Пророштвото на Даниел и падот на светските империи

Пророштвото на старозаветниот пророк Даниел, драг читателу, во нашата денешна колумна по аналогија се врзува со денешната светска ситуација на тој план. Во рамките на тоа посебно и со денешната Англоамериканска Империја, која гази сè пред себе за сопствен интерес. Една широка метафора со голем временски лак од неколку милениуми, ако се има предвид поетичкиот механизам на оваа фигура на спој на далечни реалности. Со еден збор, се работи за една архетипска динамична историска и цивилизациска слика што се вклопува во системот на таканареченото вечно враќање на кое нè потсетуваат Ниче, Елијаде и Шопенхауер, а чија теорија тие ја презеле од индуистичките Веди.

Во тој и таквиот контекст, драг читателу, и ние сега ја реактуализираме темата на пророците и пророштвата, архетипска според својата симбологија и карактер, а денес посебно актуелна. Пророците како ретка сорта боговдахновени луѓе, антени на божественото и врвни толкувачи на небесните и на земните знаци. Тоа, за разлика што сега се на сцена, како што вели и во една своја песна Конески, лажните пророци. За нивната појава им зборуваше на своите апостоли и Исус пред неговото распнување, советувајќи ги да се чуваат од нив. Меѓу таквите веројатно е и можеби најславниот пророк меѓу нив Нострадамус на кој многумина се повикуваат, иако неговите пророчки криптограми се крајно матни и питијски двосмислени, полни со конфузни симболи, па луѓето дури откако ќе се случи некој голем настан или катастрофа истите тие ги лепат за нив. Но факт е дека вистинските големи пророци, чии визии се кристално јасни се наоѓаат на страниците на Стариот завет, кој ми е мене, рака на срце, поинспиративен од литерарен отколку од религиозен аспект, полн со понекогаш многу темни легенди и поезија. Во Стариот завет на некој начин и доминираат пророците. И, што може многу да ги зачуди и некои теолози, тие се вистински поети, и тоа зачудувачки модерни. Можеби повеќе и од Бодлер, Рембо и Аполинер, на пример. Со задоволство ги читам и препрочитувам нивните текстови во бел стих и ритам што има звук на грмотевица, на тркалање на огромни камења полни со огнот на Светиот Дух и со микро и макрочовечка и космичка судбина. Пророци поети, или поети пророци, идеалната креативна синтеза на која се налепија и ја усвоија како свој поетички идеал и романтичарите. Но за име на вистината, пак, пророкот кај нив беше и некој вид маска, онаа како естетички и филозофски модел во својата по малку бизарна теорија подоцна ја воведе и промовира Бодлер.

Сеедно. Штом, пак, го открив мојот инспиративен поетски извор, ќе кажам и дека најомилени и најинспиративни меѓу старозаветните пророци ми се: Исаија, Езекил, Еремија и Даниел. Тие што во своите екстатични пророштва ја ткаат пред сè есхатолошката судбина на човековата судбина и судбината на светот, согледувајќи ја јасно сеопштата ентропија чии молци го разјадуваат не само човечкиот живот, туку и ѕвездите, космосот, па затоа, како што вели и Исус неговиот татко ќе создаде на крајот Ново Небо и Нова Земја. И тоа веднаш по истекот на ентропиското време со кое толку многу се мачел, за да му ги врзе крај со крај конците, и свети Августин. Сè тоа, пак, говори за тоа дека модерната теорија на ентропијата за абење на материјата и космосот на астрофизичарите денес фактички многу порано им ја шепнале, откривајќи ја во симболошки слики, старозаветните пороци. А тие слики со силен интензитет се прелеваат и во Новиот завет во Откровението на апостол Јован. Во него како во една голема и сјајна синтеза е склопен мозаикот на пророштвата на старозаветните пророци, меѓу кои она на Даниел за падот на светските империи, се чини, е едно од централните и најинтересните.

Но она што е посебно важно за нас тука, драг читателу, тоа е фактот дека Даниеловото пророштво е, имено, страшно актуелно и за нашата денешна планетарна историска и судбинска ситуација во која ние, според сите видливи знаци, се наоѓаме на истекот од времето, во последните денови на овој спобудален свет и на оваа сурова Западна ариевска цивилизација како последна од долгиот цивилизациски синџир пред создавањето на Новото Небо и Новата Земја на Создателот Бог. Она за што пред два милениума копнееја и раните христијани, а потоа надоврзувајќи се на нив и нашите богомили, пеејќи ја во молитвен транс песната со наслов „Господе, дојди што поскоро“. Песната што е втисната како лузна, како огромна карпа што треба да се стркала секој миг и од работ на нашите усни на кои ја искачила мартирската душа на колективот. Ја пееме сега таа драматична песна на раните христијани ние неодродените Македонци способни за родољубие и болка, за разлика од одродените што му се предале за власт и цревоугодност на Сатаната. Ја пееме со de profundis глас на смртно ранетото индивидуално и колективно битие. Секако не мислејќи на домашните и на меѓународните безбожници, кои нè извеле на најстрашното од сите видови губилишта. Идентитетското!

Туку, конкретно за пророштвото на Даниел во тој контекст. А и сите претходни дигресии беа во рамките на него. Во него, всушност, станува збор за симболошки фасцинантниот егзотичен сон на вавилонскиот цар Навукодоносор во чие заробеништво по падот на Ерусалим се наоѓал и старозаветниот јудејски пророк. Тоа било сон-мора, и суровиот цар ги погубил сите свои дворски гатачи и волшебници, кои не успеале да му го раскажат и да го протолкуваат него. Сè додека најпосле некој него не го упатил кај Даниел како познат јасновидец, кој се нафатил на толкување откако најнапред истото тоа го добил на сон од својот Бог Јахве. Претставувајќи се пред Набукодоносор тој му рекол: „О, цару, ти имаше визија. Ете, кип, голем кип, многу блескав стоеше пред тебе, страшен за очи. Главата на кипот беше од чисто злато, градите и рацете од сребро, стомакот и бедрата од бронза, нозете од железо, а стапалата делумно од железо, делумно од глина. Ти набљудуваше: одненадеж се одвали камен а да не го допрела рака, па удри во кипот, во стапалата од железо и глина, та ги скрши. Тогаш наеднаш се здробија железото и глината, бронзата, среброто и златото, и сè стана како плева на гумно лете, и ветрот однесе сè без трага. А каменот што удри во кипот стана голема планина та ја исполни целата земја“ (Даниел 1:31-35).

Навистина ретко фасцинантен сон, кој откако му го раскажал на вчудовидениот Набукодоносор, Даниел го толкува со една акрибична микроанализа во есхатолошки клуч на падот на светските империи од него натаму во времето. Разбирливо, пак, неговото толкување ги опфаќа главно Блискиот Исток и Европа. Но во заднина, силно нагласено и интуитивно, иако не е спомената по име, стои апокалиптичната Англоамериканска Империја, која го тормози денес светот подготвувајќи ја неговата апокалипса. Цивилизациите на Јужна Америка (Маите, Ацтеките, Инките, Толтеците), како и оние на Далечниот Исток ги нема во видението на Даниел, но без разлика на тоа имплицитно и тие се вклопуваат во неговата општа есхатолошка слика, ако се има предвид оној Камен во сонот на вавилонскиот цар, кој го уништува кипот што ги симболизира империите и го исполнува од дното до врвот светот, симболизирајќи го Спасителот Христос, неговото Второ пришествие што ќе воведе мир и духовна благосостојба на планетата Земја и во целиот омниуниверзум. За тоа всушност детално говори и Откровението на апостол Јован. Да. Но, конкретно, во јасно симболошки дефинираните појаси на ониристичкиот кип на Набукодоносор (златото, среброто, бронзата, железото и најпосле железото помешано со глина) пророкот Даниел ги сугерира царствата и цивилизациите, кои разјадувани од молците на историската ентропија се распаѓаат и едно по друго исчезнуваат. Тука е најпрвин халдејското Вавилонско Царство (златната глава на кипот), потоа Персиското на Дариј и Кир (градите и рацете од сребро), потоа Македонското на Александар (стомакот и бедрата од бронза) и Римското (нозете од железо). Тоа се империите што во пророштвото на Даниел една по една се сменуваат од светската сцена низ призмата на една барокна симбологија. Во неа Александар Македонски е виден како „трето чудовиште, леопард со четири крилја и со четири глави“ (Даниел 7:6-7).

Тоа. Се чини дека е на дело Хераклит со неговиот закон: „Сè тече, сè се менува“, иако тука делфискиот мислител во однос на Даниел сепак нешто промашил. Имено, старозаветниот пророк само делумно се сложува со формулата на Хераклит и тоа во делот на смена на империите и другите нешта врзани за нив, но не и во судбината на суровоста на светот како константна неизменлива егзистенција и постоење со чист метафизички белег. Онака како што мислеле, слично на него, на пример и Парменид и Буда.

Тоа. Но сепак во таа историска цикличност во која главен актер на сцената е варварството а не културата за која не зборува експлицитно Даниел, оти неа и ја нема во симболошките криптограни на сонот на Набукодоносор, македонскиот космополитски концепт на Александар е исклучителен и осамен, и таков тој стои настрана од империите што следуваат по него: Римската, а потоа и Англоамериканската во чиј варваризам комбиниран со просветителство и бомбардери се втопува и Европа на нејзините моќни колонијалистички сили. Тие што сега ги дробат во парчиња и пепели и Македонија и Македонците. Но да се вратиме на Даниел. Во неговата есхатолошка пророчка визија најстрашен е четвртиот појас на кипот сонуван од вавилонскиот цар: тој што ја симболизира недвосмислено Римската Империја: „И по тоа видение погледнав, кога ете: четвртото чудовиште, страшно, ужасно, извонредно силно, имаше големи железни заби; тоа јадеше, здробуваше, а што ќе останеше го газеше со нозете“ (Даниел 7:6-7). Фасцинантно. И најпосле старозаветниот пророк во своето видение со импресивната четврта слика имплицитно, но јасно како на јаве, го дефинира и петтиот цивилизациски појас од драматичниот сон-мора со кипот на Набукодоносор, тој со „стапалата од железо и глина“, иако истиот на изглед е најнедефиниран. По сè судејќи изгледа дека Даниел него го оставил да го протолкуваме ние. Нешто што е всушност карактеристично за пророците, кои нас нè сметаат за повикани дешифранти на нивните визии. Во случајот последната шифра од симболичкиот сон на вавилонскиот цар: железните стапала покриени со глина. Да. И ако се земат предвид сите историски и цивилизациски варварства за кои станува збор во толкувањето на Даниел, јасно е дека тука станува најпосле збор за денешната жестока Англоамериканска Империја, која како и железната на Рим гази безмилосно сè пред себе во име на своите империјални интереси. Во тоа нејзино современо варварство под претекст на демократија и други лажни вредности се жртва сега и Македонија и Македонците во неа. Само тие. Силеџиската промена на Името од нивна страна во соработката со нашата квислиншка влада. Дотука стигнува, како што гледаш драг читателу, пророштвото на Даниел, до раната и идентитетското ништење на Македонија и Македонците. Толку многу јасно и толку многу недвосмислено. Тоа, драг читателу, оти по тоа пророштво на овој старозаветен визионер што стигнува и до срцето на нашата гибел нам не ни останува ништо друго освен да ја запееме на сет глас песната на раните христијани „Господе дојди што поскоро“. Песна есхатолошка, затоа што истечуваат последните зрна песок од клепсидрата на времето и ние понижените и навредените веруваме дека доаѓа Правдата да ги заузда и казни злосторниците што ги газат со железната чизма невините и праведните. Арно ама таа, како што предвидел и Даниел, се распаѓа во глина, во кал и ќе го ослободи светот од нејзината тортура. Јас верувам, и затоа ти го пишувам ова, драг читателу. Наречи ме ако сакаш утопист, анархист, илузионист, што сакаш, но тоа ќе се случи, не може вечно злото да трае. Апостол Јован во Откровението зборува за Армагедон што ќе го победи него. За тоа ќе зборуваме во некоја друга колумна. А Армагедон значи истовремено и Армакедон, и не е случајна сличноста по звучност тука. Таа е есенцијална и во семантичка смисла ако ѝ веруваме на теоријата на Роман Јакобсон.
До следната наша колумна сè најубаво.