓаните на Република Македонија донесоа емоционална, наместо рационална одлука, би било третото објаснување. Сепак, најкраткото и најпросто искажување е дека референдумот не успеа. Тоа го констатира најмеродавната и законски единствено овластената институција – Државната изборна комисија. Таа, како најнадлежна, соопшти дека „одлуката не е усвоена бидејќи не гласале повеќе од половината од вкупниот број граѓани запишани во избирачкиот список“. Накратко преведено – не беше обезбедено мнозинство гласачи, онакво мнозинство што го налагаат важечките закони.

Постреферендумските толкувања на резултатот од политичари, правници, аналитичари, слободни, цивил – новинари и други грант-шоу експерти, главно во насока на докажување дека два и два никако не можат да бидат четири, се само афтершокови за нив по силниот, неочекуван земјотрес. Дилемите дали да се почитуваат законите или бројките, независно едното од другото, дали 600 илјади гласа „за“ се посилни од 900 илјади одзив, се изродија повеќе од изненаденост и немоќ, отколку од точност и сигурност. Таквите „креативни“ толкувања се плод на правно-политичкиот и журналистички инженеринг за замаглување на реалната ситуација, прикажуваат друга слика од вистинската, процес што течеше долго време.
Според официјалните бројки од ДИК, кои се немилосрдни, се покажа дека многумина од граѓаните на Република Македонија не се подготвени да го поддржат предлогот за промена на името на државата. А прашањето за името, вешто прикриено, беше вистинското, суштинско прашање на референдумот.

Целофанската обвивка со НАТО и со ЕУ, колку и да беше накитена, примамлива и наметлива, се скина уште при првиот поголем притисок. Масовниот бојкот (апстиненција, неучество, незаинтересираност) покажа сериозна поделеност на македонското општество и голема несигурност по прашањата на националниот и европскиот идентитет. Стратегијата и тактиката – националните чувства да се запостават во замена за НАТО и за европска перспектива, не го донесе за власта посакуваниот резултат. Бојкотот, всушност, беше да се изрази несогласување со евентуалната одлука да се прифати новото име на државата Северна Република Македонија и за ерга омнес употреба на тоа име.

Три неповолни фактори

Каде може да се бараат причините за неуспешниот референдум, особено за бојкотот, гледани од еден, колку-толку, независен аспект, без претензија дека сѐ што ќе се наведе во таа смисла е точно, непогрешливо и дека не подлежи на оспорувачка дебата. Причините може да се наведуваат по некој редослед, но и нивната испреместеност не може да влијае на произлезените заклучоци.

Неоспорно е дека коалицијата што успеа да состави влада по последните парламентарни избори во 2016 година, најде храброст и презеде обврски да реши проблеми од кои бегаа сите претходни влади на независна Македонија. Во тој состав три донесени акти, два договора и еден закон, се клучни, од пресвртно, историско, значење, кои ја менуваат внатрешната општествена, национална и меѓународната слика за Македонија како држава на Македонците. Со СДСМ на чело, Владата го склучи новиот договор за соработка и пријателство со Бугарија, го наметна и го изгласа во Собранието законот за јазикот, поточно за албанскиот јазик како втор официјален јазик во државата и ја потпиша конечната спогодба за промена на името со Република Грција.

Не е никаква тајна дека кај еден голем дел од Македонците сите три документи предизвикаа не само недоумици туку и манифестирање на отворено незадоволство. Во сите три документи Македонците видоа обиди за загрозување на Македонија како нивна матична држава, загрозување на нивните национални интереси и доведување во прашање на нивниот национален идентитет, особено уплашени и од јасната националистичка сѐ поприсутна пенетрација на албанскиот фактор во државата. Низ референдумот покажаа дека тоа е преголем залак за нив што не може да го голтнат за толку кратко време и дека како нација сѐ уште не се толку напреднати и индолентни за да бидат подготвени да ги жртвуваат стекнатите историски придобивки од претходните генерации.

Акумулираното незадоволство од овие крупни настани, гарнирано со незадоволството од немањето видливи економски резултати, од бавното воведување правосудни реформи, од закочените судски процеси, од продолжувањето на криминалот, корупцијата и тендерајот во државните органи каде што е извршена само смена на актерите, а не и на состојбите, преку бојкотот го достигна својот врв. Во овој контекст не е голема храброст ако се каже дека апстинираа (бојкотираа) и голем број поддржувачи на бившото раководство на ВМРО-ДПМНЕ, како и граѓани, кои се незадоволни што им се суди на оние што насилно упаднаа во Собранието на 27 април 2016 година. Да не заборавиме – голем дел од членството на ВМРО-ДПМНЕ нив ги смета за херои.

Таен договор – матен договор

Што се однесува до самиот референдум, односно до постигнатата спогодба со Грција за името, уште од денот кога се најави дека македонските власти се подготвени да постигнат договор, таа си го носи својот тежок товар. Не е непознат менталитетот на македонските граѓани според кој секој таен договор е матен договор. А таков епитет доби уште на почетокот, засилуван во меѓувреме со полуинформации, дезинформации и фабрикување лажни вести. Кулминација на заплетот се случи кога излегоа на видело не само промената на името туку и можните промени на Уставот, каде што наводно треба да се сменат само четири члена, но тие ги менуваат општествената и државната структура и позиција на Македонија и македонскиот народ за повеќе од половина. Повеќе од 50 отсто.

Недоверба внесе и предвидената експресна брзина на промените, во рокови како да станува збор за живот или за смрт, а константна забуна внесуваше различното именување на потпишаниот документ. Тој официјално го носи називот „спогодба“, што е точно и во согласност со принципите за медијација, а сите политичари говореа за договор, што е неточно и нешто сосема друго, нешто што може да се однесува на работи што се договорени, а не се напишани и обзнанени. Не треба да се испушти ни фактот дека во фазата за подготовки на референдумот беа занемарени и реакциите што укажуваа на можни неуставни постапки од страна на Владата и Собранието како и тврдењата дека и самото референдумско прашање не е во согласност со Уставот.

По референдумот како главно прашање се постави валидноста на цензусот, како да не се знаело претходно за него, како да е нешто непознато и ново. Во случајов, Зоран Заев и коалицијата „За европска Македонија“ ја плаќаат цената што досега ниту една влада не се зафати да направи попис на населението во државата и ниту една влада не го исчисти на вистински начин избирачкиот список. Иако постојано се зборува за злоупотреби со бројот и списокот, за фалсификувани лични карти и слично, никој не се осмелил да пипне и да ја затвори таа мечкина дупка. Познавачите на околностите знаат зашто не е сторено тоа. Не е спроведено затоа што на секоја влада (партија на власт) при избори ѝ е добредојдена матната ситуација со бројот на жители и со бројот на гласачи зашто тоа послужува при крајниот резултат. Секоја македонска влада, врз основа на непознатите бројки, уште во почетокот на избори има „таен фонд“ од 80 до 100 илјади гласа, кои ги калкулира на своја сметка при конечното броење. Што би се рекло – 10 отсто од вкупната сума. Тој факт ниту една институција не го кажува како вистина, ниту пак некоја го демантира. Тие надуени игри со бројот на гласачи и со списокот еднаш мораа да пукнат. За жал, тaa тиква пукна токму кога не требаше, на штета на власта, на штета на успешноста на референдумот.

Аут ВМРО, аут Иванов

Имајќи ги предвид тие сознанија чудно е како СДСМ не ги предвиде сите евентуални опции за успех или за неуспех и не подготви благовремено терен за евентуално законско намалување на цензусот или преку донесување други собраниски акти за предвремена заштита доколку тој не се постигне. Оттаму повикувањето на 610 илјади гласа „за“ сега ја нема таа законска, ниту морална силина што сака политички да му се даде. Во средени, во нормални околности тој број на гласови би бил неоспорен, величествен триумф. Сега, еуфоријата што се подига со тие гласови само предизвикува чувство на нереалност и на предвидувања што се далеку од таа реалност.

Таквата констелација придонесе претседателот на Владата и претседател на водечката партија СДСМ, Зоран Заев – сега скапо да ги плаќа својот оптимизам и самоувереноста дека ќе го убеди мнозинството граѓани да гласаат за НАТО и за ЕУ, не спомнувајќи ги последиците од промената на името преку спогодбата со Грција. Во таа своја блескава визуелна и психолошки симпатично претставена стратегија се определи за соло-игра предводена од него лично и со јасна поддршка од неговата партија, особено од новите личности во неа. Но ако се прави некоја посмела споредба, може да се изведе заклучок дека тој уште на почетокот ја направи онаа грешка што ја направи Груевски со него и што го чинеше цела кариера. Колку за потсетување: пред неколку години Заев отиде во кабинетот и му предложи на Груевски да поднесе оставка и да се одржат нови собраниски избори, а ако не прифати ќе го урне на друг начин. Груевски заслепен во својата власт и моќ, тоа не го сфати сериозно, беше убеден дека лесно ќе излезе накрај со изложените закани и уцени. Слично во врска со преговорите со Грција постапи овој пат Заев. Целосно ги игнорираше поинаквите укажувања, ја потцени силата на разбиеното ВМРО-ДПМНЕ, го минимизира нејзиното учество во процесот, го дезавуираше новиот претседател на партијата, наивно очекувајќи дека на крајот ќе го клекне ослабениот и компромитиран противник. Се покажа дека таквите процени, од Заев или од неговите советници, биле погрешни, биле трасирани на погрешен колосек.

Политиката има расипана душа

Нешто слично се случуваше и со претседателот Ѓорге Иванов, кој беше изолиран од текот на преговорите, кому му се даваа само половични информации за нивното напредување или за позициите и ставовите на македонската страна. Неоспорно е дека Иванов за десет години претседателствување направи крупни грешки, некои навистина штетни за правниот поредок и демократскиот развој на земјата, но тој и развластен и понижен од официјалната извршна и законодавна власт, за референдумот се покажа како влијателен фактор. Чудно е како Заев и другите немаа предвид дека Иванов, таков каков што е, тврдоглаво ќе остане на своите ставови за одбрана на името, за непотпишување на каков било акт што би влијаел на промената на уставното име и дека ќе го искористи и последниот момент да ги урне плановите за прифаќање на спогодбата од грчка Преспа. А го искористи и последниот очигледно злоупотребувајќи ја и говорницата на Обединетите нации каде што одржа говор спротивен на актуелната политика и жесток во критиките на спогодбата со Грција.

Во овој контекст нема да биде ерес ако се каже дека Иванов го искористи референдумот како можност за одмазда, слатка одмазда, за тоа што нему му беше правено во последната година. Прави постапки без разлика дали се тие на штета на државата или на општите интереси на граѓаните. Таквото однесување, таквиот манир може да се објасни со мислењето дека политиката, колку и да изгледа чиста или општа, сепак има расипана душа. Во многу случаи, видливо или невидливо, личните интереси се ставаат пред државните, спасот на кариерата станува поважен од спасот на нацијата.

Во целиот овој контекст може да се постави прашањето како Зоран Заев релативно лесно најде заеднички јазик со премиерот на Грција Алексис Ципрас, како можеше вешто и умешно да ги придобие сите симпатии и целосната поддршка од меѓународната заедница, а не најде сили истото тоа да го стори со домашните влијателни фактори, поточно со ВМРО-ДПМНЕ и со претседателот Иванов. Како не постигна компромис, барем разумен компромис, кој многу ќе му ги намалеше маките на домашен терен. Ако нивното елиминирање од преговорите повеќе месеци носеше некаква предност, одеднаш се покажа како јамка наменета токму за тој што ја врзувал и ја подготвувал за друга глава.

Пораз од непознат сторител

По слична аналогија може да се набљудува и учеството на групацијата што се определи за опцијата на бојкот на референдумот и која успеа да ја оствари својата цел – референдумот да не успее. За секој политичар, политички аналитичар или истражувач, интересно е прашањето кој стоеше, која е „главата“ на таа маса што апстинираше, односно го бојкотираше гласањето. Сведоци сме дека неколку месеци никој од оние што го пропагираа изјаснувањето „за“ не сакаше, ниту пак се обиде да најде начин да разговара со „штабот“ на „Бојкотирам“, да ги побара на увид нивните барања и да може да постигне некаков компромис, претходен консензус, таков каков што е постигнат со грчката влада. Бојкотирањето од страна власта на групацијата „Бојкотирам“ израсна во вистински бојкот и триумф на бојкотирачите.

Поразот што го доживеа власта од „Бојкотирам“, практично е пораз од засега непознат политички сторител, фактор што не го покажа јавно своето лице. Ако движењето е организирано само од Јанко Бачев, од Солза Грчева, од Тодор Петров и од другите слични ним, кои јавно се изјаснија за бојкот, тогаш целото раководство на СДСМ, повеќе од половина влада и сите пратеници во Собранието треба да се откажат од политика поради својата неспособност да ѝ се спротивстават на оваа минорна политичка групација. Поразот на една голема државна и партиска забревтана машинерија, богато наградена и стратегиски наменета пропагандна герила, да изгуби натпревар од екипа што има третокласни играчи дури и без дресови, секаде би се вбројувала во рубриките „верувале или не“, и би добивала наслови што означуваат фијаско или тотален дебакл. Ако, пак, се прифати тезата дека бојкотот е дело на ВМРО-ДПМНЕ, тогаш е уште полошо за СДСМ зашто самите резултати од референдумското изјаснување покажуваат, во моментов, предност за првите, не за вторите.

Во случајов не е за запоставување рускиот фактор што често се поврзува со противниците на спогодбата од грчка Преспа и со оној мал дел граѓани, кои се против зачленувањето на Македонија, пред сѐ во НАТО со новото предложено име. Сигурно дека има некаква основа, некои споредни знаци и сигнали за руска вмешаност, но никој досега не изнесол некои опипливи докази за присуство на претставници на руската мечка, на нејзините силни тајни служби. Можеби дел од бојкотирачите имаат некои линкови со нив, но тие останаа невидливи. Какви и да се додека не се расчисти таа мистерија ќе биде голем товар во предвидувањата за иднината.

Што може уште да се додаде на крајот од една ваква анализа? Односот на медиумите, секако. Бевме сведоци на едно крајно непрофесионално, еднострано, пристрасно новинарство, бесрамно додворување кон власта и кон странскиот фактор од една страна и премолчување на какво било добронамерно укажување за пропусти или недоследности, како во спогодбата со Грција, така и за самата кампања. Медиумите блиски до власта, оние во сопственост на српски и грчки газди, финансирани од американски, холандски, британски и други странски пари, застанаа само на една страна од македонското општество, само на страната на еден дел од граѓаните. Другиот дел од граѓаните гледаа што повеќе да го омаловажат и оцрнат. Секако и тие, како и лошите политички советници на Заев, превртливите доктори по правни науки, користењето во кампањата на најпревртливите политичари од стариот ков, кои во неколку наврати му нанеле тешки, неизлечиви рани на СДСМ, многу придонесоа за ширење на недовербата кон власта и за неповолниот резултат на референдумското изјаснување.