Потребни се меѓугенерациското почитување и дружење

Семејната кохезија, стабилните односи на членовите и нивното меѓусебно дејствување се основа за напредокот на поединецот, семејството и зaедницата. Домашното воспитување и етичкото образование многу придонесуваат во создавање рaзлични луѓе во однос на морал, љубезност, чувствителност, благородност, дарежливост, мудрост, агресивност и слично. Од тоа во сeкојдневието зависи и степенот на меѓусебната почит и помош, добрина, љубов, човечност, хуманост и рамноправност за што најмногу се зборува само на верските празници и на предизборните кампањи. Меѓутоа во стварноста кај нас како да преовладуваат сосема други нешта, што разбирливо создаваат своевиден јаз меѓу генерациите и луѓето воопшто.

Не сакам ова што го пишувам да се сфати како некаква демагогија, но навистина не треба да се заборави дека доброто меѓугенерациско дружење и почитување создава мир и среќа што го одложува и процесот на стареењето. Стручњаците од оваа област не случајно истакнуваат дека границата меѓу љубезноста и лицемерството е многу тенка. Притоа не треба да се истакнува дека животот од ден на ден е сѐ подинамичен и непредвидлив, некои од младите ги променија погледите кон живеењето создавајќи некаква негативна генерациска слика дека се почнува од нив, со што ја намалија почитта кон минатото, потиснувајќи го културното и љубезното однесување како и ширењето на позитивната енергија. Поради тоа сѐ повеќе има примери на нељубезност, на завист и злоба, на семејни насилства, на корупција, алчности од болни амбиции, шпекулации, криминал, кражби и убиства. Сето тоа придонесува за видливи незадоволства и нервози, за намалување на расположението, што негативно се одразува на севкупниот живот во општеството. Уште повеќе е загрижувачко што се губи и довербата кон пријателството и соседот, се создаваат поделби по партиска, верска, етничка и социјална основа и друго.

Лично сметам дека во една држава луѓето не треба да се гледаат како да се меѓусебни непријатели, туку напротив императивно се наложува потребата да се издигне јавната граѓанска свест за доверба, почитување, подобрување на родителската грижа кон децата и обратно на децата кон родителите. Иако секој поединец е посебна личност, која минува низ различни фази во животот, со посебни потреби и поддршка во заедницата сепак сѐ повеќе се јавува потребата за зголемување на улогата на семејството. Во нашата земја сè уште во значителен број семејства заедно живеат три генерации (до 27 отсто во рурални и до 22 отсто во градски средини). Во согледувањето за меѓугенерациската соработка што заедно со д-р Илија Глигоров го подготвивме за еден меѓународен форум, посебно беше анализирана улогата на старите лица во традиционалните македонски семејства. Во повеќе анкети во Македонија се покажа дека најсреќни се децата што живеат во заедница со бабите и дедовците. Поради економските проблеми од транзицијата по осамостојувањето на нашата земја кај поголем број семејства, особено во градовите, се обновија меѓугенерациските семејни врски, и се зголемува заедничкото живеење на неколку генерации во исто семејство. Во најголемиот број случаи старите луѓе во заедничките семејства имаат голема корист, а таквиот заклучок се однесува и за младите, кое се толкува и како причина за одржување на тој облик на семејство. Кај старите лица меѓугенерацискиот живот и среќата во семејството ги намалуваат и болестите. Внуците, како трета генерација во заедничкиот живот, имаат голема корист преку процесот на воспитување и примањето позитивни етички особини. Се зацврстуваат позитивните ставови во односите со постарите луѓе во семејството и надвор од него.

Притоа зголемена е грижата за здрав развој и школување на децата, дотолку повеќе што е познато дека домашното воспитување е многу подобро отколку она што се стекнува „на улица“, бидејќи децата во овој период на развој многу се приемливи за влијанијата во изградбата на нивната личност. Особен акцент му се дава на значењето на искуствата, знаењата, мудроста и хуманоста на пензионерите и старите луѓе со нагласка дека без спојот на искуството и младоста тешко може да се развива и државата. Пријатно сум изненаден што и на социјалните мрежи на интернет на оваа актуелна тема има сѐ повеќе позитивни реагирања.

Со оглед на тоа што во Скопје граѓанската асоцијација „Скопјанката Мајка Тереза“ од 26 август до 5 септември со повеќе пригодни манифестации ја одбележува 109-годишнината од раѓањето и 22 години од упокојувањето на светицата да се потсетиме и на неколку нејзини пораки на темата за добрината и почитувањето. Впрочем таа е синоним за бескрајна добрина, бидејќи самата била исполнета со љубов кон сите луѓе и се обидувала да им направи добро без разлика што добивала за возврат. Мајка Тереза ќе се памети уште долго време бидејќи имала разбирање за сите и не очекувала секој да ја разбере неа, тоа е она што ја впишало во светската историја. Пренесувам дел од нејзините цитати, кои сигурно ќе ве замислат:
Човекот е неразбран, нелогичен и себичен. Не е важно – сакај го!
Ако правиш добро тоа ќе го припишат во твоите себични цели. Не е важно – прави добро! Ако ги оствариш целите свои, ќе најдеш лажни пријатели и искрени непријатели. Не е важно – остварувај ги своите цели!

Доброто што го правиш, утре ќе биде заборавено. Не е важно – биди искрен!
Чесноста и искреноста ќе те направат ранлив. Не е важно – создавај!
Ако им помагаш на луѓето, можеш лошо да поминеш. Не е важно – помагај им!
Ако на светот му го даваш најдоброто од себе, тој ќе ти возврати со удари. Не е важно – давај го најдоброто.
Мајка Тереза помагајќи им на луѓето низ светот стана совршен пример за тоа колкави може да бидат човековата добрина и желбата да се помогне некому. Нејзината верба во луѓето, нејзиниот посебен начин на живеење и нејзините постигнувања говорат за нејзината големина. Укажуваше на тоа дека секогаш треба да се пречекуваме еден со друг со насмевка, бидејќи насмевката е почеток на љубов, иако некои луѓе доаѓаат во нашиот живот како благослов, други како лекции. Сепак таа сметаше дека: „Секој што ви се приближува нека си оди од кај вас подобар и посреќен.“

Во врска со оваа тема во серијалот „Животни патеки“ универзитетскиот професор доцент д-р Зоран Крстевски укажува дека на негативните луѓе треба да им се каже благодариме и да продолжиме без нив напред кон убавините на животот. Ваквите пораки секако се многу значајни за меѓугенерациското почитување и дружење. Познато е дека старата генерација е сѐ уште почитувана и барана, но за нивниот поголем авторитет во семејството и заедницата е потребно да се унапредува нивниот социјален статус преку подигнување на нивниот стандард. Развојот на семејствата и натаму треба да се стимулира, посебно за зацврстување на етички концепти на разбирање, почит, солидарност, помош, простување, пријателство и поддршка. На тој начин и семејната култура може да добие многу пошироко значење за успешно долготрајно семејство.

(Авторот е новинар и публицист, експерт за трета доба)