Реалноста што сè уште не ни се случила

Поминаа локалните избори и веќе почна да ни се појавува „новата реалност“. Одеднаш сите почнаа да зборуваат за таа нова „реалност.“ Впрочем, таа веројатно била и претходно тука, само сега стана видлива и за оние за кои не беше тука. Но да поставиме едно од главните филозофски и научни прашања: Што е реалноста?
Без да навлегуваме во сите импликации на ова длабоко онтолошко прашање, ќе се обидеме да си поиграме со овој поим на „реалноста“. Во еден интересен документарен филм на Би-би-си од 2011 година, насловен токму „Што е реалноста?“ („What is reality?“), помеѓу другите нешта, за реалноста се вели дека таа е „позната, утешителна и сигурна“ („familiar comforting and reliable“). Иако филмот се занимава со физичката реалност, оваа определба на реалноста всушност упатува на субјективната, психичката перцепција и доживување на реалноста!
И навистина, секој психолог ќе ви каже дека вистински, здрав однос на секој „нормален“ поединец кон реалноста е токму тоа соочување со неа, во која треба да се чувствуваме комфорно, сигурно и утешувачки. Овие карактеристики – стабилност, сигурност и комфор – се основните карактеристики што ги „очекуваме“ од реалноста. Токму тие ја прават стварноста смислена и рационална. Токму тој хоризонт на значења што го гледаме пред нас, ни ја обезбедува нашата лична сигурност во светот на реалноста. Одовде произлегува и нашата смисла – реалноста мора да има смисла! Никој не може да се смета за здрав ако живее во реалност што не му обезбедува смисла, впрочем, нерационалноста, бесмисленоста на реалноста е токму првиот знак на патологија, на неврози и психози!

Но, понекогаш, реалноста функционира на спротивен начин. Таа не е „фиксна“. Особено не нашата, искусената, психичката реалност, иако, за современата квантна физика, дури и физичката реалност не е еднозначна. Понекогаш, реалноста се распаѓа, станува акцидентална, арбитрарна, ирационална, а со тоа веќе престанува да биде „позната, утешувачка и сигурна“. Таквата стварност станува заканувачка за нас, но и за нашиот „хоризонт на значења“, за нашата смисла. Таа реалност одеднаш за нас станува конфузна, неразбирлива, реалност што не може да ни ги обезбеди ориентирањето и осмислувањето на себеси и опкружувањето. Таа реалност одеднаш за нас се покажува како заканувачка, фрустрирачка и штетна. И неприфатлива.
И одеднаш, таквата реалност ние не можеме да ја интегрираме во нашиот „симболички простор“ (Лакан). Одбиваме да ја прифатиме таквата реалност! Таквата реалност не се согласува со нашиот простор, ние одбиваме да се согласиме со таквата реалност. И тогаш, наместо космос (ред, поредок, среденост), за каква што ја претпоставуваме реалноста за да можеме да живееме во неа, таа станува хаос (неред, процеп, празнина). Здрав поединец не може да живее во хаос, нашиот психички живот го бара нашиот космос, нашиот ред и поредок.
Но да се вратиме на нашата реалност. Или на „новата“ политичка реалност, која одеднаш стана реалност. Велат, нашата нова реалност била „северна“! Одеднаш пред нас се отвора нова реалност, со која бараат да се сообразиме. Најпрвин да се соочиме, а потоа и да се сообразиме и да ја прифатиме. Според гореизнесените претпоставки за реалноста, имаме две опции.

Првата е да ја прифатиме и интегрираме во нашиот симболичен поредок, да ја сместиме во нашиот нов „хоризонт на значења“ и да го осмислиме нашиот хаос, да го претвориме во космос. Тоа е едната опција со која човек се обидува да остане здрав! Државата е Северна Македонија и сите атрибути се северномакедонски! И за оваа опција треба да се најде „маж“, да ги објасни сите импликации од прифаќањето на оваа нова реалност. Да дојдеме до заеднички консензус, да се согласиме на сите последици од новата реалност. Тој маж треба да ни каже дека „северна“ значи целосна трансформација на идентитетот, целосно редефинирање на современата македонска држава. Колку повеќе се релативизира оваа трансформација, толку поболно станува нашето прифаќање на реалноста. Исто така, треба да ни каже дека нацијата, и покрај сите обиди за релативизирање, е „северномакедонска“ и, уште повеќе, дека она што ќе се подразбира под северномакедонска нација е модерна творба настаната во последниве години. И особено, дека под северномакедонска нација ќе се подразбираат сите „етнички заедници“ што живеат на оваа територија. Дека „едно општество“ за сите можеби ја подразбира токму оваа нова нација!? Дека творците на овој концепт и оваа нова нација можеби во ова гледаат единствена можност за нејзин опстанок? Можеби мислат дека само на овој начин, оваа нова, северномакедонска нација ќе ја обезбеди неопходната општествена кохезија помеѓу различните етнички групи!? Можеби сметаат дека само ваква нова, северномакедонска нација е единствената наша шанса за внатрешна интеграција на општеството!? Оваа опција подразбира да се впрегнат сите интелектуални и творечки потенцијали, сета политичка и општествена наука, сето образование и знаење… за оваа трансформација да се изведе доследно во сите нејзини импликации. Ако сето ова е така, треба да се најде „маж“ и да ги почне сите овие процеси!

Втората опција е да одбиваме да ја прифатиме оваа нова реалност. Да ѝ пркосиме на истата таа и да ја негираме „реалноста“, да не дозволуваме да влезе во нашиот „симболичен простор“ и да не ја интегрираме. И одеднаш гледаме како „северната реалност“ одбива да биде интегрирана. Убеден сум дека не постои нормален, здрав поединец во нашето општество што може слободно, неусловено и со радост да ја вклучи оваа реалност во сопствениот хоризонт на значења! Дури и во изјавите на политичарите дека тоа е „реалност“ што мораме да ја прифатиме, таа реалност се доживува како „нужно зло“, како нешто што ни го наметнале, нешто што не сме го прифатиле, нешто на кое не сме се согласиле! Нешто слично како голема траума во личните животи, како загуба на ближен, која ја дисторзирала нашата стварност и одбиваме да ја прифатиме! И одеднаш, целото општество се претвора во болно. Неприфаќањето на реалноста, која претставува заканувачка, туѓа и збунувачка, раѓа болка и фрустрација. Независно од реалноста што одеднаш стана реалност, уште долго, веројатно засекогаш, овој народ ќе живее со таа когнитивна дисонанца, со таа раздвоеност помеѓу себе и реалноста. Тоа, оваа нација ќе ја направи болна и неспособна за никаква акција, а на долг рок ќе ја скапе одвнатре. Ова ќе биде единствената нација чија реалност сè уште не ѝ се случила!