По една година од донесувањето на Законот за високо образование

Aко сакаме да бидеме компатибилни со европските високообразовни установи, потребно е, а и е обврска, како држава треба да сме сериозно посветени на примената на законската регулатива, почитувајќи ги Уставот на државата, Лисабонската конвенција за признавање на квалификациите од високото образование во европскиот регион (Lisbon Recognition Convention), Европската конвенција за човекови права (Europian Convention od Human Rights), Европската повелба за социјални права (European Social Charter), како и други конвенции.

Ѓорѓи Илиевски

Кога пред една година во мојата книшка „Состојби и потреби за квалитет на високото образование во Република Македонија II дел“ отворено проговорив дека е неминовна потребата од нов закон за високо образование од проста причина што истиот претрпел повеќе измени и дополнувања, во него имаше недефинирани состојби и потреба од конкретизирање, менување, преиспитување, каде што има правно-нормативна регулираност како и доста практични нелогичности во тој закон.

Со донесениот Закон за високо образование, на 8.5.2018 година (Сл.весник на РМ.бр.82/2018) од страна на Министерството за образование и наука, напишав дека истиот не само што не е развоен, туку констатирав дека е полош од претходниот закон. По една година (како и претходниот ЗВО) и во новиот закон не профункционира автономијата на универзитетот, универзитетите немаат финансиска автономност. Не се формира (како најавуваа ќе се формирал или е формиран никој не го видел) квалитетот за високото образование – Одборот за акредитација и Одборот за евалуација, исто така не е формиран и не функционира Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност во делот на финансирањето на високото образование, а тој зависи од Буџетот на Владата на Република Северна Македонија.

И по една година од донесувањето на новиот закон некои универзитети како што е најстариот универзитет „Свети Кирил и Методиј“ во Република Северна Македонија немаат основен акт, СТАТУТ – „Устав“ на универзитетот и нивните единици и придружни членки (кои требаше да бидат донесени три месеци по донесувањето на новиот ЗВО), кои по истиот да се донесат подакти, правилници и слично. Донесени се некои правилници без основниот акт, а се повикуваат на Законот за високо образование, а истиот истакнува дека поконкретно ќе се регулираат и усогласат во согласност со статутот.

Со новиот закон имаше забелешки од страна на академската фела во некои членови од Законот за високо образование (ЗВО), каде што поконкретно во практиката се создава проблем што го соочува членот 161 став 1 од Законот во делот на општите услови за избор во наставно-научни звања, поконкретно наставно-научно звање доцент, каде што избраното лице цитирам: „има остварено просечен успех од најмалку 8,00(осум) на студиите на прв и втор циклус за секој циклус посебно, односно има остварено просечен успех од најмалку 8,00(осум) на интегративните студии од првиот и вториот циклус“. Во една ваква состојба (како што е конкретниот пример со Медицинскиот факултет-Скопје, сигурно и на другите медицински факултети во државата), нивните избори во наставно-научни или научни звања се незаконити во делот на избор во доцент или научен соработник, не е конкретно дефинирано, а она што е дефинирано во (без статут) правилникот за посебни услови и постапка во наставно-научни, научни, наставно-стручни и соработнички звања и демонстратори на УКИМ-Скопје (Универзитетски гласник бр. 411 од 5 ноември 2018 година, член 23 од истиот правилник, а во однос на лица кои имаат „засновано работен однос како доценти, професори, асистенти, асистенти-докторанди, односно научни соработници на УКИМ-Скопје или на некој од универзитетите во РМ во моментот на стапување во сила на ЗВО при нивниот избор во исто или повисоко наставно-научно звање на УКИМ-Скопје, нема да се применуваат одредбите од Законот(член116 став 1 од ЗВО) или како што стои во истиот член 23 став 2 за лица избрани во наставно-научни звања на УКИМ или на некој од универзитетите во РМ во моментот на стапување во сила на ЗВО, при нивен избор во наставно-научно звање на УКИМ ќе се применуваат одредбите од Законот“, ваквиот член на правилникот е спротивен на Законот за високо образование и не само тоа, туку е и дискриминаторски, за едни важи законот во избор во наставно-научно звање, за други нема да важи.

Ако во претходниот закон имаше предвремен избор во наставно-научни звања (мора да се истакне дека се претеруваше и злоупотребуваше само со две некакви си иницијативи без никакви влијателни трудови – импакт-фактори), во новиот закон не само што нема, туку става некои наставници во нерамноправна положба и демотивирачка состојба. Имено, има наставници кои се докажуваат, се истакнуваат со наставно-научни и меѓународни трудови во влијателни списанија со импакт-фактор, кои заслужуваат да бидат избрани во предвремени избори, но тоа мора да се регулира со конкретни и поостри критериуми. Ова воопшто не е регулирано во новиот закон. Тука мора да се истакне дека критериумите за избор во наставно-научни звања се под европските вредности. Тогаш ништо не е чудно што нашите македонски универзитети ги нема на светските ранг-листи (Шангајска листа), а не ги регистрираат и не ги препознаваат ниту како универзитети од позначајно значење.

Помина една година од новороденчето Законот во високообразовните установи, не се формирани и правно не се регулирани студентските тела во кои членуваат претставници на студентите. Студентите ги нема во новиот закон, исфрлена е одредбата да се има предвид мислењето и позитивната оцена од самоеваулацијата на студентот за избор во наставно-научно звање во доцент, вонреден и редовен професор, чие мислење беше од пресудно значење за избор во наставно-научно звање. Самиот овој факт доволно говори (што ги нема студентите) дали се тие субјекти и партнери во високообразовните органи на одлучување или се само неми посматрачи во целиот процес да го дадат своето мислење при изборот на наставно-научно звање, со што го прави студентот во овој закон да биде објект, што се коси со членот 27 став 1 точка 3 од Законот, каде што има право на изјаснување за квалитетот на наставата и наставниците.

Нелогичноста на новиот ЗВО(кој стоеше и во претходниот) е во делот на надзорот над работата на високообразовната установа, односно надзор на законитоста во работењето. Кој ја утврдува законитоста во работењето на високообразовната установа, министерот или Државниот просветен инспекторат. Ова мора поконкретно да се определи во законот. Не може министерот да утврди дали високообразовната установа работи спротивно на законот. Тоа го утврдува Државниот просветен инспекторат. Зошто е тоа така направено може да се претпостави – политиката длабоко влегла во образованието, кога не функционира одборот за евалуација кој нормативно постои, но не и во практиката, односно не функционира. Нелогичноста на новиот ЗВО не запира само тука, таа продолжува и во делот на прекршочна постапка, како што стои во членот 208 став 1 од Законот, па цитирам: „прекршочната постапка за прекршоците предвидени со овој закон ја води и прекршочна санкција изрекува надлежниот суд“. Во истиот член став 2 стои, цитирам: „пред поднесување на барање за поведување прекршочна постапка за прекршоците предвидени со овој закон, министерството надлежно за работите во високото образование води постапки за порамнување во согласност со Законот за прекршоците“. Самата ова нелогичност од членот 208 од Законот се коси со Законот за прекршоци. Во практиката, судот не го бара министерот, туку оној кој констатирал незаконитост во високообразовната установа, а тоа е Државниот просветен инспектор.

Вака напишаниот и изготвен Закон за високо образование е составен од професори од правните факултети во нашава држава, како и од „разни експерти“ кои го интерпретираат законот како знаат и умеат спрема нивни потреби и интереси, а со тоа се ствара хаос во примената на Законот и подзаконските акти. Од овие причини, ако сакаме да бидеме компатибилни со европските високообразовни установи, потребно е, а и е обврска, како држава треба да сме сериозно посветени на примената на законската регулатива, почитувајќи ги Уставот на државата, Лисабонската конвенција за признавање на квалификациите од високото образование во европскиот регион (Lisbon Recognition Convention), Европската конвенција за човекови права (Europian Convention od Human Rights), Европската повелба за социјални права (European Social Charter), како и други конвенции.

Од напред истакнатото може да се констатира и заклучи дека едногодишниот Закон за високо образование под итно треба да претрпи измени и дополнувања или повторно да се изготви нов закон кој ќе биде развоен и усогласен со законските европски регулативи.

Авторот е виш просветен инспектор