Пописот е мртов, да живее пописот!

Кога една држава или општество не може да го спречи намалувањето на своето население, тогаш нешто е гнило во таа држава или општество. Честопати падот на природниот прираст на населението е показател за општествено опаѓање и декаденција, следствено општествата и државите ги губат своите витални и творечки способности. Затоа достапните бројки од нашиот попис се поразителни

Во минатото кога еден монарх ќе починел, новиот владетел се прогласувал со зборовите: „Кралот е мртов, да живее кралот“. Колку и да звучи контрадикторно, споменатата прокламацијата требало да ги убеди поданиците во континуитетот на кралската династија преку објавување на смртта на претходниот монарх и истовремено поздравување на новиот владетел.
Институциите речиси идентично постапија и со пописот во „нашата“ држава. Бевме информирани дека пописот е успешен и ни беше соопштено дека се попишани 1.839.696 лица, а од дијаспората се самопопишале 204.805 македонски државјани. Според достапните податоци, бројката на оние што одбиле да се попишат е незначителна, а деновиве ќе биде собрана и ќе се знае точно. Набргу потоа можевме да слушнеме или да прочитаме дека „нашата“ држава има капацитет.
Каков апсурд! Според пописот од 2002 година, „нашата“ држава имаше 2.022.547 жители, а со години се претпоставуваше дека вкупниот број на жители изнесува околу 2.067.471 лица. Отсекогаш математичките операции ми биле слабост, но бројките се збунувачки, бидејќи нешто не штима. Можеме со денови или месеци да се убедуваме дека пописот е успешен, меѓутоа достапните податоци за вкупниот број на жители се поразителни!
Со години експертите нѐ предупредуваат дека во последните 25 години податоците на Државниот завод за статистика покажуваат постојан пад на природниот прираст на населението. Според достапните податоците, очигледно е дека секоја година бројката на починати лица е поголема од бројката на новородени. Според експертите, стапката на живородени деца треба да биде над 2 отсто за да имаме обнова на населението, но „нашата“ држава има просечно 1,5 отсто, со што се намалува бројот на населението. Според истражувачите, оваа состојба се објаснува со миграциските движења, односно со иселувањето на голем дел од младите во европските и прекуокеанските земји.
Кога една држава или општество не може да го спречи намалувањето на своето население, тогаш нешто е гнило во таа држава или општество. Честопати падот на природниот прираст на населението е показател за општествено опаѓање и декаденција, следствено општествата и државите ги губат своите витални и творечки способности. Затоа достапните бројки од нашиот попис се поразителни.

Тие покажуваат дека во последните децении од нашата држава се иселиле илјадници граѓани, млади и стари, кои решиле да си ја пробаат „среќата“ во друга земја. Не можеме да ги обвинуваме, кој би сакал да живее во квазидржава, во која луѓето се напуштени од институциите и умираат на улиците.
Вината за оваа положба лежи во нашата политичко-општествена елита, која со децении не го подобри животниот стандард и не осмисли стратегија за економски и општествен развој. Со години политичките субјекти што се активен фактор во нашето општество ни образложуваат дека се преземени дејства за задржување на младите, но бројките го говорат спротивното.
Можеме бесконечно да се удираме во гради дека имаме капацитет, но реалноста е ужасна. Доколку политичките партии, без разлика дали припаѓаат на левицата или на десницата, не ја согледаат стварноста и не преземат соодветни мерки, на секој нареден попис бројот на населението постојано ќе биде во опаѓање и еден ден Македонецот физички ќе исчезне. Затоа, сите искажувања за успешноста на пописот се беспредметни.