Претпразнична телеграма до татковината на лажните пријатели

Збогум куло моја недоѕидана, што те ѕидав од пафтањето на крилјата на исплашените гугутки, од црното во зеницата на македонскиот рис, што те ѕидав и во време и во невреме, од несвршени глаголи и идни времиња! Кажи ми зошто сега и смртта со тебе ми е слатка, колку што беше горчлива и љубовта со тебе, куло моја недоѕидана?

На сите мои доскорешни „пријатели“, кои откако се на власт, сторија сѐ да ми одбијат три пиеси и еден филм веќе одобрен за снимање. Со песна во проза им посакувам мир.
Нема повеќе да ти пишувам, Татковино на лажните пријатели. Ти, што некогаш беше праматерија на сите небесни согласки и самогласки, пергамент на Агнецот врз кој тогаш неописменета Европа ја испиша својата историја со крвави, наместо со букви од македонските фрески. Куло наша недоѕидана, што те ѕидавме од секоја согласка, како од плетварски мермер во јануари, и од секоја самогласка, како од распукана гевгелиска калинка во август, ти, единодржавна љубовницо на: прличевци, миладиновци, рациновци, блажеконевци, ацошоповци, славкојаневци, чашулевци, антепоповци, ганетодоровци, петреандреевци, живкочинговци, горанстефановци и на сите неупокоени живи македонски светлописци, зошто го одврати своето лице од нас, твоите ѕидари со вредни мистрии: дреари и уметници, новинари и келнери, лекари и бербери, инженери и спортисти, чевлари и синдикалисти, а погледна кариеристи: исти, исти, исти! Брзозачевлени, незачевлени и недозачевлени, што ги заменија опинците уште во предградијата и потрчаа спринт кон партиските секретаријати, да те ѕидаат само на хартија во партија, и кои маченичката крв на светците од фреските и на народните херои од историските мурали на Гиче ја исцедија во геополитички менструални влошки, пред кои политички активистки хистерично врескаат: „Не се наши влошките, немаме ништо ние со таа крв!“, срамејќи се од својата историска матка.

Ти, што си ги заборави своите велики синови и ќерки, оние што со одрана кожа плаќаа данок на немот во Небесната управа за приходи на секогаш идната македонска држава, додека оние со резервна кожа не плаќаа данок ни во УЈП; ти, менувачницо на достоинство за сув леб, во која заслуженото се добива само како милостина, ти жива месојадна гробницо за нашите деца што не ќе научат никогаш футур од македонска граматика, ти, крематориуму на талентите, ти, кисела идеолошка пот придушена од парфем, перика и шминка по академските будоари, со каква љубов уште да те сакам, кога при татковина ми ги расели децата како бездомници, а мене ми подари лимено чиниче, празно како ракав на македонски војник без рака, а полно како око на Светинаумов монах во молитва? Ти, што го распродаде на сезонски попуст сопствениот музеј со светите мошти на сите неразбрани македонски пророци и ги претвори во беззаби мумии што очајно шепотат од новата историска хартија, додека во Институтот за пластична хирургија на историјата и културата, сенките на Темниот фабрикувани во западни караѓоз-театри, во реге-ритам калемат авокадо на македонска черешна, онаа од која песни береше Блаже Конески, а за неа пееше Тоше Проевски; и притоа, создаваат нов македонски, генетски модификуван Франкенштајн, чист постмодерен patchwork, целосна релативизација на доброто и злото, на убавото и грдото, рециклирано срање на помрачениот ум! Слушај како во полициската визба туберкулозно кашлаат заточената Мери Шели и нашиот осомничен вампирџија Петре М. Андреевски, мачени од новата секуларна инквизиција, ама не ја откриваат тајната на животот на трансисторискиот Франкенштајн прикрпен од неспоиви делови, монструм за кој Господ не дава молња што ќе го оживее, а ЕВН е прескап, прескап, прескап!
Мајко Македонијо, конечно си надреално постмодерна: по небото ти летаат маркетиншки цепелини на кои пишува „енџиоу, хјуман енд мајнорити рајтс“ (умните и чесните се овде малцинство што наскоро ќе биде мнозинство во лудниците), додека земјоделците се чудат, зашто во празните зрна што ги сеат нема ни Исток ни Сонце, туку само темнина; и костумирани CV момци и девојки, качени на кариеристички партиски и невладини метли летаат исцртувајќи нов планетариум, зашто новиот светски поредок е нов поредок и на небесата, па наскоро и на Господа преку Мојсеј ќе му испорачаме нови плочи со заповеди, конечно да ги европеизира небесата, да исполни бенчмаркови и транспарентно да си биде сѐ, и да се знае кој во пекол а кој во рај, а не вака кој против кого ќе стигне: националисти против невладини активисти, маркисисти против феминисти, деконструктивисти против Сирма-војводи што во сити мол чекаат најнов модел сандали „маноло бланик“ и „нешто ново“ од „гучи“; додека по партиските (и леви и десни) зандани сите го кријат како ас од ракав окованиот Маркс, кој плаче грицкајќи го евтиниот Мекбургер, па под принуда пее патриотски песни во парни денови, а во непарни, на партиски бројлери им држи прокомунистички корпоративни курсеви на тема: „Како да се прегази Европа со национален производ, македонска фолксваген свилена политичка буба“; Трчајте, трчајте сите луѓе, кон шведската маса на Дона Европа по кавијар и шампањ, додека ноќните паркинзи на образовните институции се полнат со пратеници и ескорт девојки (сите дипломирани а на Биро), и од автомобилите исфрлаат полни кондоми и празни амандмани, да живее кариерата на оние типчиња со дигитално-табеларна интелигенција меѓу двете ушни школки, низ кои бие провев како на Лопушник, да живее дигиталното, смрт на аналогното, метафорите се одамна испукан експресионистички огномет на Рацин и Брехт, да живее идеолошкиот гонореичен исцедок, најскап шлаг по излозите на партиските слаткарници!

И од каде уште сила да ти проштевам, ти, острастено диво месо, што самото си залепи цена и се закачи на историскиот ченгел на светската месарница; Ти, што веќе им се воодушевуваш на ватиканските лижавчиња со лик на папата на кои пишува „Излижете го папата, сладок е, баш е cute!“; Ти, што самата се обесчести со тројанско идеолошко дилдо, за потоа да молиш пластична операција за враќање на химен по европските и софиски клиники за 99,99 евра; Ти, што никогаш не си ме заслужувала, ако не ти требам, не ми требаш ни ти мене! И вие, лажни пријатели, ластовички што бегавте од мојот дом зиме, кога ќе снемаше огрев, а се враќавте во него напролет со првиот топол леб; што баравте пофални слова од мене, а дозволивте неграмотен Хронос да тропне со стап и да рикне: „Јас сум почетокот на сите почетоци“, и не рековте ни збор кога ме снема од театрите и вашите празни срца, со која љубов сега вие ќе ја љубите Македонија, кула ѕидана од здивот на лепословците, фрескописците и копаничарите, од мијачките тајфи на церковстроителите, кога никогаш ништо не сте љубеле освен себе и златниците, ковани во ковниците на сеедно која држава?
Збогум куло моја недоѕидана, што те ѕидав од пафтањето на крилјата на исплашените гугутки, од црното во зеницата на македонскиот рис, што те ѕидав и во време и во невреме, од несвршени глаголи и идни времиња! Кажи ми зошто сега и смртта со тебе ми е слатка, колку што беше горчлива и љубовта со тебе, куло моја недоѕидана? Последен пат ти пишувам, последен пат името ти го вдишувам и издишувам, зашто на мојот грб, како на куфер од штавена човечка кожа, некој овластен партиски курир испишал далечна адреса за испорака на поштенска пратка, адреса за која не знам дали и џипиесот воопшто знае каде е и дали постои, и која е цената на лебот таму, и кој е бројот на мојот изнајмен стан СТОП.