Преспанскиот договор и домашните колаборационисти

За време на Шпанската граѓанска војна (1936-1939), нацистичкиот генерал Емилио Мола, преку радиообраќање се обидува да ги измами своите сограѓани дека на улиците на Мадрид, покрај четирите, маршира и „петта колона“ на националистички поддржувачи што веќе се зад грбот на трупите на официјалната власт. Наводниот удар врз републиканците од зад грб, на оваа „петта колона“ секако никогаш не се случува, но изразот „петта колона“, особено по истоимената драма на Е. Хемингвеј, влегува во политичкиот вокабулар во светот, секако во негативна конотација. Под петтоколонаш се смета секој соработник со непријателот што ги подрива интересите на државата и нацијата.
Слична приказна стои и зад поимот „квислинг“. Потекнува од името на Видкун Абрахам Лауриц Јонсон Квислинг (1887-1945), норвешки државник, кој бил соработник со нацистите за време на Втората светска војна. По инвазијата на Хитлер на Норвешка, откако кралското семејство се повлекува, Квислинг побрзал да се прогласи за премиер и лојален поданик на нацистичкиот режим. И оттогаш поимот „квислинг“ се користи за да ја означи оваа срамна соработка на домашни политичари со окупаторот, на штета на сопствениот народ и држава.
Ваквите појави денес во политичката наука имаат едно генеричко име – „колаборационизам“. И под него се подразбира секоја соработка на домицилното население, особено на политичките фигури, со непријателот. Еден современ политолог, Стенли Хофман (1928-2015) прави значајна дистинкција на колаборационистите, која, всушност, открива многу за нивната психологија. Имено, тој вели дека колаборационизмот може да биде или од „сервилност“ или „идеолошки“, или „неволен“ или „доброволен“. Првиот, сервилниот т.е. неволниот е едноставно од нужност, вториот, идеолошкиот е доброволен, од уверување! Првиот – неволниот – претставува едноставно неволно препознавање на нужноста од соработка под притисок на сериозната закана за безбедноста и животот на соработниците. Вториот – доброволниот – е всушност свесен и интенционален обид да се (зло)употреби состојбата во сопствена полза, да се добие нешто за себе, за што се користи и идеолошко оправдување на таа соработка со непријателот.

Ако гледаме со „човечки“ очи, првиот вид на соработка (неволниот) дури некако и може да биде оправдан. За овој прв вид соработка можеме да покажеме сожалување кон колаборационистите што се нафатиле на тоа затоа што им била загрозена безбедноста и животот – нивната или на нивните ближни. Иако, за „философските“ очи, дури и овој вид соработка би бил морално неоправдан. Имено, позната е аргументацијата на Ж. Пол Сартр по повод француските колаборационисти со нацистите, на кои францускиот суд по војната не им ја изрекол најстрогата казна, земајќи им ги „ѕверските измачувања“ на кои биле подложени како „олеснителна околност“. Судот проценил дека тие „едноставно немале избор“, на што Сартр, во согласност со неговиот егзистенцијалистички однос кон слободата, констатира дека не е точно дека тие извршиле предавство затоа што немале избор. Не, вели Сартр, имале избор – да умрат! Тие можеле да изберат да бидат убиени од нацистите, наместо да изберат да ги предадат своите соборци! Да се избере смртта пред предавството е избор, и тоа вистинскиот, според Сартр! Секако, и смртта е избор! Но доколку за момент го замолкнеме философот во нас и го послушаме човекот, овој прв вид на „соработка од нужност“ со непријателот, можеби некако и ќе можеме да го оправдаме. Човекот во нас можеби и ќе најде разбирање за колаборационистот, кој соработува со непријателот под принуда и под опасност за својата безбедност и живот. Но, од друга страна, не само философот во нас, туку и човекот во нас не може да најде оправдување за вториот вид колаборационизам – доброволниот колаборационизам од идеолошко убедување!
И токму ваквиот доброволен колаборационизам е со најжестоки манифестации. Најголемите злодела на домашните соработници врз сопствениот народ се направени токму од ваков вид колаборационизам, кога колаборационистите, слободно, непринудено, доброволно и со најголема ревност ги исполнувале задачите на странските непријатели. Ваквите колаборационисти се покажуваат како поголеми ѕверови, дури и од непријателот лично.

За време на мојата скорашна академска посета на Русија, помеѓу другите, имав и една незаборавна средба и со отец Кирил, ректор на една од Духовните семинарии во Москва. Помеѓу другите нешта за кои тој мудро глаголеше, беше и состојбата со црквата и религијата за време на сталинизмот, при што уште еднаш се потврди оваа погорна теза за колаборационизмот. Имено, најжестоките и најгнасни прогони против црквата и црковните лица не доаѓале од политичкиот режим, туку од бившите припадници на црквата! Бившите свештеници, оние што ја „фрлиле мантијата“ биле најсурови кон своите поранешни „колеги“! Најѕверските злодела кон свештениците и црквата ги извршиле поранешни, но и тогаш актуелни свештеници, соработници со сталинизмот. Многумина од нив не биле принудени, не соработувале од „нужност“ и под закана за нивниот живот, туку од убедување, свесно и интенционално. Тие се од оној втор вид на колаборационисти, кој Хофман го оквалификува како „идеолошки“ и доброволен.
Сосема „неинтенционално“ од моја страна, ваквиот вид колаборационизам ме потсети и на нашите, домашни колаборационисти а пропо Преспанскиот договор! Со што ги принудија на таков чекор? Под каква „закана“ тие се нафатија на таков чекор? Кому од нив, или на член на нивните семејства им беше загрозен животот или безбедноста? Со што ги исплашија, ги измачуваа ли, ги „убија“ ли!? Барем во јавноста такво нешто не ни беше познато! Напротив, во јавноста сведочевме дека самите тие доброволно, свесно и интенционално влегоа во тој процес од почетокот до крајот – од „бомбите“ до конечната реализација на однапред планираното сценарио! Притоа, свесно лажеа, манипулираа и се колнеа во „семето“, „жицата“ и „племето“! И погледнете сега! Доследноста, идеолошката увереност, дури и фанатичноста, со која сега се посветени на реализација на тој договор се класичен пример на вториот вид колаборационизам! Оној за кој нема ниту философско ниту човечко оправдување!

А богами, ниту простување! Уште од првиот ден на потпишувањето на тој договор, под туѓ диктат и исклучиво заради туѓи интереси, тие се фрлија на негово реализирање со една таква религиска фанатичност, на која, чинам, дури и нивните налогодавци се чудат! И веројатно се смешкаат. Многубројни се примерите за овој религиозен фанатизам на домашните ни колаборационисти:
1. „Втората страна ќе одржи референдум“ – стои во договорот. Референдум имаше, беше неуспешен, а договорот, со веќе констатираниот религиозен фанатизам, се изгласа и исто толку фанатично се спроведува!
2. „Во врска со погоренаведеното име (Северна Македонија – м.з.) и термини во имиња за комерцијална намена, трговски марки и заштитни знаци, Страните се согласуваат да им дадат поддршка и да ги охрабрат своите деловни заедници да воспостават искрен, структуриран и во добра волја дијалог, во чии рамки ќе бараат и ќе постигнуваат заемно прифатливи решенија за прашањата што произлегуваат од имињата за комерцијална намена, трговските марки и заштитни знаци и за сите релевантни прашања, на билатерално и на меѓународно ниво“ – стои во договорот. Во стварноста, фанатизмот дестимулира и стигматизира секаква употреба на името Македонија (брусеа шахти, по ѓаволите!?).
3. „По известувањето од Втората страна за завршување на постапката за усвојување на погоренаведените амандмани на Уставот и за завршувањето на сите внатрешни правни постапки потребни за влегувањето во сила на оваа спогодба, Првата страна веднаш ќе ја ратификува оваа спогодба“. Кај првата страна (Грција) сè уште стојат таблите „Скопија“, но на фанатизмот на „првата страна“ тоа воопшто не му пречи – тие се колаборационисти од идеолошко убедување!

4. „Во однос на важноста на веќе постојните документи и материјали издадени од властите на Втората страна, Страните се согласни да има два преодни периода, еден „технички“ и еден „политички“ – стои во договорот! Техничкиот период за промена на документите со „северна“ е пет години, јас добив регистарски таблици со НМК „утредента“ по потпишувањето на договорот! Фанатично, баш како што им прилега на вистински колаборационисти од убедување! Тие секогаш се и пред рокот, пред наредбодавецот дури тоа и да го побара од нив, тие ја исполнуваат дури и неговата помисла! Политичкиот преоден период, пак, во чл. 1/10/б предвидува: „Издавањето на ваквите документи и материјали шт се опфатени со оваа категорија во согласност со членот 1, став 3 ќе започне при отворањето на секое поглавје на релевантното поле во преговорите со Европската Унија и ќе биде финализирано во рок од пет години оттогаш“. Значи, сите документи ќе се менуваат ОТКАКО ќе ги отвораме релевантните поглавја во преговорите и ќе биде финализирано во рок од пет години ОТТОГАШ! Значи, ако сте добиле пасош, лична карта, здравствена книшка, диплома со „Северна“… слободно можете да им ја вратите, затоа што поглавјата Здравство, Образование… не се ни отворени, а камоли од отворањето да поминале пет години!
5. Да не го узурпираме просторот повеќе и да завршиме со она од што најмногу ми се гади од ваквиот доброволен колаборационизам. Фанатичните колаборационисти одат дотаму што исполнуваат дури и повеќе од она што го пропишува буквалното слово на договорот! Тие, во духот на нивните претходници, воведоа дури и „вербален деликт“, па го санкционираат секое изговарање на еретичкото име „Македонија“! Многу често по телевизии, на спортски натпревари, дури и на политички собири, голем дел странци го употребуваат зборот „Македонија“, но не и нашите фанатици! Ви велам, иако договорот никаде не санкционира вербална употреба на името Македонија, тие се подготвени да воведат дури ако треба и санкција „вербален деликт“, само да бидат „поголеми католици од папата“. Оти вистинските колаборационисти се такви – поголеми фанатици и од „официјалниот фанатизам“ што се бара од нив! Фуј!

Авторот е професор на Факултетот за образовни
науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип и
почесен професор на МСПИ, Москва, Русија