Понови информации за електронските цигари

Јас лично не знам колку овие цигари се модерни и достапни кај нашите млади луѓе. Но, еве, овој напис нека ги потсети на штетите од нив, а родителите да бидат повнимателни со нарачките по интернет кај своите деца. Зашто старата мудрост вели „сѐ што лета, не се јаде“!

Новите технологии влегоа на голема врата во сите области на современиот живот. Денес, невозможно е да опстојуваме без интернет, без мобилни телефони, мрежи на социјални комуникации итн. Сето тоа ја промени хуманата психологија, начинот на меѓусебна комуникација и животот воопшто.

Електронските цигари „јуул“ се воведени од страна на „ПАХ лабораториите“ во јуни 2015 година. „Јуул“ претставува независна компанија од ПАХ со повеќе видни раководни кадри. Како што нивните продукти станувале сѐ популарни, регистрирано е дека во мај 2018 компанијата вработувала над 200 луѓе главно од Сан Франциско, а потоа секој месец вработувала уште нови 120 луѓе. Од јули 2018 цигарите „јуул“ се произведуваат во Шеншен Кина, иако некои парчиња се произведуваат и во САД. Во јули 2018 „Јуул“ поседува профит од над 15 милијарди долари.

Во јуни 2019 во САД е започнато истражување врз работата на компанијата поради што бизнисот се префрла во Азија, поради реакциите низ социјалните медиуми и рекламните постапки, како и јавната комуникација, сѐ што придонело до масовна употреба на овие продукти.

Всушност, основачи на компанијата се поранешни пушачи Адам Бовен и Џемс Монси, кои најпрвин создале компанија наречена „Плум“ во која дипломирани студенти од универзитетот „Станфорд“ го прават дизајнот на продуктот, за потоа со вметнување на пах-вапоризаторот за канабис и тутун да се оформи како продукт „јуул“.
Цигарите „јуул“ ги користат никотинските соли (никотин протонат) како главна состојка. Никотинските соли се смета дека создаваат искуство слично како пушењето никотин, па продажбата на е-цигарите рапидно расте. Всушност, е-цигарите содржат исто количество никотин како едно цело пакување конвенционални никотински цигари, а дозволува околу 200 пуфкања по цигара, што одговара на количество од 59 мг/мл никотин по секоја цигара. Секоја касета содржи пропилен гликол, глицерин, разни засладувачи и никотински соли. Оваа сол на никотинот, според истражувањата во универзитетот „Џон Хопкинс“, ослободува многу повеќе никотин што ја прави привлечна за новите корисници на е-цигарите, особено тинејџерите, за што тие воопшто не се свесни.

Статистиката покажува дека е-цигарите станаа многу популарни кај младите, така што само во 2018 од 13.000 анкетирани Американци процентот на тинејџери корисници се искачува на 9,5 отсто, кај оние од 15 до 17 години на
11 отстo ,додека кај младите адулти (18-21 г.) дури тој број е 16 пати повеќе. Продуктите „јуул“ започнуваат да се користат на широко и во училиштата, па тинејџерите го изведуваат називот „јулење“ (јуулинг) за да го опишат користењето на е-цигарите.

Како и секој нов продукт, кој станува многу популарен, така и е-цигарите претставуваат своевиден здравствен ризик. Истражувањата покажуваат дека е споредливо влијанието на никотинот од обичните цигари со оној од е-цигарите. Освен никотин, е-цигарите содржат токсични супстанции и карциногени, кои се споредливи со оние од обичните цигари. Уште повеќе, зависноста од е-цигарите е многу понагласена. Затоа, во 2017 г. во престижното списание „Нејчр“ се истакнува дека кај младите има јасен доказ дека користењето е-цигари го зголемува ризикот по здравјето, особено доколку корисниците се на помлада возраст. Особено ризични за заболувања се белите дробови и срцето.

Иако е-цигарите кај возрасните се некаков начин за одвикнување од конвенционално пушење, студиите покажуваат дека кај младите тоа е обратно: никотинската зависност станува поголема кога се користат е-цигарите. Уште поважно е дека една е-цигара содржи никотин колку едно цело пакување конвенционални цигари!
Од друга страна, е-цигарите содржат бензоична киселина, која предизвикува кашлица, суво грло и абдоминална болка.

Кон крајот на 2018 г. нови известувања покажуваат дека адикцијата од „јуул“ кај тинејџерите има негативен импакт на развојот на мозокот и меѓуодносите со другите. Особено е засегнат префронталниот мозок, кој е битен за контрола на импулсите и просудувањето. Никотинските ацетил-холински рецептори локализирани во централниот и периферниот нервен систем се одговорни за создавање зависност од никотин. Овие рецептори го десензибилизираат мозокот на пушачите и предизвикуваат карактеристични однесувања.

На пример, експонирање никотин кај адолесцентите предизвикува специфично однесување забрзувајќи ги моторичките активности, додека кај возрасните тоа дејствува обратно. Исто така, кај адолесцентите никотинот предизвикува промена во нивото на серотонин (невротрансмитер што е битен за чувство на среќа и задоволство). Така е опишана појавата на силна анксиозност, иритабилност и склоност кон нагли испади на бес кај 15-годишен корисник на цигарите „јуул“.
Поради сето наведено, кон крајот на 2018 г. самата фирма „Јуул“ издава соопштение дека нејзините производи не треба воопшто да ги пробуваат млади луѓе!
Во Сан Франциско, оваа 2019 година излегува забрана за онлајн-купување на е-цигарите. Од друга страна, за младите корисници се препорачува евентуална употреба под надгледување од лекар.

Јас лично не знам колку овие цигари се модерни и достапни кај нашите млади луѓе. Но, еве, овој напис нека ги потсети на штетите од нив, а родителите да бидат повнимателни со нарачките по интернет кај своите деца. Зашто старата мудрост вели „сѐ што лета, не се јаде“!