Република МАКЕДОНЧИЈА

Сите што пишуваат (сериозни) колумни, последниве месеци всушност пишуваат на една иста тема: „Што би сторил јас да сум премиер, во врска со името“. Јас молам, драги мои, да не бидам сфатен така: јас пишувам колумни во кои ја пародирам за мене веќе целосно самопародираната политичка стварност, и затоа, ова што го пишувам е мое лаичко мислење. Затоа и колумната ми се вика „внатрешна“, а не „надворешна“. Темата, значи, не е „Што би сторил јас кога би бил премиер“, туку „Каква несреќа ќе ве снајдеше ако мене ме пуштевте да бидам премиер“. Тоа за почеток, зашто сакам чисти сметки.

Пред некоја седмица предложив да се викаме Република Небесна Македонија: така мислев затоа што тоа име не им пречи на Грците и на Европа и дефинитивно докажува дека Македонците немаат никакви територијални претензии и ЗЕМНИ посакувања, туку можат да си живеат и во воздух. Самите нека изберат на референдум: како ангели и архангели или како муви и комарци. Потоа предложив да се викаме република АРМАКЕДОН, зашто очигледно е дека нè убедија дека крајот на светот зависи од решавање на прашањето за името на Македонија (а името на ружата е – ружа, ни докажа Умберто Еко). Мојот најнов предлог е да се викаме „Република МАКЕДОНЧИЈА“. Тоа е позната финта во денешниот маркетинг, посебно во приватните NO NAME фабричиња, кои ги има во секое сокаче во Шутка, а кои прават копии-влечки „адидас“, со тоа што го користат дури и истиот „фонт“ (истите букви) на познатиот бренд, ама во графичкото решение на тоа „АДИДАС“ ќе сменат само една буква, па ќе напишат, на пример, АДИСАС. Окото, навикнато на автоматска перцепција, ќе го прочита тоа како АДИДАС: две „Д“ им отстапиле место на две „С“ и ретко кој ќе ја види измамата. И што е најважно, никој не може да го тужи газдата од Шутка за тоа, а најмалку наследниците на славниот Ади Даслер. Една буква – голема разлика, вели фонетиката, во што не треба посебно да ве убедувам: доволно е во „дипломатски кор“ да го смените „о“ со „у“, и да настане дипломатски скандал. Така, по тој ист пример има и часовници „КАССИО“ наместо оригиналното „КАСИО“. Има сешто на тој светски „бувљак“ на симулакруми и мутирани копии на славни брендови, народи и држави. Па, така, се решив и јас да предложам „МАКЕДОНЧИЈА“ наместо МАКЕДОНИЈА, воден од таа можеби неразумна „бувљак“ идеја. Вие проценете дали е понеразумна од идејата за „северен југ“ или „западен исток“ („западен Балкан“).

Второ, за едно такво евентуално име имам и научни аргументи. Не мислам само на тоа дека треба да се почитуваат логиката, семантиката, морфологијата или ортографијата на македонскиот јазик, па да се каже дека поисправно е државата во која живеат Македонци да се вика МАКЕДОНЦИЈА одошто МАКЕДОНИЈА, зашто во МАКЕДОНИЈА би требало да живеат МАКЕДОНИ, а не МАКЕДОНЦИ. Мислам и на друго: бидејќи нашата ЕВРО-политика го убеди светот дека кај нас живеат само МАКЕДОНЧИЊА, мирољубиви етно-деминутивчиња, луѓе попустливи по дух и срце, според логичката синтакса на еден Рудолф Карнап, или филозофијата на јазикот на еден Ото Јесперсен, најнормално е да се викаме МАКЕДОНЧИЈА. За тоа постои и богата традиција – „Македонче“ си постоеше најлегално и во Титова Југославија, и со тоа име не се мислеше на тоа дека ни недостига елементарна храброст за да станеме државотворен народ, туку така нè викаа од што сме мили и слатки како маченцата што ги чувал Наполеон, а кога ќе пораснеле ги давел затоа што станувале МАЧИШТА наместо МАЧИЊА. А и полесно се преживува денес во современа Европа како деминутив одошто како аугментатив: не само што малцинствата ги чуваат како малку вода на дланка, туку и подемократски е некако да си Македонче одошто Македонец.

„Македонец“ некако мириса на национализам и на она што денес некои ЕВРО-македонски свилени буби за производство на интелектуална свила, го нарекуваат „кретенски идентитет“ и пречка за една идна материјална европска благосостојба.
Освен тоа, да потсетам и дека еден голем македонски ум и книжевен работник, Гане Тодоровски, имаше омилен збор – „помакедончување“. Дури, и својот брилијантен препев на Прличевиот „Сердар“ го поднаслови со „Помакедончил: Гане Тодоровски“. Кога со него разговарав на тие теми, и посебно кога прашував што значат неговите стихови „Ој, Македонијо, колку ли уште ни треба да те домакедончиме?“, тој само се смешкаше и велеше: „Македонија не е домакедончена, има многу Македонци што не ја познаваат воопшто“. За таквите Гане велеше дека даваат вера за вечера. Според тоа, „Македончија“ би била држава во која, пред сè, луѓето преку постојана едукација би се домакедончувале. За почеток – доволно е да се прочитаат оние над десет тома што Гане ѝ ги посвети на Македонија, само за да видиме дека ние Македонија, наша Македонија – воопшто не ја ни познаваме.

И навистина, влеговме во разговор со Грците без да знаеме што е македонско, а што не е. Грците, за разлика од нас, многу добро знаеја и што е грчко, и ШТО НЕ Е, но би можело да биде. Постојано во тие преговори се однесувавме како да сме украле некому нешто, па со ведната глава го враќаме. Тоа не е добра позиција за „преговори“, бидејќи ако нешто сме украле некому, од преговорите можеме само да очекуваме – да го вратиме украденото и евентуално, да добиеме помилување. Но тоа не се преговори, туку СУДЕЊЕ. Нормален човек знае дека прашање на честа е да не признаеш дека си украл, ако не си украл. Ми паѓа на ум Доне Совичанов, ликот на Ташко Георгиевски од „Црно семе“, преименуван од Грците во Андонис Совичанис, од кого капетанот Скалумбакис бара да признае дека е комунист, а тој не е. Неговите пријатели од логорот, кои одат по пат на помал отпор, го советуваат да признае, зашто тие признале и ете – се спасиле. Но неговиот прочуен одговор гласи: „Ај кажи дека си магаре кога не си?“

Е па, за да се домакедончиме, прво да си расчистиме самите со себе: сме магаре или не сме? Сме украле или не? Ако сме украле – што сме украле? И да не ја шириме темата дали Грците украле или не: на пример, зошто старогрчките митови денес се викаат „грчки митови“? Да го оставиме тоа, иако таа тема е особено слатка по книгата „Црна Атена“ на Мартин Бернал, во која се откриваат афроазиските корени на класичната цивилизација, па се зборува за „фабрикувањето на античка Грција“. Значи: што украдовме? Името сигурно не, оти и во државата на Тито се викавме „Македонија“ и поминувавме на Евзони за Грција, ама без пополнување формулари поради непризнавање на пасошите. Зарем тогаш не сме биле „иредентисти“? Или сме биле во резерватот на Тито, па не сме биле опасни?

Зошто прифативме вакво понижувачко размислување за нас? Сето друго е работа на договор, ама за честа – не се разговара. Прашање на чест е ова, драги мои, а не прашање за името. И ако ви звучи несериозен предлогот да се викаме РЕПУБЛИКА МАКЕДОНЧИЈА, тогаш тоа не е затоа што јас несериозно пишувам, туку затоа што несериозна е темата: промена на името под кое веќе сме имале држава. Дури и оние што не учеле стилистика знаат: кога сериозно се пишува за несериозна работа, ефектот е (траги)комичен.

Се разбира, имам доволно години за да знам: во политичкава игра, како и секогаш, ќе победи не почесниот, туку посилниот. А тоа не сме ние. Со тоа можам да се помирам, зашто поразот ќе биде резултат на употреба на сила и уцена. Но она со што не можам да се помирам е нашата слабост да се именува (посебно од запад) како „политички прагматизам“. И уште полошо – како политички хероизам. Тоа, едноставно, е само обична лага.

П.С. Во моментов кога ја завршив колумната, стигнаа тревожни вести за протести и насилства пред Собранието. Единствено човековата крв не може да се пародира, како што ниедно насилство не смее да се толерира. Затоа, во овој момент, сите што имаат намера по насилен пат да исправаат нешто што не им се допаѓа – да знаат дека ја немаат мојата поддршка. Без разлика дали се за или против мојата колумна.