Пропаѓање

Веројатно, приказната со жабата во лонецот што полека се загрева најдобро го објаснува процесот на бавното, незабележливо умртвување кога условите за живот постепено се влошуваат, дури не станат невозможни.Во таква режија, од една пеколна
невозможност во друга, преодите се чинат млаки, а крајот (иако на дофат) – игнориран од жртвата. Но човекот, сепак, не е жаба (иако земјата ја третираат како лонец)

Сцена од Скопје, деновиве (катаден): автопатот е блокиран со километри, а во автобусите (и во многу автомобили) зад маските е како во гусени печки, каде што (како по грешка) согоруваат човечки суштества наместо дрва… Не дрва, ами догорчиња во пепелник – ќе си помислиш, гледајќи ги патниците во нив.
Над главите, наместо чадот од цигари (како некогаш во старите автобуси), лебди чадот од согорениот труд низ оџакот на денот. А денот – тежок како камен, како кај тутуновите берачи на Рацин: овде, некои нови работници – патници и берачи на грижи…
Со нив (и нивните грижи) нема ништо Сонцето над градот, уште помалку она од Кутлеш: чад е тоа од внатрешно согорување и грижа дека сето „горење“ е само (за) чад.
На сцена е уште еден од феномените на затемнување и стравот пред него: овој пат, на Сонцето од „утреш“.
Големата надеж на големиот град (или „свечениот момент на новиот почеток“, како во песната на Јаков Дренковски) изгледа пепелаво доцна попладне: епилог од големиот розов сон. Сеедно дали си во Скопје, во Белград или во Лос Анџелес – река од луѓе со згаснати насмевки (со или без маски) брзаат накај дома (едвај помрднувајќи се), а (не)редот како платно меѓу цилиндри, ја голта таа застојана река од луѓе и возила.
Не знаеш на чие платно стоиш во тој (не)ред: на платното на овој живот што никако да се доткае по мера на копнежите (како кошулата на Ленка) или на филмското платно на Џоел Шумахер на кое се губи разумот (а можеби е тоа истото платно?), каде што уште во првата сцена посакуваш да излезеш од возилото, да ја треснеш вратата и едноставно да заминеш. Но каде?

Дома – ќе помислиш, ако праша некој (ќе праша, ако „ѓерданот“ на нередот е ненадејно скинат). Одам дома…
Така започнува и она „Пропаѓање“ во филмот на Шумахер, од деведесеттите години на претходниот век: еден човек го напушта возилото во (не)редот и тргнува пеш накај дома. Напати, тоа се чини единствениот логичен чекор да се излезе од метежот и од таа застоена река во која влегуваш катаден со остатоците на надежта од претходниот ден.
Режисерот ни открива подоцна, дека „херојот“ (во улога на Мајкл Даглас) носи тежок „багаж“ под белата кошула: по долга служба во (индустријата на) одбраната, отфрлен е како застарен и непотребен во новиот поредок на трудот: останува без работа, а синдикатите уште пред него ја изгубиле битката за неговото спасување.
Кога првпат го гледав овој филм, си помислив – немаме толку автомобили, ниту патишта за нив, а и синдикатите уште се бореа за „своите“. Неодамна беше скинат „ѓерданот“ од Вардар до Триглав, а „бисерите“ (иако скинати) уште не беа треснати на подот (во слободен пад преовладуваше чувството на слободата).
Уште постоеја едни поубави метежи: луѓето ги шетаа насмевките по тротоарите како дечиња. Не затоа што тоа беше добро за компанијата и клиентите (да се смееш однадвор), туку зашто сѐ уште се живееше навистина добро, а смеата доаѓаше сама и однатре.

Биг мак бургерот на филмското платно изгледаше како минијатура наспроти сендвичот со плескавица на автобуските станици и најважното – враќањето дома не беше патување на кое стариот пролетер – „херојот“ на општеството, стануваше одметник и одмаздник „без причина“ (иако и тогаш вратите на возилата се затвораа со треснување), а сѐ (про)паѓаше претежно поради силата на гравитацијата.
Како и кога стана таа лоша трговија – за добар сендвич и добра насмевка да се купат лош сендвич и лоша насмевка и како влеговме во овој неолиберален „сендвич“ – е час на една повисока економија.
Долу, во пониското (сега и овде) каде што владее само притисокот на лепчето, човек се прашува само едно: како да излезе од „сендвичот“ и врелиот лонец што го надминал ефектот на топлата бања, наспроти уверувањата дека жешкиот пат е единствениот што води кон разладување на состојбите.
Веројатно, приказната со жабата во лонецот што полека се загрева најдобро го објаснува процесот на бавното, незабележливо умртвување кога условите за живот постепено се влошуваат, дури не станат невозможни. Во таква режија, од една пеколна невозможност во друга, преодите се чинат млаки, а крајот (иако на дофат) – игнориран од жртвата. Но човекот, сепак, не е жаба (иако земјата ја третираат како лонец).
Понекогаш ја отвора вратата, ја треснува и се упатува „дома“ – местото (и поточно, времето) на едно поедноставно, поспокојно и поубаво живеење. Нешта што можеби веќе и не постојат.
Понекогаш, тоа се дестинации и патишта што треба одново да се измислат и изградат. Но понекогаш, тоа е вратата на сопственото пропаѓање, како она во филмот на Шумахер.
Таму и така (и овде и вака), започнуваат многу пропаѓања: со упатување кон нешто што веќе го нема…

(продолжува)