Премногу за да пропаднат… дали?

Првиот заклучок е дека предложените мерки не се засновани на анализа и не се знае дали се соодветни во однос на кризата, и во време и во опфат. Исто така, не е јасна целта и кој и зошто треба да помогне. Брза илустрација, повеќето земји планираат мерки за три месеци (април-јуни), а ние за два месеца (април-мај). Затоа, итно се потребни прогнози од Народната банка и од Министерството за финансии и тие да се објават

Доколку во финансиската криза во 2008 година важеше „преголеми за да пропаднат“ (Too Big To Fail) и се однесуваше за банките, економската состојба во која ќе се најдеме е „премногу за да пропаднат“ (Too Many To Fail) бидејќи многумина ќе бидат засегнати од претстојната рецесија. Дали? Како што пишував, почетниот оптимизам „Што е проблемот да се седи дома две недели, да се решат сите случаи и потоа да си продолжиме со животот?“ е многу наивен пристап кога се очекува врв на епидемијата во април/мај, а ковид-19 засега опфаќа широк спектар на подрачја од здравство, внатрешни работи, економија, образование, конзуларна поддршка, спорт, култура итн…

По бавниот почеток, Македонија заличува на организирана држава, се преземаат потребните мерки за справување, особено здравството и внатрешни работи, а се заостанува во економијата и образованието. Потврда за заостанувањето е што дури сега се преземаат мерки во образованието (учење на далечина) и по смешните економски мерки, како фонд за бескаматни кредити од неколку милиони евра, се отвори расправа за посериозни мерки. За жал, објавата дојде на погрешен начин од страна на Зоран Заев и СДСМ, а не од Владата, со што повторно се погазува раздвоеноста на партијата од државата (Зоран Заев зборуваше во прво лице во име на Владата, дури и банките).

Секоја расправа за мерки, мора да почне со анализа на ситуацијата вклучувајќи и симулација на можни сценарија од најдобро до најлошо. Тоа се прави во здравството и за епидемиолошките мерки, но не се направи во економијата! Нема процени колкав ќе биде падот на економијата, колку работни места ќе се изгубат, кои се најзасегнатите сектори, колку ќе трае рецесијата, кога ќе започне економското закрепнување? Народна банката и Министерството за финансии имаат каква било анализа? Зашто без анализа на состојбата како ќе знаме дали ќе бидат ефективни мерките?
Какви се прогнозите и мерките на другите? Во САД една од прогнозите е дека економијата ќе падне 12 проценти во периодот април-јуни и ќе се загубат 3,5 милиони работни места, а закрепнувањето ќе започне во јули, но сепак годината ќе заврши со пад од околу 1 процент.

Тука многу важно е да се забележи дека пад на индустриски производство има од 2019 година пред ковид-19 и дека можеби не претстои само рецесија туку депресија. Мерките главно се во две групи, зачувување на работните места или бенефиции за отпуштените и одржување на ликвидноста со репрограмирање и поволни кредити. Според повеќе експерти, најрадикални се мерките на Данска, кои предвидуваат државни субвенции во износ од 75 проценти од платата следните три месеци и се проценува дека вкупниот пакет ќе изнесува 13 проценти од нивната економија. Други земји најавуваат обемни пакети, пример Словенија од 1 милијарда, Грција од 3,8 милијарди. Данската формула примената кај нас би изнесувала околу 1,5 милијарда. Секако дека ние не можеме да си допуштиме такво нешто и помал износ би бил значаен.

Но и таа процена недостига, бидејќи од најавеното задолжување од 600 милиони евра само 120 милиони евра би биле насочени кон мерката за поддршка на работните места, а другите се или мерки за штедење или се парично безначајни. Оттука другите средства, веројатно, се за одржување на ликвидноста на буџетот и државата.
Првиот заклучок е дека предложените мерки не се засновани на анализа и не се знае дали се соодветни во однос на кризата, и во време и во опфат. Исто така, не е јасна целта и кој и зошто треба да помогне. Брза илустрација, повеќето земји планираат мерки за три месеци (април-јуни), а ние за два месеца (април-мај). Затоа, итно се потребни прогнози од Народната банка и од Министерството за финансии и тие да се објават.

Втора брза илустрација за недостиг од анализа. Дел од владините мерки беа затворање на градинките и училиштата, и платено отсуство за еден од родителите на деца до 10 години? Со ескалација на епидемијата ќе ни треба секој човек во здравството, веројатно и во полицијата, тогаш дали градинките и дневните престои треба да работат ограничено само за децата на вработените во здравството и полицијата? Дали за сите деца до 10 години треба да се ослободи еден родител, бидејќи со ограничувањето на движењето за граѓаните над 67 години се нарушува системот „баба дадилка“. Дали еден родител на сите деца до 10 години треба да остане дома и да ги чува? И, секако, кој ќе ја плати оваа мерка? Фирмите може да ја платат првите 15 дена, но над тоа треба да биде на товар на државата.
Покрај планирањето на роковите што треба да бидат барем на три месеци, мора да се утврди целта кој и зошто треба да помогне? Брза илустрација, со ваучери ќе се обесштетат туристичките агенции и нивните клиенти за пропаднати аранжмани? Истовремено, туристичките агенции ќе добијат субвенции за работни места. Државата ќе обесштети клиенти и агенции за аранжмани во странство? Тогаш зошто не се обесштетуваат хотели и ресторани за пропаднати резервации?Една од двете главни мерки е субвенција за нето-плата од 14.500 нето, додека придонесите и даноците се на сметка на работодавецот за работници чии плати се до 39.990 денари, за погодените фирми и доколку не исплаќале дивиденда и не отпуштиле работници.

Оваа мерка повеќе ги штити работодавците отколку работниците, бидејќи остава работодавците да одлучат дали ќе исплатат повисока нето-плата, а работниците треба да бидат среќни со минималец. Подобро решение е доколку цената на кризата се распореди на работникот, работодавецот и државата, на пример платата во криза да се намали за 10 до 30 проценти што ќе биде цената што ќе ја плати работникот, а преостанатиот дел би го финансирале половина работодавецот и половина државата. Ова е далеку од данските 75 проценти, но би било во согласност со нашата економска моќ.
Втората мерка за сведување на платите во јавниот сектор на 14.500 денари е чиста лудост! Ќе доведе до масовна демотивираност, и доколку синдикатите немаат храброст за штрајк, ќе се случи тивок штрајк со неработење. Второ, ќе доведе до пад на потрошувачката и ќе ја влоши состојбата во економијата. И да, чиста лудост е да суспендираш извршување на извршители, кои можат да наплатат до 30 проценти од плата, а истовремено да ги намалиш платите за 30, 40, дури и 70 проценти. Доколку има намалување на платите во јавниот сектор, тоа треба да биде на нивото во приватниот сектор од 10 до 30 проценти.
Трипати мери, еднаш сечи. И затоа итно анализи и прогнози на НБРМ и на МФ.

Седум дена од претходниот напис „Македонија заличува на организирана држава“ се покажуваат првите пукнатини во здравствените мерки. Појавата на ковид-19 во Куманово покажува пукнатини во тестирањето и самоизолацијата. Во Куманово недостига нулта случајот, кој е таму некаде и поради тоа сега Куманово ќе биде отсечено. Неопходно е масовно тестирање, а матичните доктори се неподготвени. Дури и приватниот капацитет во клиниката „Жан Митрев“ се исцрпен, во моментот се закажуваат тестови за 7-8 дена отсега. Втората пукнатина е безбедноста на болниците! И покрај протоколите и безбедните премини итн., во Куманово се заразени доктори и медицински персонал. Земајќи ја предвид и експозицијата во Клиничкиот центар во Скопје, и болниците во Кавадарци и во Охрид, доколку нашите болници и медицински персонал не се алармираат веднаш, ни се заканува опасност болниците да станат епицентар на експлозијата на ковид-19 како во Вухан и во Италија.

Авторот е аналитичар

Блог www.megjutoa.mк @sklek #Covid-19 #Ковид-19 #SARS-CoV-2 #coronavirus #TooManyToFail