Рески, цртички, книга, драма и плоча на македонски

Јазикот, писменоста и верата нѐ одржале како народ и тогаш кога не сме имале наша сопствена држава, и тогаш кога сме биле поделени, покорени и прогонувани. Во такви тешки услови, македонскиот јазик бил нашата единствена комплетна татковина. А, меѓите на таа татковина што отпрво ги втемелија светите Кирил и Методиј, ги зацврстија нивните ученици

Порано Словените немаа книги, туку се служеа со рески и цртички, читаа и гатаа, исто како и многубошците. А кога се покрстија, беа принудени словенските зборови да ги пишуваат со римски и грчки букви, без некое посебно правило. Но како може добро да се пишува со грчки букви: бог или живот, или ѕелов или црков, или человек, или широта, или штедроти, или јуност, или јаду, или јазил или јад и слични на овие? Вака напишал умниот, аналитичен Црноризец Храбар пред десетина века.
И, така, сѐ продолжуваше многу години…

Ноември 1900 година. Во задграничниот македонскиот културен кружок во Софија, вриеж, возбуда. Подготовки за праизведба на драмското произведение „Македонска крвава свадба“ од Војдан Поп Георгиев-Чернодрински, Македонец емигрант, доселеник од поробена Македонија. Во партерот возбуда, исчекување, многу народ, Македонци од сите страни на Балканот, дојдени да присуствуваат на „таа крвава свадба македонска“, величествен миг, собитие за незаборав.

„Нека се чуе за никогаш да не се заборави јазикот на којшто зборувале нашите прадедовци, зборуваме ние денес и ќе зборуваат сите идни поколенија на нашата света земја Македонија“, ќе проговорат со оружје в раце Славчо Ковачев и Борис Сарафов, комити и дејци што ја обезбедувале праизведбата на пиесата „Македонска крвава свадба“ од Војдан Поп Георгиев-Чернодрински, во салонот на Славјанска беседа, пред 115 години.

Година-две подоцна, Гоце Делчев, во едно писмо од 1902-та, со блага доза на резигнација ќе напише: „Толку ли нема кој да напише барем една книга на македонски?“ Тоа заедно со легендарната мисла за „светот како поле за културен натпревар меѓу народите“ преставува сведоштво за духовните хоризонти и ставови за апостолот на македонската борба и за прашања надвор од чисто организациски, револуционерен и војнички карактер.

Во 1903 година, Мисирков ќе ја исполни желбата на Делчев. Напиша не обична книга, туку таква каква што замислувал Делчев: програма на македонското обособување – епохалното дело, знаменитата книга „За македонцките работи“, објавена во Софија, во 1903-та, како резултат и сублимат на долготрајната борба на македонските творечки сили, дело што ги „подзатегна лабавите струни на македонскиот роб, писание патоказ за понатамошна акција, показ на светот да чуе и да разбере дека во Македонија има сили што имаат јасно изградени ставови за самостојниот македонски национален и државен развиток. Делчев не ја дочека книгата, но Мисирков го дочека нејзиното запленување.

Јазикот, писменоста и верата нѐ одржале како народ и тогаш кога не сме имале наша сопствена држава, и тогаш кога сме биле поделени, покорени и прогонувани. Во такви тешки услови, македонскиот јазик бил нашата единствена комплетна татковина. А, меѓите на таа татковина што отпрво ги втемелија светите Кирил и Методиј, ги зацврстија нивните ученици, светите Климент и Наум, а ги продолжија и раширија на македонски јазик, светиот тајнопис, голем број духовни и световни дејци, поети, писатели, уметници. Денес во светот се зборуваат над 6.500 јазици, а само неколку стотини од нив се во официјална, службена употреба. Македонскиот јазик со донесувањето на македонската азбука на 5 мај и на македонскиот правопис на 7 јуни 1945 година, се вброи во јазиците што имаат свој правопис, своја официјална, службена употреба во една држава и кај една нација.

Македонскиот јазик изоде голем пат, помина низ историски сцили и харибди, премрежиња и преобразби и денес се наоѓа високо на листата на современи светски јазици.

Создавањето литературен јазик е духовна потреба. Многу од народите без писменост неповратно исчезнале во историјата, а македонскиот народ е еден од народите што опстанале и опстојуваат.

Македонскиот јазик е еден од избраните јазици во светот што имале своја кодификација. Денес, како одговор на заветот на Делчев, имаме илјадници книги напишани со оваа азбука и овој правопис. Преведени се и помакедончени значајни многубројни светски класици, вредни публикации и книги од областа на науката.
Наскоро Правописот на македонскиот јазик ќе биде поставен и во интерактивна пребарувачка форма на платформата www.makedonski.gov.mk, каде што заедно со Толковниот речник ќе претставува уникатно место на кое се поставени двете најважни научни публикации за македонскиот јазик и ќе им бидат едноставно достапни на сите наши граѓани, сонародници од севкупната македонска дијаспора и на другите заинтересирани поединци, научници и деловни луѓе во целиот свет.
Благодарност од македонски народ кон сесловенските светители и просветители Кирил и Методиј, со кирилско писмо е впишано на плочата во чест на Св. Кирил и Методиј што е поставена во базиликата „Санта Марија Маџоре“ во Рим.

Нивното дело е вградено во секоја буква што ќе ја напишеме и во секој македонски збор што ќе го изговориме, во секој стих, песна, поема, расказ, роман, драма… Македонскиот јазик е најголемиот жив споменик, кој ние сме должни да го штитиме, да го чуваме, негуваме, унапредуваме за овие и за идните поколенија. Македонците се народ што имаат и свој оригинален етнички карактер, свои традиции, свои стремежи, специфики и неоспорна етничка оригиналност, свој посебен јазик и сили што имаат јасно изградени ставови за самостојниот македонски национален и државен развиток и имаат право да се наречат Македонци.