Поразот на Заев и успехот на Ахмети

Во ниту еден документ не може да се прочита во кои услови се дава лична оставка и дали се дава усно или писмено. Во Македонија и тие процеси се обвиткани во густа магла, а може да се толкуваат по лична волја, обично по волјата на посилниот. Во светот оставка е оставка, без разлика како е дадена

Едно нешто стана јасно – Зоран Заев, иако тешко поразен на локалните избори, не е легнат на грб, клекнат е на колена и како таков функционира. Неговите апологети, главно лицемери и клиентелисти, повторно му ставаат грива на политички лав, но не додаваат дека лавот е ранет, можеби и крвави. Навистина се спаси од опозицискиот лов за изгласување недоверба на Владата, но прибежиште најде повторно во шумата кај ловците на глави – кај ДУИ на Али Ахмети. Прифаќајќи ги интегративните методи за решавање проблеми, падна подлабоко во нивната заробеничка мрежа, од која никако не може да излезе. Заев загуби, Ахмети успеа да добие нова рунда доверба и отстапки во негова корист, на неговата партија и неговите приврзаници, за неговата стабилна кауза. Онаа енигма што не можеше да ја реши македонскиот премиер, ја состави шеикот од Зајас, нудејќи му на тацна бројки, кворум, сојузници и собраниско мнозинство. Брат за брат – пратеници за пари.
Гледано со нужна сомнеж на релацијата за братство и единство меѓу двајцата лидери, може да се наѕре дека Заев како водач во Македонија упорно ја оформува и надградува доктрината малцинството да владее со мнозинството, мнозинската заедница да биде помалку важна од малцинската, доктрина карактеристична за повеќето арапски муслимански земји. Не може да се тврди дека Заев со политиката што ја води ја исламизира неусетно Македонија, но многу факти говорат дека во одделни сегменти на поделеното македонско општество и тоа се случува. Може и да се провери, колку за почеток.
По дадената оставка на Заев на двете функции, сите нешта што се случуваат на политичката сцена се далеку од принципите на демократијата и чесноста, ако во политиката може да се говори за некаква чесност. Далеку и од логиката, умствена и лингвистичка. Заев не рече „ќе поднесам оставки“ туку „поднесувам оставки“. Не за правник, психолог, професор по македонски јазик, туку за секој полуписмен човек изреченото значи дека човекот, чувствувајќи си ја неволјата, оставките ги поднел како свршен чин, а не како постапка во идно време. Тој чин како на човек му го налагаа одговорноста, совеста, срцето, разумот, а не афектот и неконтролираноста што поддржувачите упорно му ги лепат.

Во демократските земји каде што зборот е збор, усната оставка е рамна на писмена. Претседателот на СДСМ не поднесе писмена оставка. Од друга страна, забележливо е што и сите барања за да остане на функциите се усни. Никој досега, ниту во СДСМ, ниту во Собранието, ниту од коалициските партнери, нема написмено побарано од него да си го повлече зборот, да се посипе со пепел. Писмено не му се обратиле ниту Ахмети ниту Артан Груби. Ако усното давање оставка се смета за ништовно, аналогијата вели дека и сите усни замолници се всушност формалноправно ништовни. Во оваа македонска рашомонијада картите се пата-пата, со предност на тој што дели. Сите се прави само Заев, не по своја волја, е жртва што се џвака низ сите незаситни усти.
Во случајот со оставките на Заев не станува збор само за формалноправни процедури. Станува збор за морални принципи, за држење до даден збор, до образ, до намуз. И народната поговорка вели „и сиромав да си, намузот си го чуваш“, а камоли да си прв-втор човек во државата. Наместо за пример, Заев сега служи за непример. Кого и за што утре може да смени од кое било место и со какво образложение човек што е во оставка и што ги погазил сите принципи, политички и човечки. Ако тешко поразениот останува на местото на кое бил, ако не преземе никаква одговорност за дебаклот што го доживеал, со какво морално право ќе бара морал или одговорност од другиот, од кој било граѓанин. Со кои очи ќе им погледне в лице на луѓето кога ќе се појави на улица и со кое морално право ќе бара да се спроведува она што тој го планира и налага?
Истото тоа важи и за челните сопартијци. Во ситуација кога статутот му овозможува на претседателот да се однесува во стилот „партијата, тоа сум јас“ тие глумат мртви риби. Во вода се ама не пливаат, се чуваат да не излезат на суво, на каде што ги фрла бранот од изборниот пораз. Токму овие денови читаме како низ повеќето европски земји-членки на Унијата фрчат оставки по изборни порази или поради непостигнување задоволителни резултати. Дури и еден габаритен Каракачанов, пријателот на нашите политиканти, реши да демисионира откако му се покажа јалова борбата да ја анектира Македонија.

Само во СДСМ владее идилична тишина, формирано е едно ново мртво море, кое чека да се појават нови крокодили. Никој ни да писне за сопствената одговорност пред членството, пред гласачите, поддржувачите и симпатизерите. Што е крајно нечесно кон нив, нели?
Оние што ги загубија сите македонски поголеми градови се утврдија само на адресата на нивната партија. Се кријат зад ѕидот на собраниското мнозинство, кое и како такво е во политички аут по авторитет и влијание. Во игра може да учествуваат само со сила, со закани и уцени, со киднапирања или со правно судски и финансиски концесии кон поединци и групи. Како и со натамошно намалување на стекнатите права на Македонците по националност, на сметка на ширење на другите, односно со антидржавни, неуставни и незаконски отстапки кон Ахмети и Груби. Во нивни канџи е заробена совеста на Заев, самите сдсмовци наведуваат дека од тие канџи зависи политичкиот опстанок на нивниот лидер, можеби и судбината на државата. Во огледалото на оваа слика само од ќош се наѕира секогаш мистериозната улога на претседателот на Собранието, Талат Џафери, фузија од функција и човек што не е за потценување.

Крепоста во која е забарикадирана СДСМ на улицата Бихаќска е единственото прибежиште од каде што може да се дејствува. Сѐ друго е подведено на лимити. Дури и самиот Заев кога патува од скопски Центар до родна Струмица и обратно, сакал – не сакал, мора да се движи низ вмровски општини, средини во кои победи злото, крстено според неговиот непромислен речник. Секоја од нив, ако сака, преку општинските совети каде што има мнозинство, или по препорака на Мицковски, може да го прогласи за „персона нон грата“, кога ќе посака да му го затвори патот, да не може да стигне до Централата. Оваа фигуративно нацртана патна маршрута само покажува колку е стеснет просторот за политичко влијание на владата со Заев и со СДСМ на чело.
Раководството на Демократската унија за интеграција (ДУИ) не само што безобѕирно и не избирајќи средства ги ништи другите помали албански партии, свесно за својата способност го разорува и Социјалдемократскиот сојуз. Дружбата е само на високо ниво, меѓу двајцата лидери, сѐ што е надолу по хиерархија не е во игра, вторите и третите ешалони трчаат покрај аут-линијата глумејќи власт и ингеренции, а не значат ништо. Не е непознато дека таквиот однос внесува сериозна доза на нервоза меѓу членството, дека предизвикува разлики и поделби што едвај чекаат да збувнат како лава.
Значи, претседателот на Владата на Република Северна Македонија е во оставка, со самото тоа во оставка е целата влада. Не е писмена, но е усна, ако во тоа има некаква статутарна, законска или уставна разлика. Но, во таа смисла, еве една парадоксална ексклузивност. Доброволната оставка на претседател на Владата на Република Македонија, како што е сега во случајов со Зоран Заев, не е предвидена ниту регулирана со каков било акт на државата. За таков вид оставка нема збор во Уставот, не пишува ништо во Законот за Влада, во Деловникот на Владата, ниту пак во Кодексот за етичко однесување на членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од неа. Исто така ниту еден акт не познава категорија на одложена оставка, таа формулација кај нас не е ниту уставна ниту законска.
Во ниту еден документ не може да се прочита во кои услови се дава лична оставка и дали се дава усно или писмено. Во Македонија и тие процеси се обвиткани во густа магла, а може да се толкуваат по лична волја, обично по волјата на посилниот. Во организираниот, демократски, слободен и свет со политичка традиција, оставката е оставка, нема разлика дали е усна или писмена. Насекаде во светот усно изречената оставка значи збогум од функцијата. Ако не верувате, читајте весници и портали, но под услов да не се македонски и да не се продаваат под фирмата на слободни, независни, цивилни, граѓански и слично.

[email protected]