Посади дрвја што в идниот век ќе донесат плодој

Доколку сакаме да ја зачуваме државата, потребно е обединување на македонската политичко-општествена елита, која, пак, од своја страна ќе ги обедини македонските граѓани. Потребни се суштински реформи што ќе го видоизменат македонското општество, од нас зависи, а не од членството во Европската Унија или во НАТО

Во една американска традиционална песна се вели: „Можеш да бегаш долго време, порано или подоцна бог ќе те покоси.“ Стиховите се предупредување дека луѓето не можат да го избегнат божјиот суд. Можеме да веруваме или не во божјиот суд, но на крајот на краиштата за делата ќе ни биде судено од идните генерации. Затоа наследството на една личност, општество или држава е суштествено и идните генерации ќе ги паметат според нивната баштина.

Меѓутоа под наследството не треба да го подразбираме само материјалното изобилство, туку и културното и моралното наследство. Само погледнете го Ворен Бафет – пророкот од Омаха. Целиот свој живот го мина во создавање на своето материјално богатство и со години се вбројува меѓу најбогатите луѓе на светот. Неговото богатство се проценува на околу 80 милијарди долари, меѓутоа пророкот од Омаха ќе остане запаметен како еден од најголемите филантропи во историјата на човештвото. Во 2010 година, Бафет објави дека ќе им го донира своето богатство на добротворни фондации. Сосема е природно да се запрашаме, зошто Бафет, кој целиот живот го мина во создавање финансиска империја, се реши на овој чекор. Одговорот е едноставен. Пророкот од Омаха ги воспита своите деца да избегнуваат вообразеност и да бидат скромни. На своите наследници им остави околу 200 милиони долари, но тоа се само трошки доколку се земат предвид милијардите што ги создаде. Верувале или не, фактите велат дека неговото богатството ќе оди во полза на човештвото – намалување на сиромаштијата, развој на демократијата, унапредување на образованието, развој на медицината, научни истражувања во различни области и сѐ така до бесконечност. Бафет разбра дека културното и моралното наследство се најважни за идните генерации.

Старите Римјани многу одамна го сфатија ова. Уште во вториот век пред нашата ера, римскиот поет Статиј го напиша стихот: „Посади дрвја што в идниот век ќе донесат плодој.“ Во овој дух е и искажувањето на римскиот државник Цицерон – великите мажи со мисла за иднината садат обичаи, закони и држава.

Затоа како општество треба да се запрашаме какво е нашето наследство и што ќе им оставиме на нашите деца и идните генерации. Можеме да се лажеме колку сакаме, но Македонија не е држава во вистинска смисла на зборот и затоа постојано се соочуваме со блокади и уцени. Како да забораваме дека нашите дела оставаат траги и затоа денес се соочуваме корупција, нефункционални институции, невладеење на правото, делумни реформи др. Во изминатите триесет години како да работевме само за лична корист, а не за општото добро.

Нашите дела немаат плодови и како да забораваме дека од нас зависи иднината. Доколку продолжиме како што сме започнале, идните генерации ќе нѐ паметат како оние што наследија држава и на крајот ја изгубија (читај ја уништија). Доколку не сакаме да ја изгубиме државата (мислиме на Македонија како држава на македонскиот народ, држава што е чувар на македонските особености), тогаш крајно време е да го промениме нашето однесување и постапки.

Доколку сакаме да ја зачуваме државата, потребно е обединување на македонската политичко-општествена елита, која, пак, од своја страна ќе ги обедини македонските граѓани. Потребни се суштински реформи што ќе го видоизменат македонското општество, од нас зависи, а не од членството во Европската Унија или во НАТО. Мора да ставиме крај на институцијалната криза што го попречува развојот на македонската држава и мора да осмислиме национална стратегија што ќе ја прероди економијата.

Доколку не ги спроведеме суштинските реформи, ќе ја изгубиме државата што ја наследивме од нашите предци, затоа мора да се водиме од мислата дека треба да посадиме дрвја што в идниот век ќе донесат плодој. Да завршиме со Ворен Бафет, кој вели: „Синџирите на навиката се премногу лесни за да се чувствуваат, сѐ додека не бидат премногу тешки за да се скршат.“