Преспанската спогодба не е Библија (ниту Куран)

Легитимно е прашањето кој може и со каков закон да го оспори или забрани правото на поединец, општествена група, партија или слична легална македонска организација, која денес или утре на поинаков начин од власта го чита, разбира и толкува договорот. Зошто уште сега на некоја идна генерација надоена со силно национално идентитетско македонско чувство, за разлика од сегашната анационална, ѝ се одзема можноста да направи обид за ублажување на последиците од промената и за враќање на идентитетските (македонски) називи на институциите

Колку што мене ми е познато (а сигурно не ми е сѐ познато) во светот постојат три свети книги што со векови не подлежат на промена. Тоа се Талмудот, Светото писмо (Библијата) и Куранот. Како четврта таква недопирлива света книга сега некои во Македонија ја објаснуваат, опишуваат, потврдуваат и наметнуваат постигнатата конечна спогодба за името со Грција.
Како што може да се забележи, прашањето дали се можни измена на спогодбата, нејзино преформулирање, раскинување или поништување, стана еднa од позастапените теми во актуелната изборна кампања за претседател на државата, формално највисоката функција. Линијата што ја застапува кандидатот на СДСМ и на ДУИ, Стево Пендаровски, со неговите поддржувачи цврсто стои на ставот дека таа е дадена еднаш засекогаш и дека во неа ниту сега, ниту кога било, не може да се интервенира, не смее да се смени ниту еден збор, дури ни запирка. Кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска-Давкова и партијата што стои зад неа одоколу подразбираат дека можности за соодветни интервенции постојат и дека, доколку дојдат на власт, чекори во таа насока ќе преземат. Но не ветуваат коренито менување или раскинување, свесни дека според ингеренциите што ги има претседателот е речиси невозможно да се реализира такво решение.

Иако двете линии се дивергентни, дури дијаметрално спротивни, иако двете подлежат на одбрани или критики, тие се легитимни и не се само одраз на мислењето на кандидатите или на нивните партии. Тие се израз на расположението на Македонците, кои исто така имаат различни мислења и се, како за многу други нешта, поделени и околу ова прашање. Значи и едната и другата страна имаат свои поддржувачи и противници. Во медиумите, телевизиите, весниците и порталите форсирана и подоминантна е застапеноста на оние што тврдат дека спогодбата е неменлива при што предничат оние медиуми што добиваа(т) обилна странска финансиска помош и се блиски до опциите што ги застапува Владата.

На оваа страна се и голем број интелектуалци, поранешни политичари, поранешни министри и дипломати (амбасадори) што биле на високи позиции и стекнале кариери и богатства од народни пари бранејќи го и името на државата и по службена должност и по лично убедување и изјаснување. Сега собрани во наводни невладини и непрофитни партиски, наменско нарачани организации, здружени во некакви дипломатски клубови или дипломатски совети, без грам срам, дури со признание дека биле доведувани во тешка заблуда, се жестоки поддржувачи и најтврдокорни бранители на спогодбата, изјавувајќи дека таа е напишана за „веков и веков“.

Нешто слично може да се каже и за некои во јавноста мошне присутни академици и професори на универзитети, „славни“ правни експерти што пишувале устави, закони, сепарати и книги објаснувајќи дека никој нема право да го смени името, а подоцна беа меѓу првите што тврдеа дека тоа мора да се стори. Беше тоа една плејада учени, своевремено угледни луѓе, кои своите ставови прекуноќ ги менуваа според потребите, според нарачките или според добиените хонорари. На овие, секако, треба да се додадат и познатите НАТО-лобисти, кои се инсталирани во партии, во политички и невладини организации и во медиумите, обилно доларски грантирани. На сите нив можеби не може да им се залепи етикетата на американисти, повеќе би одговарало да се наречат реалисти, кои го имаат во вид моментниот распоред на силите во меѓународната заедница, кои признаваат дека политиката (силата) е над правото, особено политиката на САД и на ЕУ. Се разбира тука не може да се исклучат нивните лични лукративно-практични и кариерни интереси, нивните возобновени амбиции за некоја плус добивка од власта, дали за нив или за нивните деца.

На другата страна се главно членовите на опозициската партија и нејзини симпатизери, добар дел од партиски неопределените граѓани национално омаловажени од промената на името, активисти на социјалните мрежи и, се разбира, незадоволници разочарани од општата политиката што ја води новата власт. На мнозинството од овие последните, вклучувајќи ги и вмровците, им е сосема јасно дека спогодбата беше неизбежна, дека таа е одличен документ за соработка меѓу Македонија и Грција, со исклучок ако во неа не беше понижувачкиот член за промена на името. Имаат разбирање и за НАТО и за ЕУ, сакаат да одат напред, но сепак, се чувствуваат навредени што македонската држава не успеа да најде начин да го зачува името. И меѓу нив има мнозинство реалисти, иако стрчат голем број идеалисти, кои сметаат дека спогодбата треба (може) да се измени или да се откаже сега и веднаш.
Да се вратиме на основното спорно прашање во кампањата – дали е можно да се измени или раскине спогодбата. Во право (и во заедничка предност) се реалистите и застапниците на линијата на непроменливост. Во овој момент и уште долги години напред тоа е невозможно. Но на сметка на тој факт никој од оваа или од друга владејачка политичка гарнитура не може сега категорички, однапред да им го одзема правото на некои идни генерации Македонци да го поставуваат прашањето за враќањето на автентичното име на државата Република Македонија, извојувано по Втората светска војна кога македонскиот народ беше на страната на сојузниците, на страната на антифашистичката коалиција.

Легитимно е прашањето кој може и со каков закон да го оспори или забрани правото на поединец, општествена група, партија или слична легална македонска организација, која денес или утре на поинаков начин од власта го чита, разбира и толкува договорот. Зошто уште сега на некоја идна генерација надоена со силно национално идентитетско македонско чувство, за разлика од сегашната анационална, ѝ се одзема можноста да направи обид за ублажување на последиците од промената и за враќање на идентитетските (македонски) називи на институциите.

Растат нови поколенија што завршуваат по оксфорди, кембриџи и други најугледни универзитети, личности што ќе бидат милионери, интегрирани во кругови на високите општества, дури и идни функционери во ЕУ или во НАТО, кои од правен аспект или од носталгичност, без комплекси, би го отвориле тоа прашање, би се бореле за таа идеја. Не може ним од денес за утре да им се даваат ултиматуми, да им се става вето, да им се ограничува слободата на мислење, да им се заробува умот во некој иден поинаков распоред на меѓународните сили на светската сцена, па дури и поинакво разбирање во самата Грција, по сегашните полуотворени врати.

На почетокот од текстот беа спомнати трите свети книги. Библијата е книга што опишува настани и легенди од постанокот на човекот до крајот на светот, од Адам и Ева до апокалипсата. Таа опфаќа настани и легенди од 13 век пред нашата ера, а како целост е комплетирана дури во четвртиот век од новата ера и најраспространетата (и најпродавана) книга во светот. Куранот (или Коран), светата книга на муслиманите бил составен од придружниците на пророкот Мухамед, кои ги запишувале неговите зборови, а тој самиот бил неписмен. Како света книга е од 622 година по Христа, година кога почнува броењето на годините според исламскиот календар. Како најверодостоен примерок е примерокот напишан на арапски јазик, јазикот на молитвите. Муслиманите верници неа ја сметаат за безгрешна книга. Талмудот е света книга за Евреите во која е запишан Усниот закон, од генерација на генерација усно предаван и приспособуван на новите обичаи. На запишување на Талмудот работеле околу 2.500 рабини, цели петстотини години па и до 100 години пред Христос и до 400 години по Христовото раѓање.

Кај трите книги, сепак, постојат варијанти на читања, варијанти на толкување и на примена на учењата и законите, некаде со поголеми, некаде со помали разлики. Поради различни читања и толкувања, поради злоупотреба на божјите зборови (некаде и поради грешки во преводите) дошло до расколи во христијанството, исламот и јудаизмот. Во сите нив се формирани различни религии од основната, други цркви, секти и други религиозни групации, кои на свој начин ги спроведуваат божјите и пророчки пораки што ги сметаат како единствено вистинити и точни.
Како што се одвиваат настаните на македонската политичка сцена, како што се зборува во претседателската кампања, може да се случи да се стави до знаење дека само спогодбата постигната меѓу Македонија и Грција ќе биде единствената божја книга за која никој не ќе може да има поинакво мислење, дека ќе претставува единаесетта божја заповед за сите нејзини граѓани, сега и засекогаш.

[email protected]