Преспа заборавена и од Господ и од луѓето

Тамам пред да седнам да го пишувам текстот за овој петок на телефон ми се јави еден мој близок, млад човек, редовен читател на весникот. Во разговорот, меѓу другото, ме праша што ќе пишувам. Откако му кажав дека имам намера да се осврнам на актуелната политичка ситуација благо ме посоветува да не го правам тоа. Ми ги објасни и причините. Вели дека ние од постарата генерација не можеме да ги разбереме новите движења, дека нашата логика за политичките процеси е застарена, дека нашите перцепции за нив се од едно минато време и дека не ги земаме во обѕир креативните решенија на младата политичка гарда. „Не си во тек“, ми вели. „Немаш Фејсбук, не си на Твитер, не си активен на социјалните мрежи што значи не си дел од модерното општество. Не само во Македонија туку и во светот“.
Ме посоветува да пишувам за Ресен, за Преспа, да посветам внимание на ситуацијата со Преспанско Езеро. Ми приспомнува дека ресенчанецот Симеон Радев во својата книга „Рани спомени“ пишува какви биле Ресен и Преспа пред повеќе од сто години, во времето на неговото детство.

Ја имам книгата во која има големи делови пишувани на македонски, ресенски јазик, многу различен од бугарскиот и кај што се жали дека ресенските родители, а особено децата, не го разбираат јазикот на школските книги и бараат повеќе српски од бугарски.
За потсетување на читателите, Симеон Радев е ресенчанец што во Бугарија направи блескава дипломатско-амбасадорска кариера. Меѓу другото, тој беше секретар на бугарската делегација што учествуваше во договарањето и потпишувањето на Букурешкиот мир во август 1913 година, со кој дотогашната отоманска провинција Македонија е поделена меѓу Србија, Бугарија и Грција. Во неговите мемоари, од кои поседувам копија од копирница, Радев пишува дека Бугарија воопшто не била заинтересирана за делот на Македонија што го доби Србија, територија на денешна Северна Република Македонија. Бугарите биле најзаинтересирани за излез на Егејско Море, делот околу Кавала сосе нејзиното пристаниште, што според договорот го добила Грција. Таквиот исход бил оценет како најголемиот дипломатски неуспех и историски пораз на Бугарија и можеби затоа актуелната бугарска политика се врти кон сегашните македонски граници, можеби како рехабилитација на букурешкиот пораз, како компензација на тогаш загубените надежи за територијално проширување.

Какви се Ресен и Преспа повеќе од сто години подоцна? По еден забрзан развој во време на комунизмот (социјализмот) доживуваат слом во последните четириесетина години. Како што се суши езерото, така им се суши душата на Преспанци, им се зема силата, а со неа и надежта. Градот е преполовен по бројот на жители од времето на моето детство, некои од старите другари таму ми кажуваат дека речиси една третина од куќите се празни. И да не е таа бројка, самата помисла на неа предизвикува гроза. Ако порано никнуваа не само нови куќи туку и цели нови населби по околните ридови, сега никој не е заинтересиран да гради ниту во центарот на градот. Нема млади што би му дале полет, надеж за добра иднина на градот. Слично е и со селата. Мал е бројот и на оние што се нафаќаат да работат бавчи, да одгледуваат јаболка. Поисплатливо им е да работат во која било друга држава, западна или американска, се разбира. Работата не носи пари, а и денарот не вреди ни пет пари.

А езерото, што е со Преспанско Езеро, кое е познато историско подрачје уште од времето на цар Самуил, токму преку една од најтажните епизоди на македонската историја. Имено, во Преспа се враќаат 14 илјади ослепени војници по загубената битка на Беласица, да ги лекуваат раните таму или да го окончаат животот. Таа вековна болка е поматена, да не речам избришана, со славата на Преспанската спогодба, онаа потпишана во некогашното етнички чисто македонско село Нивици сега во грчка Преспа и со име Псарадес. Токму таму, во неговата близина умрел и самиот Самуил, по што пропаднало и неговото царство. Стара географија, но локација на која е испишана нова историја, со нови луѓе, во нови времиња, низ нови историски предизвици.
Преспанско Езеро, поделено на три држави, како што е делена Македонија, исчезнува полека но видливо, од сезона на сезона, од едни до други избори. Ова не е носталгична фраза, туку сурова реалност. Опустените брегови стануваат километарски, трската царува во водата. Она што беа некогаш песочни плажи сега, на некои места, се мали, непроодни шуми. Освен нешто кај селото Сливница, место за капење речиси и да нема. Особено на западната страна, кај Отешево, Царина и Стење.

И рибарите имаат мака. Од трската не може да стигнат до водата. Според некои истражувања, нивото на водата е намалено од 2,5 до три метри височина. Според други, од Преспа е исчезната вода по количество рамно на седум дојрански езера.
Добро се сеќавам. Во опасност каква што сега се наоѓа Преспанско, пред 30 години беше Дојранско Езеро. Без да навлегувам во причините зошто било така или зошто сега е така со Преспанско Езеро, ќе посочам дека тогаш за негово спасување се крена целата држава. И политичари и медиуми и влада (немаше тогаш толку невладини за да го кренат гласот) и невлада. Владата на тогашна Република Македонија во 1999 година донесе одлука за прогласување елементарна непогода и поведе иницијатива за спасување. Се реализира голем ангажман, не се штедеа пари, се обезбедија дополнителни количества и езерото беше спасено. Сега секое лето Дојран е полн, Преспа е празна и посиромашна од секогаш. И природно и материјално. И еколошки и политички.

Езерото е обвиено со гласна тишина, покриено со густа политичка и национална магла. Никој, ниту власт, ниту невладини, не е заинтересиран нешто да преземе. Можеби има некои пишани декларации, но како и многу други нешта и тие остануваат во длабоките ормани на администрацијата. Исчезнува едно природно национално богатство, но никому не му е грижа. Нема глас од Министерството за екологија, најодговорно за природата без општеството. Никого не го интересира до какви климатски промени може да дојде, не само во Преспа, ако езерото стане езерце. Она што беше природа милиони години, сега од човечка негрижа може да биде уништено за неколку години.
Да не заборавиме! Според некои потврдени проучувања, Преспанско Езеро го храни со вода Охридско, преку реки понорници. Наводно тоа повеќепати е докажано. Постои и легенда дека уште од времето на свети Климент и свети Наум таа природна појава била докажана кога низ понорот биле пуштени една волнеста овца и едно одрано јагне. Пуштени биле од Преспа, по неколку дена излегле на изворите кај „Свети Наум“. И да не било така, легендата е интересна и ни кажува за заинтересираноста на луѓето за природата уште од времето кога не биле познати термините – екологија, влада, заштита на човекова околина. Сега термини постојат, ама нема дела. Никој не фрла јагне да помине низ некоја река кога може да го изеде, да се наслади.

А и овците не секогаш ни се на број.
Што да напишам како последна реченица, како поента на погоре кажаното? Ништо нема да напишам, зашто што и да напишам е бесполезно, не фаќа место. Не е ова тема што е политичка што ги тангира сите граѓани, кои со нетрпение чекаат вести и политички дуели. Таа е духовната храна што го одржува политичкиот систем.
На крајот едно појаснување до читателите. Никогаш не ми се допаѓала фразата кога за некого или за нешто се вели дека е заборавен/но и од Господ и од луѓето. Но, искрено, подобар наслов не можев да најдам. Таков е каков што е, но е најблизок до вистината.

[email protected]