Препознавање и самопомош при менопаузни тегоби!

Значајно е да се направат одредени промени во животниот стил кај жените во менопауза, кои првобитно ќе вклучат: зголемена физичка активност и престанок на пушење, како и урамнотежена исхрана, која подразбира намален внес на заситени масти и шеќери поради зголемениот ризик од кардиоваскуларни проблеми

Менопаузата е неизбежен период од животот на секоја жена (обично по 45-та година), коj го означува завршувањето на нејзината репродуктивна способност. Менопаузата е потврдена кога една жена 12 последователни месеци е без менструални крвавења, што е последица на недостиг од естрогени, при што јајниците повеќе не овулираат. Менопаузата е неизбежна, сосема природна, физиолошка појава, која носи значајни промени во животот и однесувањето на жената. Поради престанокот на функцијата на јајниците доаѓа до појава на голем број карактеристични менопаузни тешкотии и други придружни болести, чија симптоматологија често е испреплетена со проблемите што ги носи менопаузата.

Препознатливи симптоми на менопаузата се: топли бранови и напади на црвенило на лицето и вратот, зголемено потење, срцебиење, главоболка, нагли промени на расположението (апатија, раздразливост, анксиозност, плачливост, депресија), несоница и намалена сексуална желба.
Притоа, не секоја жена ги искусува сите симптоми и тие може да бидат со различен интензитет. Покрај овие, несомнено, непријатни симптоми, отсуството на естрогени хормони во подоцнежниот период од животот (т.н. постменопауза) може да доведе и до позначајни нарушувања на здравјето, како што се: покачен холестерол и крвен притисок, остеопороза, сувост на кожата и мукозните мембрани, вагинални инфекции, слабеење на мозочната функција, уринарна инконтиненција, зголемен ризик од рак на дојка итн.

Поради сето ова, значајно е да се направат одредени промени во животниот стил кај жените во менопауза, кои првобитно ќе вклучат: зголемена физичка активност и престанок на пушење, како и урамнотежена исхрана, која подразбира намален внес на заситени масти и шеќери поради зголемениот ризик од кардиоваскуларни проблеми.
Дополнително е корисно во секојдневната исхрана да вклучат одредени додатоци во исхраната што ги намалуваат тегобите во менопауза. Една од варијантите е примена на т.н. цимицифуга, растителен екстракт што се врзува за естрогенските рецептори и ги модулира, со што ги намалува интензитетот и зачестеноста на топлите бранови, прекумерното потење и срцебиењето.

За истата намена се користат и екстракти од црвена детелина, ленено семе и ангелика, додека, пак, за намалување на симптомите на немир, раздразливост и несоница се користат комбинации од Б-витамини, магнезиум, валеријана, маточина и мелатонин.
Никако не смее да се занемари значајно зголемениот ризик од остеопороза, поради што треба да се зголеми внесот на калциум и витамин Д, како и редовно да се контролира густината на коските. Редовната посета на гинеколог не смее да изостане во периодот на менопауза, а раниот скрининг на дојка е клучен за брзо препознавање и навремено третирање на евентуален канцер на дојка.

Авторот е м-р по фармација и топедукатор