Приспивна за Р Македонија

Насловот на оваа колумна е алузија на името на шестиот албум на југословенскиот рок-бенд „Бјело дугме“ – „Успаванка за Радмилу М.“, снимен еден јануари во Скопје, во далечната 1983-та, и замислен како албум на збогување со бендот

Постојат безброј начини да се започне една колумна, но најчесто три да се заврши – како тажна, смешна или гневна. Како пресликување на општ(ествен)ата положба или како соочување со нејзините расположби, во согласност со авторовите рефлексии и размисли за она што треба да се предизвика или се чини нужно да се промени.
Вообичаено, го одбирам крајот на нивното помирување, во обид да ја натерам тагата да се насмее, гневот да си ја спознае немоќта, а смеата да премости преку неа (немоќта), со надеж (а понекогаш и охрабрување од читател што жртвувал од своето време) дека напорот ќе се преслика барем во расположбата на читателот како чинител и двигател, освен на својата (лична и неотуѓива) и на пошироката (веќе очигледно отуѓива) положба. Дека ќе се одгласи во нечија тишина. И особено важно – обратното.
Но овој пат сите три, тажното, смешното и гневното, се претопиле и станале неразделни расположби со положбата на општеството – судбински тажно, гротескно смешно и полно со гнев.

Не успеав да најдам ниту емотикон (како графички приказ на човечкото лице што изразува конкретно чувство, масовно користено на социјалните мрежи) да го изразам овој чувствен амалгам, во кој се натопуваат не само лицето и душата на авторот на оваа колумна, туку верувам и на оние што упадот во правото на самоопределување, историската меморија и душата на Уставот го доживуваат и како упад во сопственото име и сопствената душа.

По конечното усвојување на уставните измени во Собранието, денот што ќе остане запомнет како „црниот петок“ за повеќето граѓани (судејќи според одзивот на гласот на референдумот за независност во септември 1991 и одзивот на молкот на „консултативниот“ референдум во последниот септември 2018) е петокот на единаесетти јануари годинава – ден на „легализацијата“ на едно нелегално преименување и суспендирање на правната држава, небаре се работи за диво изградена творба, а не за самостојна, независна и суверена држава, која безмалку три децении се измачува да го зацврсти континуитетот на својата апозиција и да ја потврди меѓународната позиција.

Како среде ваквата легализација на упади да се најде помирување со она што (ни) се случува и, поважно, со сопствената улога на чинители или нечинители во поднесување на последиците од таа улога? Како да се носи истовремено сето судбински тажно, гротескно смешно и полно со гнев од принудното преименување?
Колумнава, државата и безмалку сѐ (пре)останато во неа завршува во тој амалгам на спротивставени расположби и веројатно ќе продолжи да постои во знакот на тоа тројство и во новото северно устројство. Она што се раѓа со таков „благослов“, не може просто со преименување да ја промени таа истородност.

Кога се распаѓаше Југославија, мојата генерација, заедно со оние што ротираа околу неа беше премлада, односно немоќна да стори што било. Немоќта беше причина за нашиот „гнев“, ако може така да се нарече стравот од распаѓањето на мирот и државата на благосостојбата (онаа што не требаше да се грижи за својата иднина со таква младина), видено од најмладите како паѓање на стандардот меѓу блиските и распаѓање на мирот во блиското окружување. Овој пат е поинаку. Оваа држава се распаѓа долго. Сè што не расте – се смалува, сè што не се гради се распаѓа. Ништо не (по)стои непроменето, ниту пропаѓа прекуноќ.

Генерациите растеа, а Македонија се смалуваше одвнатре, осиромашуваше и се иселуваше. Новиот милениум го пречека со легитимација на насилството како политичко средство за промени, набргу и внатрешно се прекрои, а остана суштински „непроменета“ до црниот петок, по што непроменетото доби само ново име, студено и туѓо за земјата на југот, која еден „наш“ северен музичар ја опеа како место каде што сонцето вечно сјае…

Дури и немоќта остана непроменета, само се преименува, од причина стана изговор. А „петокот“, како и секој петок – пристигна. Попрво, нè стигна. Чуму сега гнев, кога кротевме? Немаме право на него.

Во гневот нема ништо големо, но може(ше) да произлезе пред тој да настапи, ако се соочивме со својата немоќ навреме. „Како што пред бурата и дождот доаѓаат самите предзнаци, така постојат и некакви предвесници на гневот… и на сите бури што ги пустошат душите“ (Сенека). Би додал – и државите. Македонија е долго болна од своевидна „епилепсија“, во постојан грч и напади одвнатре (ги молам оние што вистински болуваат од неа да не ми замерат за оваа непримерна споредба). Во стариот Рим, кога некој ќе добиел напад на епилепсија, собранијата се распуштале, па, оттаму, и епилепсијата била именувана како „собраниска болест“. Поинаква е денешната собраниска болест – кога тоа заседава, државата се грчи во „епилептични“ напади. Од храм на народни претставници, се преобрази во пазар на ситни трговци, во менувачница и тезга за трговија со неотуѓивото – со името, правото и достоинството на граѓаните.

Дури и Исус се гневел на трговијата во храмот, превртувајќи ги тезгите, и го носел колку умее крстот на сопственото распнување. Ние не смогнавме да ја однесеме ни сопствената нето-тежина пред законодавниот „храм“. Да тежи. Не ги „избравме“ ниту Исус ниту Бараба, го избравме Пилат – ја прогласивме Македонија невина, но сеедно си ги измивме рацете и оставивме да ја „распнат“.

Кога би можел, по сета оваа драма, наместо со колумна, да ја испишам оваа страница во сè уште старата „Нова Македонија“ – со тишина. Но наместо оловна тишина, треба да се испечатат зборови од оловна прашина, со човечка тежина, каков што е срамот што се слави како гордост – сопственото „обескичменување“ во името на некое идно исправување до „врвовите“ на Европа, личи на патот на полжавот: еднаш може ќе доползиме таму, но ќе остане фактот дека дотаму сме ползеле, а патот ќе остане обележан како лигав…

Насловот на оваа колумна е алузија на името на шестиот албум на југословенскиот рок-бенд „Бјело дугме“ – „Успаванка за Радмилу М.“, снимен еден јануари во Скопје, во далечната 1983-та, и замислен како албум на збогување со бендот. Се верува дека насловот на албумот е алузија на името на Радомир Михајловиќ-Точак, композиторот и гитарист на групата „Смак“, тогашен ривал на музичкиот пазар. Насловот, пак, на колумната не е алузија, барем не сѐ уште, но еднаш можеби ќе биде алузија за едни недоразбудени држава и народ. Алузијата ме води понатаму, до почетната песна на албумот, насловена „Полубаук полукружи полуевропом“ – уште една алузија, на почетокот на Комунистичкиот манифест и комунизмот како некогашен бауч (плашило за мали деца) за старата Европа. Од Маркс, преку „Дугме“, до денес, значењето на насловот се променило, но останало предупредувањето за половичниот бауч. Полубаучот денес е растечкиот национализам, граѓанското незадоволство и растечкиот јаз меѓу европските земји-членки и во самите нив, мигрантската криза и други поситни баучи, а Европа е преполовена меѓу она што го проповеда и она што го прави, меѓу вредностите што ги застапува и едновремено прегазува (Македонија е типичен примерок за таквиот половичен пристап). И не кружи, туку „патува“ по принципот на помал отпор, неизоставно враќајќи се како бумеранг во сопствениот двор, како некаков инаков бауч.

Албумот на „Дугме“ завршува со прекрасната инструментална композиција „Успаванка за Радмилу М.“. Тука некаде завршува и мојата колумна, но не како опело за Македонија, ниту како полубауч, најмалку како нешто прекрасно, а како приспивна до некои нови бели мугри, каде што се будат правдата и вистината и каде што се стои исправено, како во песната на „Дугме“: „Не може седечки, мора стоечки, и гласно што погласно, форте фортисимо, силно или никако!“

Сè дури има потреба за исправање, ќе постојат и исправени луѓе. Сè дури има сонувачи и трагачи по вистината, ќе постои и вистината. Сè дури има Македонци, ќе постои и Македонија. На овој или некој друг крстопат.

Авторот е магистер по мир и развој и поет