Постлустрација – безбедносна сертификација

Оваа чувствителна тема, обелоденета и пренесена во микросветот на милиони ликови, создава потресна драма од лични судбини и судбини на нивните потесни семејства и идни поколенија, чија линија на живеење е насилно испревртена, смачкана, разлеана

По зачленувањето на нашата земја во Северноатлантската алијанса, по сѐ што ни се случи и што се случува сега, се наметна потребата од сеопфатен ветинг со специфични побарувања за одредени позиции во согласност со високите НАТО-стандарди.
Скандалозното објавување прислушувани приватни разговори, ТВ-дебати, шарени револуции и контрареволуции, а од скоро и непријатните, негативни безбедносни сертификати за одредени дипломатски и безбедносни кандидати, профили и личности, одново го актуализираат прашањето за лустрација.
Идејата за донесување закон за лустрација и комисиите за утврдување на вистината – беше т.н. „среден пат“ помеѓу кривичното гонење на нарушувачите на човековите права. Законот имаше задача и цел јавниот/политичкиот живот да го прочистува од оние што злоупотребувајќи одредени позиции во времето на „демократскиот“ еднопартиски монолит му „служеле на комунистичкиот режим“…
„Такво било времето“ – едноумие, во кое во рамките и во духот на т.н. СВОЗ-стратегија и менталитет бил контролиран целиот општествен процес. Според она што сега излегува на виделина од тефтерите и досиејата, тајната полиција имала инфилтрирано луѓе во секоја работна организација, институција, а доволно било да зборувате дома, пред колеги и слично. Не ретко се поставувале директори, раководители, новинари, уредници што биле оперативци на тајната полиција. Следени се телефонски разговори, неовластено се отворале писма… при што секој можел да биде на мета и предмет на обработка.

Иако, според мислењата на голем дел од јавноста, таа (лустрацијата) требаше да се изведе докрај. Превагнаа мислењата на домашните „експерти“ и препораките и притисоците од европските олеснувачи и таа се укина. Застана, но не запреа и се чини нема (и не треба) да запрат обидите и напорите да се разобличи еден мрачен идеолошко-политички концепт што беше подигнат на ниво на институција, воспоставен како историска оправдана нужност, неизбежност. „Такво било времето“. Тоа и таквите оправдување се срамен вид на соучесништво во злосторствата и кодошлакот сторени во времето на „диктатурата на пролетаријатот“, неправда – која жртвите сѐ некако ги поттурнува и ги става во подредена положба. Или – сето заедно е само уште еден од обидите благо да се заокружи, заобиколи, забошоти една свирепа вистина со мрачни ментални и материјални последици врз генерации и генерации.
Реформата на структурите за безбедност требаше да се спроведе, во почетокот на независноста, на начин како и во Чешка, Словачка или Источна Германија, каде што сите вработени беа ставени на проверка. Па, така, сите оние што учествувале во криминални активности не можеа да се вратат во службите, а многу од оние што извршиле злодела и криминал беа кривично гонети. Полска, веднаш по падот на комунизмот, како своја прва прагматична акција, направи лустрација и спроведе реформи во безбедносните служби, од каде што се отстранети осумдесет проценти од безбедносните службеници и полицајци. Кај нас тоа се одолжи до денешни дни. Голем дел од тие „деликатни“ профили се престроија и се приспособија во транзицискиот метеж. Многумина се „снајдоа“ и учествува во криминалната приватизација.

Собранието на Бугарија, врз основа на локалните закони за датотеки и досиеја, формира независна комисија од дванаесет члена, со задача да ги прегледаат и проучат тајните архиви. Комисијата во период од десет години (1991-2001) потврди дека во кабинетот има 121, а 179 луѓе во Собранието, за кои е утврдено дека во комунистичкиот период биле соработници на државната безбедност. Истата комисија во 2012 година објави имиња на 15 митрополити и епископи на Бугарската православна црква, од кои 11 биле соработници на озлогласената државна безбедност.
Државната комисија за истрага за злосторства на комунистичкиот режим на тлото на соседна Србија објави податоци за педесет и пет илјади жртви што се убиени во комунистичките погроми по септември 1944 година.
Една од причините за одолжување на процесот на лустрација, според аналитичарите, можеби беше и е стравот од откривање на досиејата на моќните тајни служби и нивните луѓе на стратегиски позиции во системот и владите што свесно одолжува при донесувањето на законот и уредбите за отворање на досиејата. Патем да споменеме дека голем дел од нашата (македонска) документација и архивите на тајните служби се наоѓаат во (некогаш) федералните депоа и ќе се појават во некое идно време.
Историската едиција „Црните страници на УДБА“, издадена од Државниот архив на Република Македонија, беше уште еден од обидите на општеството да расчисти со скриената, искривоколчена историја и делото на тајните полициски структури, кои подбуцнувале и прогонувале индивидуи и групи неподобни за минатиот политички систем, силно ги возбудува духовите на мрачното минато.
Оваа чувствителна тема, обелоденета и пренесена во микросветот на милиони ликови, создава потресна драма од лични судбини и судбини на нивните потесни семејства и идни поколенија, чија линија на живеење е насилно испревртена, смачкана, разлеана.
Се проценува дека во светот над 100 милиони луѓе се евидентирани како жртви на комунистичките режими, од кои 65 милиони во Кина, 20 милиона во некогашниот Советски Сојуз, другите во преостанатиот дел на светот.

Но многу од процесите не се запрени. Тие се видоизменети, но не помалку сурови и се протегаат и до денешни дни, како мачна транзиција, силно социјално раслојување, бесперспективност. Двесте илјади невработени како последица на бескрупулозен грабеж, неправедна приватизација, тоа се новите жртви на обидот на еден репресивен систем да се „снајде“ и забарикадира и да го одбрани неправедно стекнатото и распределено, вредност што заеднички макотрпно е создавана, имот што „непречено, законски исчезна“. Целта на лустрацијата во Западен Балкан е пред сѐ обид за исправање една голема историска неправда, која го промени текот на живеењето на милиони страдалници што не „успеаја“ во транзициските ветрометини.
Лустрацијата беше и процес на регионално помирување, напор еднаш засекогаш да раскрстиме со минатото и да станеме дел од големото европско семејство.

Погледнато од визура на поширок општествено-историски план, тоа е деликатен процес, кој сега и допрва ќе се одвива во вид на безбедносни сертификации, проверки во согласност со стандардите на актуелниот геополитички контекст. Тоа е обид, демократска акција за тивка „перманентна револуција“ без големи жртви и крв, начин како еден идеолошко-политички систем да се замени без поголеми потреси историски да се дефинира и лоцира, а правдата за прогонуваните и убивани луѓе во минатиот политички систем да не се остави настрана, во формална подредена положба.