Престанете да ја споредувате Македонија со Руанда

Доколку сакаме да бидеме објективни, треба да разбереме дека токму нашата држава (како што некои ја нарекуваат Македонија) денес е пример во светски рамки за пропадната држава. Затоа не треба да се изненадиме доколку некој интелектуалец или политичар од Руанда, на некои од светските форуми, ја илустрира Македонија за тоа како не треба да се води држава, како пример за погрешни политики

Во изминатиов период, поради знајни и незнајни општествени појави, многумина започнаа да ја споредуваат македонската држава со Руанда и искажувањата имаат негативна конотација во смисла дека Македонија е пропадната и нефункционална држава.
Зошто оваа компарација? Африканската република Руанда својата независност ја стекна во 1962 години, но нејзината елита не успеа да создаде од Руанда држава во вистинска смисла на зборот. Оваа состојба беше условена од теснопартиските и тесноетничките интереси, поради што настанаа децениска стагнација и опаѓање на економијата, корупција, нефункционално судство, екстремна сиромаштија, етнички и верски поделби и сѐ така до бесконечност. Во 1994 година, општествената расположба кулминира во геноцид во текот на кој за 100 дена беа убиени околу 800.000 жители на Руанда. Најголемиот дел од убиствата беа извршени со мачети и ножеви, но ужасот тука не заврши. Како чин на понатамошно понижување и обезвреднување на убиените, парамилитарните екстремисти го забранија погребувањето на телата што беа оставени на улиците да се распаѓаат.

Ужасот заврши кога Патриотскиот фронт на Руанда воспостави целосна контрола во земјата. Но загуба беше катастрофална, не само во поглед на изгубените човечки животи туку и во општествена смила, сите белези на државноста исчезнаа. Руанда како држава суштествуваше само на хартија и ништо повеќе. Затоа оваа африканска држава стана синоним за пропадната и нефункционална држава.
Но приказната за Руанда не заврши тука. Геноцидот беше егзистенцијално будење што создаде општествено-економско чудо од Руанда во светски рамки. Денес, оваа африканска држава е една од најбрзо растечките економии во светот, а нејзиниот раст во просек изнесува осум отсто. Во периодот помеѓу 2007-2017 година, директните странски инвестиции двојно се зголемија, од 800 милиони на 1,6 милијарда долари. За споредба, во 2000 година Руанда беше меѓу десетте најсиромашни држави во светот.
Преобразбата на Руанда не е ограничена само во економска смисла. Новиот устав што беше изгласан од владата на Пол Кагаме има цел национално помирување и еднаквост за сите граѓани, а секоја етничка и верска нетрпеливост соодветно се санкционира од институциите на државата. Уставот на Руанда исто така предвидува дека жените мораат да бидат застапени со 50 отсто во сите владини и државни институции. Затоа руандскиот парламент има најмногу женски претставници во целиот свет и нивната бројка е поголема од онаа во Данска. Да не заборавиме, Кигали – престолнината на Руанда достигна завиден степен на чистота и затоа е најчистиот град во Африка и еден од најчистите градови во светот. Колку и да звучи чудно, чистотата во Руанда не е поради високите казни, туку на општествената одговорност што е позната како умуганда.

Мораме да споменеме дека т.н. чудо од Руанда се должи на политиките на Пол Кагаме. По преземањето на власта, овој државник со својот советнички тим ги посети Сингапур, Кина и Тајван со намера да ги анализира нивните општествено-економски реформи. Врз основа на азиските искуства, Кагаме изготви национална развојна програма со која ја преобрази оваа африканска држава.
Далеку од тоа да идеализираме, состојбата во Руанда не е млеко и мед, оваа африканска држава и понатаму се соочува со голем број проблеми, но Пол Кагаме и неговите политики ја видоизменија Руанда во држава во вистинска смисла на зборот – нема значајна корупција, во сила е владеењето на правото, има функционална администрација, добро образование, стабилен економски раст итн.
Нашата политичко-општествена елита треба да го земе предвид искажаното и да престане да ја споредува Македонија со Руанда, оваа споредба можеби била можна во 80-тите години на 20 век, но не и денес. Напротив, Македонија и Руанда немаат никакви заеднички црти, можеби некогаш, но тоа е во минато време, бидејќи нештата се менуваат со брзината на светлината. Доколку сакаме да бидеме објективни, треба да разбереме дека токму нашата држава (како што некои ја нарекуваат Македонија) денес е пример во светски рамки за пропадната држава. Затоа не треба да се изненадиме доколку некој интелектуалец или политичар од Руанда, на некои од светските форуми, ја илустрира Македонија за тоа како не треба да се води држава, како пример за погрешни политики.
Со децении, македонската политичка елита се грижеше само за сопствените и партиските интереси, а никогаш за општото добро. Следствено граѓаните ја изгубија довербата во државата и нејзините институции. Македонија како држава одамна го изгуби својот компас и не знаеме во кој правец се движиме. Бидејќи немаме државна развојна стратегија, станавме предмет за потсмев за многумина.

Да повториме по стоти пат. Потребно е обединување на политичко-општествените сили доколку сакаме да создадеме од Македонија држава во вистинска смисла на зборот. Во спротивно вечно ќе останеме пред портите на Европската Унија, затоа што и боговите молчат пред фактите, а тие гласат дека во Македонија нема владеење на правото, постои корупција во сите општествени пори, партиско и етничко вработување итн. Овие егзистенцијални промени не беа решени со промената на името на државата, ниту пак ќе се решат со прифаќање на бугарските нерационални барања. Комплексните прашања се решаваат со заедничко анализирање и дејствување, а не со интриги, клевети и обвинувања.
Да завршиме со данскиот филозоф Серен Кјеркегор, кој вели: „Постојат две патеки на измама. Првата е да веруваме во она што не е вистина, а втората е да одбиеме да веруваме во она што е вистина.“