По долгото жешко лето, бурна есен

Септември започна во услови на натамошно ширење на четвртиот бран на коронавирусот. Бројот на новозаразени и натаму е висок, а според смртноста од опасниот вирус на над 6.000 стари, но сега и повеќе млади лица, нашата земја, на ранг-листа на милион жители, се најде на првото место во Европа, пред Црна Гора, Русија, Бугарија, Грција, Кипар, Шпанија, Литванија, Босна и Херцеговина и Велика Британија. Меѓу десетте земји со највисока стапка на смртност од коронавирусот, не се Србија, Албанија, Косово, Словенија и Хрватска. Поради лошата епидемиолошка состојба, Европската Унија нѐ стави и на црна листа за патувања во земјите-членки. Сега и кај нас вакцинацијата се одвива во сите пунктови низ државата, а да се овозможи масовен имунитет се воведоа и рестриктивни мерки за невакцинираните граѓани. Во такви услови од 1 септември почна наставата во основните и средните училишта за учебната 2021/2022 година, главно со физичко присуство на учениците, освен во Тетово, Гостивар, Кичево и во Струга, каде што се применува само онлајн настава, поради критично ширење на вирусот. Месецот минува и во знакот на јубилејни три децении на осамостојувањето и независноста на нашата држава. На 5 септември започна и пописот на населението и домаќинствата, со, како што се ветува, запазување на здравствените ковид-протоколи за прием на попишувачи во домовите. Оваа најголема статистичка операција кај нас е одредено да трае до крајот на месецов. Пристигнаа и очекуваните бегалци од Авганистан, главно цивилно население, кое ќе биде три месеци сместено во одредени хотели на сметка на американски фирми, а здравствената и друга грижа ќе биде на сметка на државата.

Во фокусот е и предизборната кампања за закажаните локални избори, кои во нашата земја ќе се одржат на 17 октомври. Во досегашната кампања се забележува традиционалната појава на популизам со лажни ветувања, затоа сметам дека е потребно значително повеќе да им се даде акцент на локалниот економски развој, на грижата за урбанизација на градовите и селата, на протежирање на здравата животна средина, вработувањето млади кадри, превентивната и општа здравствена заштита и на создавањето услови за достоинствен живот на пензионерите и старите лица. Добро е што меѓу 25 независни кандидати за нови градоначалници, овој пат има квалитетни кадри, а тоа се однесува и за 57-те независни листи за советници.
Сето ова укажува дека по долгото жешко лето, ќе имаме бурна есен. Динамиката на септемвриските активности многу ќе зависи од тоа како ќе се сузбива ширењето на коронавирусот со вакцинацијата и со спроведувањето на усвоените рестриктивни мерки. Останува забраната за организација на свадби, веселби и прослави во угостителски објекти од затворен тип, додека во отворениот дел и натаму може да се организираат, со исполнетост до 30 отсто од капацитетот и ограничен број до максимум 1.000 посетители со поседување, приложување и проверка на еден од задолжителните ковид 19-документи. Сите лица над 18-годишна возраст треба да поседуваат сертификат за примена на најмалку прва доза вакцина или сертификат за прележаност не постар од 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето. Тоа се однесува и за работа во отворениот дел на ноќни клубови, дискотеки, кабареа и барови, но со 50 проценти од капацитетот на просторот и ограничен број на најмногу 1.000 посетители. Мерката задолжително се применува и за организација, работа и учество и на секаков вид настани на отворен простор, како и за влез во затворениот дел од трговските центри, на спортски натпревари, на културни приредби, како и на работа на ресторани, кафетерии, обложувачници, концерти, семинари, работилници и други настани на затворено, со 30 проценти од капацитетот на просторот, а на отворено до 50 отсто од капацитетот.

Покрај редарски екипи, посебна контрола вршат надлежните инспекциски служби. Значајно е што од почетокот на септември влез и излез од нашата држава се дозволува само со потребни ковид-сертификати, за што е задолжена граничната контрола. Странските државјани што транзитираат низ нашата земја ќе треба да го направат тоа во рок од пет часа, со претходно потпишана изјава, која ќе ја приложат пред граничната контрола на излезот од државата. За нашите граѓани што ќе се враќаат во земјата по 1 септември, а немаат ПЦР-тест или потврди за примена вакцина или за прележан ковид-19, ќе се одреди мерка карантин од седум дена домашна изолација, со решение од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Во овој период сѐ повеќе се укажува на потребата од донесување нов пакет економски мерки за компании и граѓани, за ублажување на штетите од новиот бран на коронавирусот. Бизнис-заедницата укажува дека без нова помош од државата за надминување на евидентните последици од ковид-пандемијата многу компании ќе се најдат во безизлезна состојба. Потреба за нови решенија бараат и трговските центри поради значително намален промет, а со тоа и приход.

Во нашата уставно социјална држава сѐ поактуелно прашање станува и проблемот со сиромаштијата, по што сме на третото место во Европа. Покрај постојаното зголемување на цените на зеленчукот и овошјето, на здравата храна и на други прехранбени производи, во овој месец значително се зголемуваат трошоците на семејствата за купување книги, ранци и облека на учениците, а не мали средства треба да вложат и за набавка на компјутери за онлајн настава. Треба да се има предвид дека превентивни и куративни лекови против ковид кај нас се купуваат главно приватно, со ненормално високи цени, што, исто така, многу влијае на зголемување на сиромаштијата.
На 20-ти овој месец се навршуваат и 75 години од пензионерското организирање во Македонија. Одбележувањето се планира да биде пригодно, според пандемиските услови, на свечена седница на Собранието на СЗПМ и со други пригодни манифестации во Сојузот и здруженијата на пензионерите. Во оваа јубилејна година пензиите минимално се зголемени, бидејќи според законот се усогласуваа само со порастот на животните трошоци. Од тоа најпогодени останаа над 80.000 пензионери со пензии до 12.000 денари, кои немаат ниту основни средства за пристоен живот. Прашањето на подобро усогласување на пензиите сѐ повеќе се актуализира не само кај нас туку и во Србија, Хрватска, Словенија, Црна Гора и други земји од регионот. Секаде пензионерите со право бараат да се обезбеди подобра материјална и социјална сигурност на корисници на пензија.

Во Црна Гора веќе неколку години пензиите се усогласуваат од 60 отсто со процентот на зголемувањето на животните трошоци и 40 отсто од покачувањето на платите или обратно, во зависност што е поповолно за пензионерите. И во Србија се предлага комбинирано усогласување на пензиите, и тоа да се усогласуваат со 30 отсто со животните трошоци и 70 отсто со платите. Во Хрватска се бара тоа да биде 100 отсто, во зависност од поповолната стапка на процентот на зголемувањето на животните трошоци или на платите. И не само тоа, во овие и во други земји поради ублажување од последиците од пандемијата на сите постари лица од 18 години неколкупати им е дадена материјална помош. Со законски измени и кај нас треба да се овозможи остварување на потребниот баланс на усогласувањето на пензиите и со порастот на платите, но и линеарно да се зголемат најмалку за 1.000 денари.
Во овој период актуелна е и иницијативата за балкански мини-шенген за слободно движење на луѓето, капиталот, стоките и услугите помеѓу Србија, Албанија и Македонија. Останува отворено прашањето дали ќе се вклучат и други земји од регионот. Отворен Балкан наложува почитување и примена на резолуцијата за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции за заштита на националниот интегритет и создавање други заеднички добра за подобро човеково достоинство.

(Авторот е новинар, публицист и експерт за трета доба)