Потценетиот столб на општеството

Нели не работат градинките и училиштата? Па, кој ги чува децата на нашите деца? Во чии раце, во најголем број, се внуците овие денови? Па, кај баба и дедо, се разбира, единствените засолништа, единствените спасители во сите кризни и критични ситуации. Ќе им се оддолжи ли државата со нешто за овој нивни дополнителен труд, за целодневно или ноќно дежурство, ќе им обезбеди ли некоја материјална компензација, некој ситен дар како награда

Алармите и мерките за спречување на ширењето на коронавирусот повторно извадија на површина една подзапоставена категорија граѓани на Македонија, категорија за повеќекратна употреба, а често и за злоупотреба. Во сите објавени соопштенија од медицинска, социјална и емоционална сфера, во овие непредвидени македонски главоболки, заборавено е да се укаже на значењето и улогата на бабите и дедовците, кои како пензионери, се оној политички, социјално и материјално непризнаен, потценет, но важен столб на македонското општество.

Од каде што може да се изведе необичниот заклучок дека пензионерите се некаков столб на Македонија, на здравото општество, иако гледано реално истовремено се и голем товар? За да ја објасниме таа контроверзност ќе нафрлиме неколку размислувања, кои никако не може да бидат сфатени како сериозна анализа, туку само како бегло укажување.

Ајде да оперираме малку со бројки: во државава има околу триста илјади пензионери, осумдесет отсто се со просечни или потпросечни пензии. Статистичките податоци не кажуваат многу, но самите проценти говорат дека мнозинството се сиромашни. Но таа „сиромаштија“, таа геријатриска структура, е третина од гласачкото тело, која не само што излегува на избори туку често го решава и победникот. Богатите тајкуни, иако даваат тајно пари, не ги решаваат изборите, зашто нивните пари се ситнат, одат за поткупување на сиромашните гласачи, на еден или на друг начин, за брашно, масло и слични домашни потреби. Нема изборна кампања во која не се манипулира со пензионерите, нема власт, која не ги изневерила нивните надежи и очекувања.
Што има сега врска коронавирусот со значењето и улогата на пензионерите во развојот на Македонија (Северна)? Има, има, како нема!

Нели не работат училиштата и градинките? Па, кој ги чува децата на нашите деца? Во чии раце, во најголем број, се внуците овие денови? Па, кај баба и дедо, се разбира, единствените засолништа, единствените спасители во сите кризни и критични ситуации. Ќе им се оддолжи ли државата со нешто за овој нивни дополнителен труд, за целодневно или ноќно дежурство, ќе им обезбеди ли некоја материјална компензација, некој ситен дар како награда. Не мора ни материјална, нека биде морална, иако во оваа држава веќе никој не помага ако не му се плати, или ако не му се тутне некое мито, макар и ситно. Крупните пари се далеку од пензионерите, но не би одбиле подарок, не мора пари, туку некој барем да рече „фала бе стари, без вас во оваа држава ништо не правиме“! А за општествен морал и за политичка пристојност да не зборуваме, ќе ја однесеме предалеку работата зашто старите се убедени дека младите го немаат моралот на родителите, чесноста што тие ја имале, кога живееле во Југославија или во некое друго место и време.

Можеби е проблем, ама не е голем проблем, што државата старите луѓе, пензионерите, ги смета за нужно зло, за буџетски товар и за политички неподобен корпус. Ако ги погледнете кадровските стратегии на партиите и најновите листи за пратеници, што ќе заклучите? Таму се застапени сите групи, по познати критериуми: роднински, родовски, приватни, машки, женски, групите наречени враќање услуга за услуга, ти мене едно, јас тебе друго. Освен што се сликаат неколкумина познати восочни лица што траат со децении, нема пензионери на листите, ниту пак некој нив ги смета за потребен, достоен, или, не дај боже, за рамноправен партнер.

Триесет години со Македонија, со мали исклучоци, владеат кадри штотуку излезени од студентски клупи, со плус некое дополнително школо во кафуле или на плажа во Охрид или во Грција. И после се чудиме, не биле добри работите. Е па, не биле, како може да бидат. Не оти белите коси се нешто попаметни од голобрадите умови, но заслужуваат грам внимание, грам охрабрување пред да заминат од овој свет. Не се тие, ниту пак можат да бидат кандидати за родова еднаквост, но не може да се третираат како нееднакви во едно општество за сите.

Погоре напишав дека старите се нужно зло за државата, која мора да ги трпи нивните каприци. Но не се само за државата. Нужно зло се и за самите фамилии, за децата што имаат свои деца, понекогаш и за самите себе. Никој не сака, не трпи стар и болен човек, најмалку ако е и сиромав. Од друга страна, денешниве млади сѐ помалку може да живеат без тоа нужно зло во близината. Еве, како што кажавме, им ги чуваат децата кога не одат во градинка или во училиште. И кога одат дедовците и бабите се транспортни средства за носење – земање и причувување. Барем до петтата година на внуците, зашто денешниве деца се возрасни уште на пет години, иако уште пред таа возраст знаат да ги користат мобилните телефони и таблетите. Дедовците и бабите, оние постарите, во техничко-технолошките знаења и способности се еден век зад нив.

Идејава за текстот ми ја има дадено една ербап продавачка на квалитетен зеленчук на Зелено пазарче во Скопје. Таа, на средни години но мошне одржана жена, ми ги отвори очите да гледам на пензионерите со подруга диоптрија. Сакајќи да ѝ угодам, изреков неколку грди збора за однесувањето на старите на пазарот и дека би било подобро нив да ги нема. Таа со насмевка убедливо ме демантираше. Ми го рече следново: „Ако вас пензионерите ве нема на пазарот ќе го нема и пазарот, ќе се затвори, вие сте најмногубројните купувачи. Не барајте на пазаров многу млади, пензионерите се тие што го држат жив“. На тој начин ми го објасни парадоксот на нашето време.

Пензионерите купуваат по пазари и супермаркети наместо вработените ќерки и синови, кои, во суровиов капитализам се на работа од утро до мрак. Уплашени за работното место, од казни со намалување плата, од постапки на примитивни и неизживеани газди и шефови. Убаво дотерани, но главно фрустрирани, уморни и нервозни, немаат време да покажат љубов ни за децата, а камоли за родителите. А родителите, пензионери, им ги чуваат децата и кога не е потребно, делат од пензиите за невработените деца со завршени факултети, подигаат кредити за нивни потреби, издржуваат цели семејства.

Таквата слика важи за родителите чии деца се останати во Македонија, но ако се растурени по светот, сликата е сајберска – старите или се радуваат или плачат кога нивните внуци на Вибер или Скајп ќе се насмевнат, ќе кажат некој збор, ќе направат некој симпатичен гест или оттаму ќе пратат поздрав со зборовите „ај лавју дедо, ај лавју гранд мадер“. Истото тоа ќе го кажат на мешавина од македонски и германски или италијански јазик, со што го потврдуваат статусот на генерации изгубени за родната земја на родителите.

Нас старите, пензионерите, да не претерам, но ќе речам, дека никој вистински не нѐ сака, ама мора да нѐ трпи. Ниту нѐ сака државата на која ѝ тежиме, ниту нашите деца, кои си имаат свои грижи, свои маки, свои семејства. Со нас не им е секогаш лесно, зашто како што е тежок некој задрт пензионер, свекор или свекрва, никој не е тежок. Никој не нѐ сака, но сите имаат потреба од нас. Што за државни, што за семејни потреби. Ние старите, пензионерите, сме тој потценет, но важен столб за одржување на стабилноста на општеството и државата. Проверете си дали е така, дали сум во право или во криво?

[email protected]