Поплава со име катастрофа

Токму така. Поплава со име катастрофа. Тоа е микро и макросликата на нашата денешна македонска ситуација, која, бидејќи во нејзиното средиште е темата за идентитетот, се однесува на Македонците по род. Тие се видот што е осуден на исчезнување во синџирот на биолошкиот и духовен свет, аналогно на многуте видови растителен и животински свет што го снемува во природата, која не е толку дарвинистичка, колку што човекот ја прави неа таква. Тој и во неа се поставува узурпаторски, нарушувајќи ги нејзиниот тек и ритам во кој одамна се беа договориле на заеднички живот големите и малите, пеперугите и птиците со лавовите и со слоновите. Сѐ додека во тој хармониум насилнички не се вмеша и не го разби на парампарчиња лакомиот човек. Пред сѐ, тој на суровата либералкапиталистичка западна цивилизација што сака да биде господар на сѐ. И не само целокупната подземна и надземна природа, водена и воздушна, туку и самите луѓе од „подолен“ ранг, помалите и сиромашните, западните моќни ариевци ги претворија во едно за нив обично цивилизациско сафари, ловиште за храна на суетата, за катадневната забава и исчашено естетско задоволување на своите темни садистички нагони.

Претпоставувам, драг читателу, немаш дилеми дека конкретно мислам, како што веќе и јасно алудирав, на човекот на нарцистичката, егоистична западна цивилизација на можните. Таа имаше во поновото време со француската револуција и со француските енциклопедисти кус период на просветителска светлина, а потоа западна во цивилизациски мрак на својот безбожен материјализам и материјален профит по секоја цена. Нејзиниот ариевски човек буквално ја сфати и примени во практика филозофијата на Протагора „Човекот е мера на сѐ“, целосно игнорирајќи ја онаа на Платон што вели „Бог е мера на сѐ“. А ако нема Бог, велеше Достоевски, сѐ е дозволено. И така и се случи кај тој дехуманизиран човек апсолутен распад на моралните вредности и виреење во неговата бездушна душа, да се изразам со јазикот на Бодлер, на „цвеќињата на злото“.
Толку, драг читателу. Жртва на таа егоистична со канибалистички нагон цивилизација денес се и Македонија и Македонците. Тие од нив се одбрани за задоволување на нивната темна страст за апсолутна моќ и ароганција. Македонија е драгоцено парче за нивното перфидно естетско и душевно, иако се без душа, задоволство на своите исчашени нагони за владеење и деструкција. Тука сега тие со уживање го практикуваат, барем во Европа современиот изум за геноцид – идентитетскиот. Велам, барем во Европа, бидејќи тој веќе наголемо е испробуван кај Индијанците во Северна и Јужна Америка, Абориџините во Австралија и Нов Зеланд, црнците во Африка итн. А Англичаните нешто такво се обидоа да направат и во големата Индија, ама Ганди им ги изјалови плановите.

Сега тој тип божем „софистициран“ геноцид, ако не се лажам првпат на Стариот Континент се тестира врз кожата на Македонија и на Македонците. Менгелеовски. И многу успешно. Да. Но, за жал, во тој менгелеовски геноцид се сега под полна пареа, парадоксално, имено вклучени и самите Македонци, кои се јавуваат како директни реализатори на тој гнасен античовечки чин. Одродниците. Гледав пред некој ден во една дебатна ТВ-емисија една наша универзитетска професорка, која говореше на тема за нашата денешна ситуација. Шарена од петици до глава, со јасно дефиниран грантовски профил. За почеток го пофали геноцидниот договор со Грција, нагласувајќи дека тој воопшто не го загрозува, и покрај преименувањето, нашиот генерички идентитет. Тоа. И тргна храбро, „интелектуално“ да ја брани својата позиција со еден страшно сиромашен јазик во кој се пресопнуваа еден од друг зборовите и се задушуваа без дотек на озон од мислата, која и кога ќе се појавеше за миг одеше на патерици. Една апсолутно небулозна синтакса во отсуство на логичен, каузален ритам, без дури и една елементарна мисловна и граматичка артикулација.

Во отсуство на тоа, како компензација, професорката, докторка по науки, енормно гестикулираше мавтајќи со рацете, како да се пропелер за ладење, и зачестено испушташе како некои темни хијатуси, синкопи, некои полуартикулирани крикови, најчесто во стилот на пелтечавото, а кое требаше да биде пауза за средување на небулозниот вокабулар на збрканите мисли. Спуштајќи ја така професорката, воленс/ноленс ме опфати јанѕа, некое чувство за нејзините студенти. На крајот таа, за нешто да не заборави, го пофали и Договорот за добрососедство со Бугарија, со поента дека со тоа се затворени болните прашања со неа и со Грција. Да, драг читателу, но мене навистина ми е поважно, а и посуштинско е, што е отворено а не затворено со овие исто така геноцидни договори за нас. А отворени се широко повторно нашите големи рани со нив, со нивното одамнешно посегање по нашиот идентитет и историски и културно-цивилизациски имот. Да. Но бидејќи универзитетската професорка сето тоа го посматра од недофатливите височини на својата интелектуална и интелектуалистичка нирвана, неа ништо не ја боли и е апсолутно глува за болката на својот народ.

Туку да не должам, и премногу простор ѝ одделив на професорката, иако во контекст на темата, и таква каква што е, таа го заслужува тоа и идеално се вклопува меѓу страниците на книгата на Жилиен Бенда „Предавството на интелектуалците“. А што е посебно важно, мене таа сега уште еднаш ми ја потврди претпоставката дека кај нас не интелектуалците – фарисеи, туку обичниот народ најдобро го чува во својата душа како есенција идентитетот, и тоа со неговиот непогрешлив инстинкт и чист и длабок нагон за автентично постоење во сопственото Име и Искон, на изворот на сопствената генеза.
Но да не повторуваме, драг читателу, хронологијата на поновите настани што доведе до катастрофалната поплава, која нас со бришење на Името, идентитетот, нѐ носи во историски заборав што ни го стокмиле „мајсторите на смртта“. Да ги цитирам пак неизбежниот Пол Целан, за тоа веќе зборував во минатата колумна „Кратка анатомија на злосторството“. Катастрофалната поплава ги носи сите наши знаци и симболи, архетипови на идентитетот. Тие одат како курбан како културолошки имот за задоволување на нашите лакоми соседи. Со помош, се разбира, на Европа.

Сега засега главно кај Грците и кај Бугарите. Со сите овие геноцидни потези Европа се труди конечно да го затвори за неа мачното и компромитирачко во цивилизациски контекст македонско прашање, подарувајќи им го на Грците македонскиот антички културно-цивилизациски имот, а на Бугарите средновековниот со Кирил и Методиј, Климент и Наум, па и поновиот, 19 преродбенски век, а потоа и првата половина на 20 век сѐ до АСНОМ. Ако евентуално, како што тргнале работите, и тој не им се подари. Да. Но тука се, да не ги заборавиме, и нашите рамковни Албанци, кои исто така јавајќи на крилјата на кошмарниот сон за Илирида имаат исто така геноциден потфат кон Македонија и Македонците. Тиранската платформа подготвена од нивниот заколнат пријател ЦИА и Америка, имено, работи со полн погон на тоа. Со неа, покрај другото, исто така се бара менување на некои наши изворни симболи и архетипови како што се знамето, химната, грбот и други, и нивно албанизирање. Европа тоа го поздравува и аминува. И Столтенберг и НАТО, кој им создаде уште една држава, блиц-криг, со своите смртоносни бомбардери во срцето на Србија. И Албанците по примерот на Грците ги бришат македонските генерички имиња тука. Само еден пример. Одете во Тетово и побарајте го сообраќајниот знак за Попова Шапка на која првпат одите. Нема да го најдете. На поставената табла што упатува на тоа наместо Попова Шапка, со стрелка пишува само на албански „Кодра Делит“ што во превод значи „Планина на изгрејсонцето“, иако е на запад. Шапката на попот ја однел ветрот на геноцидот и веројатно сега засега неа ја ставил на својата глава некој рамковен оџа, кој треба наскоро да се открие со помош на ЦИА. Се разбира, ако таа сака.

Тоа е тоа, да не ги набројуваме, драг читателу, другите преименувања на македонски топоними, училишта, сѐ од страна на нашите рамковни пријатели толку многу космополитски настроени и гладни за етнички соживот. Но, за жал, драг читателу, сета таа катастрофална поплава што ги брише сите наши идентитетски знаци, (кои како што вели и Хераклит ѝ беа повеќе важни од пророштвото и на делфиска Питија), беневолентно учествува сега и нашата, според свои белези, геноцидна влада на чело со премиерот од Муртино Зоран Заев и со Македонците одродници, презирачи на сопствениот род што ги родил за негова несреќа, во неговата владејачка коалиција. Тие се најголемите, повеќе од Албанците, туркачи на Тиранската платформа, го изгласаа законот за јазиците, Договорот со Бугарија, а сега и Договорот со Грција за целосен погреб на македонскиот генерички идентитет. Тие се најголемите гробари на родот што ги познаваа неколкумилениумската историја на Македонија и македонизмот. Единствено чесен, и морално и умно, од таа владина камарила на геноцидни типови искокнува Ферид Мухиќ, кому не му е првпат, за разлика од македонските одродници, доблесно да ги брани македонското име и идентитет од соседните и од меѓународните хиени што се нафрлиле на него. Ја користам оваа можност и лично да му се заблагодарам за тоа.

Тоа драг читателу. А денес, очекувано, бидејќи сме природно навикнати на историски шокови, оваа катастрофална поплава што нѐ брише, а која ја аминува и универзитетската професорка за која стана збор, ја аминуваа и западните политички сатрапи, „мајстори на смртта“. Тие го чекаа и го дочекаа мигот во кој Македонија и Македонците ќе бидат конечно положени на мртовечка постела и внесени како урна полна со пепел во мртовечница. Тоа, иако не се знае дали Европа нема да пламне во нова светска катастрофа, тие го сторија и го слават геноцидот над нас со перфидна еротска екстаза. Тој гнасен чин на нивното садистичко задоволство. Да. Во контекст на тоа, зарем можеше некој да измисли и да го промовира во модерен херој, архетип, маркиз Де Сад, освен оваа расипана цивилизација што владее со светот не со демократија, со која се фали и ја користи како маска, туку пред сѐ со своето силеџиство и своите смртоносни бомбардери. Србија добро го почувствува тоа 1999-та, а Македонија во 2001-ва. И што ми е зборот.

Тоа дека геноцидниот договор со Грција, смислен во франкештајновската политичка лабораторија во Брисел и Вашингтон, вехементно и пред да биде ратификуван го поздравија сите врвни светски недоумници: од Гутиереш во ООН до европските (Хан, Туск, Могерини…) А тука е и генсекот на НАТО Столтенберг. Сите го поздравија внесувањето на Македонија и на Македонците во мртовечница. Во идентитетска смрт! А Владата, последната шокантна вест, ја ликвидира Македонија во ЕУ-парламентот и најголемата македонска пријателка Маријана Петир. Тоа, драг пријателу. Нѐ носи, како што ја замислиле, оваа катастрофална поплава во историски заборав. Во смрт. На Заев и на неговата влада, како и на Македонците квислинзи во неговата коалиција, а и на универзитетската професорка за која стана збор, им е гајле за тоа. Но јас искрено се надевам во воскреснувачка моќ на мојот народ, во неговата моќ да се појавува, како птицата феникс, макар и по столетија од својата пепел и да се обновува во животодавниот оган што му го столчиле. Ќе излезат Македонците од идентитетската смрт во облеката на Животот во полн сјај заедно со своите предци и прапредци, со своите песни и фатени со ѕвездите за рака на оро. Маките на соседните и меѓународните сатрапи „мајстори на смртта“ не завршиле со „столченото племе“ (Б. Конески). Тоа многу добро го знам, и во тоа сум сигурен, драг читателу. И јас ќе излезам од гробот на таа голема обновена прослава на нашето Име и идентитет. Ти гарантирам. Те охрабрувам и тебе. Не сведнувај ја главата во дупката на апатијата и песимизмот, и немој да мислиш дека сѐ е готово. Не е! Те уверувам во тоа и те поздравувам до следната колумна. Сме постоеле и ќе постоиме вечно во тоа Пра што ни го спепелуваат. Без сомнение! Во нашето Име, кое како што вели и апостол Павле, и Господ го избра за спасение на народите. За жал, некои од нив, кои ги преведовме од паганство во христијанство сега се нашите главни гробари. Но лопатата со која нѐ затрупуваат попрво нив ќе ги затрупа, отколку нас. Господ нема да го заборави народот што толку многу и со несебично мартирство се вложи за да ја рашири и меѓу безбожниците неговата слава. Верувај во тоа!