Предавството на политиката

Веќе не гледам на кого може да се потпре Македонија да ја воспостави контролата над забеганиот политички систем. Не гледам сценарио во кое ќе си ја вратиме државата, ќе си ја вратиме нацијата што бевме во 1990-тите, со кохезивен национален етос, јасен национален естаблишмент, кога верувавме дека градиме држава на македонскиот народ

Чудно како се навикнуваме да го живееме привидот на реалноста во Македонија. Нѐ научија да живееме со променето име на државата, „забетониран“ недефиниран идентитет, јазик што не е македонски но е мајчин, историја што е заедничка со нашите соседи. Секојдневно ја голтаме цензурата, ограничувајќи ги зборот и критичката мисла, ја жртвуваме вистината за живот со компромиси низ кои ја губиме државата. Колку и да одрекуваме, го прифативме привидот на држава, поточно глумењето држава како нова реалност што ни ја пласира оваа власт, го прифативме предавството на демократијата од политиката без одговорност.
Да не се лажеме, предавството е трајно прашање на македонската политика. Чувството за предавство започна долго пред оваа власт. Нашиот момент на морална конвулзија започна со чинот на раѓањето на државата во раните деведесетти години од минатиот век. Започна со двозначното референдумско прашање во 1991-та, преку високото образование како приватна забава за малцинствата, конфликтот во 2001-та, Охридскиот договор, новата територијална поделба, пржинската влада, промената на името на државата, двојазичноста, јазикот, историјата и политиката на добрососедство со нашите соседи. Настаните во 2020-та, особено пандемијата на коронавирусот, го затворија македонското општество и ги извадија на виделина сите мани на политиката во Македонија и расипаноста на политичарите што ја воделе и ја водат државата. Не дека досега беше подобро, но оваа власт е во процес на уништување на секоја норма на пристојно однесување во политиката, на секоја институција што ќе ја допре. Не можејќи да се однесува одговорно, не можејќи да нѐ заштити од ковид-19, не можејќи да ни обезбеди алтернативна иднина и економска сигурност, не можејќи да се соочи со вистината за предавството на националните интереси, ја поткопа довербата на јавноста, предизвикувајќи сомнеж дека секој збор и дело што ја опкружуваат се лага и обична измама. Конечно оваа власт се заканува да го сруши (ако веќе не е) легитимитетот на нашата демократија, што ќе поттикне национален пожар, кој ќе ја остави јагленосана и разбиена нацијата. Или тоа што власта подразбира под поимот нација.

Уништувањето на државата е системско и долготрајно секаде околу нас. Миризбата на националното раслојување и предавство е во воздухот. Политичкиот и општествениот поредок се во распаѓање. Луѓето се чувствуваат згрозено од состојбата во општеството, довербата во институциите е очајна, моралната огорченост е широко распространета, а презирот кон воспоставената моќ е сѐ поинтензивен, но сепак не гледам вознемиреност и возбуда, бес и обвинување, мобилизација и страст. Она што сега постои кај нас е совршена бура на немоќ на народот, оставен самиот на себе, сардисан од сите страни. Без јасно лидерство, во моментов не можам да видам акција што ќе ме потсети на моќта и на замрената и заборавена обврска на „народот“ да ја присили својата влада да ги земе предвид неговите основни потреби и грижи како дел од нормалната практика на управување.

Зафаќањето јавни или виртуелни простори нема да ги реши нивните проблеми, освен ако не се во многу поголем обем од оној што го видовме неодамна и со ниво на упорност и интензитет што ќе направи да се врати власта на народот и ќе ја реконструира осакатената демократија. Сѐ дотогаш власта ќе продолжи да продава илузија на помирување и мир на доминација, а не вистински мир на правда.
Кога луѓето ја губат вербата во бога, црквата пропаѓа. Кога луѓето во едно општество губат доверба во своите институции, во демократијата, едни во други, нацијата пропаѓа. Ова е тажен приказ за тоа како во текот на изминатите неколку децении македонските институции и македонскиот општествен поредок се распаѓаа и колку власта вистински се грижеше за фактите или вистината, или за принципите што требаше да ја направат оваа земја демократска и слободна на патот во Европа. Треба да си признаеме дека не успеавме како нација, како држава, како демократија. Ние сме скршено, отуѓено општество, зафатено со пропаст од недоверба.

Веќе не гледам на кого може да се потпре Македонија да ја воспостави контролата над забеганиот политички систем. Не гледам сценарио во кое ќе си ја вратиме државата, ќе си ја вратиме нацијата што бевме во 1990-тите, со кохезивен национален етос, јасен национален естаблишмент, кога верувавме дека градиме држава на македонскиот народ. Денес, по години недоверба во власта и политиката, разбиени се конвергирачките сили во Македонија, закопан е сонот на генерациите за независна македонска држава, соочени сме со реалноста дека единствената веродостојна иднина е немањето иднина. Македонија е предадена и продадена. Македонија стана една голема лага во ветувањата и заклетвите на политичарите. Стана држава на изгубени надежи и предадени соништа.