Предвесник на бура или тест за хуманост

Додека европските лидери ја вратија реториката на стравот од нов бран бегалци што континентот ќе се бори да ги акомодира, ние очигледно немаме проблем со тоа. Зашто кај нас политичарите не стравуваат дека големиот број баратели на азил би можеле да го поттикнат популизмот од десницата, која никако да ја детектираме во политичкиот спектар во земјава. Можеби затоа премиерот е толку комотен нудејќи ја државата како складиште за бегалци на Европа

Падот на Авганистан во рацете на талибанците натера илјадници Авганистанци во паника да ја напуштат државата. Но нивниот присилен егзодус од земјата, исто така, индуцира паника кај европските политичари, кои се преплашени од уште едно масовно движење на муслимански баратели на азил. Нивната загриженост е резултат на искуствата од неодамнешното минато дека новите мигранти ќе го разгорат жарот на екстремно десничарските и популистичките движења, кои ја преобликуваа политиката на европските држави по бранот баратели на азил од војните во Сирија и во Ирак што се упатија кон Европа во 2015 година. Францускиот претседател Емануел Макрон јасно ќе порача дека „Европа не може сама да ги преземе последиците“ од падот на Авганистан. Наместо тоа, тој ја повика Европската Унија да создаде „силен одговор“ на секој нов прилив на мигранти од Авганистан, што во суштина ќе има цел да им плати на транзитните земји за да ги задржат бегалците таму. Таквата иницијатива треба да се заснова на соработка со транзитните земји, како што се Турција, земјите од Централна Азија и Пакистан. Иако Авганистан претставува итна морална обврска и одговорност за Европа многу повеќе отколку другите војни, очигледен е дефицитот на сочуство во Европа кон бегалците, креирајќи проблем што може да биде непремостлив во процесот на нивното хуманитарно згрижување.

Во текот на последната деценија, миграциите станаа итно политичко прашање. Втората деценија на 21 век го маркира не само со глобалното движење на луѓе преку националните граници туку и обидите на владите да подигнат sидови и огради на нивниот пат. Прашањето за бегалците речиси ја подели Европа на два дела, а етнонационализмот фрли нови корени на Стариот Континент. Видовме како национализмот освојува гласови и како расте популарноста на екстремната десница како резултат на бегалската криза. Дали одговорот на Европа на новиот бран бегалци од Авганистан е она што европската политика стана по бегалската криза од 2010 и 2015: тактичка и ледена во исто време, без оглед на вознемирувачките околности што новата хуманитарна криза ги носи со себе? Дали повторно се соочуваме со срамен одговор на кризата од страна на европските земји, вртејќи се кон зголемените ксенофобични политики и реторика за да ги задржат бегалците надвор од Европа? Секако не може да се потцени траумата од тоа време кога консензусот во Унијата се распрсна и кога се чувствуваше како Европа виси на конец. Но за сиве години, Европа не понуди поинаков начин на гледање на миграцијата; вистинска алтернатива што се осврнува на колонијализмот и масовно нерамноправниот свет што тој го создаде. Затоа ЕУ ќе побара бегалците од Авганистан да бидат засолнети во соседните земји, што ќе им даде време на нејзините членки да размислат за „вториот чекор“ и дали оние што се под сериозна закана за своите животи ќе можат да бидат донесени во Европа на контролиран начин.

Очигледно дека Европа на случувањата во текот на минатата недела во Авганистан гледа предвесник на бура што може да ја тестира западна демократија до уништување. Зашто претстојниот колапс на авганистанската држава ризикува да испрати огромен нов бран мигранти кон Европа. И второ, имајќи го предвид шестиот извештај на меѓувладиниот панел за климатски промени што презентира докази дека во следните неколку децении ефектите од климатските промени може да бидат такви што ќе помогнат да се уништат неколку ранливи и силно населени држави ја прави Европа крајно внимателна и дефанзивна во одговорот на бегалската криза од Авганистан. Нема вистинска дискусија за човечката цена на конфликтот, болката и тагата од загуба и повреда, или фактот дека бегалците го прават она што секој што би се нашол во нивната ситуација: бараат безбедност за себе и за своите семејства. Има само безмилосен национален интерес, политичка пресметливост и акумулиран страв од бегалците што го формира одговорот на кризата во Авганистан.

Но затоа нашиот премиер е бестрашен. И со „големо срце“, ама за другите. Додека европските лидери ја вратија реториката на стравот од нов бран бегалци што континентот ќе се бори да ги акомодира, ние очигледно немаме проблем со тоа. Зашто кај нас политичарите не стравуваат дека големиот број баратели на азил би можеле да го поттикнат популизмот од десницата, која никако да ја детектираме во политичкиот спектар во земјава. Можеби затоа премиерот е толку комотен нудејќи ја државата како складиште за бегалци на Европа. Ако Европа не може сама да ги преземе последиците од ситуацијата, ние, кои немаме ниту одговорност, должност или обврска за тоа, можеме. Додека другите ги антиципираат и се обидуваат да се заштитат од нова мигрантска криза, ние изгледа не мораме. Нас нема да нѐ поколеба тоа дека прашањето за сместување на бегалците од Авганистан стана уште еден дополнителен поларизирачки фактор во македонското општество, поттикнато од економските превирања, економската сиромаштија, зголемената невработеност и пандемијата на коронавирусот што продолжува диспропорционално да влијае врз ранливите и сиромашните граѓани во Македонија. Нема да нѐ поколеба негативното јавно мислење и тоа дека секое натамошно доаѓање на бегалци од Авганистан ќе се судира со култура и обичаи што значително се разликуваат од нашите, ниту пак нашите искуства со бегалските кризи што нѐ научија дека споделувањето на товарот на кризата најчесто го плаќаме ние самите. Нам никогаш не ни недостигала хуманоста. Ни недостигала грижа за државата. И „големо срце“ за македонскиот народ.