Полиција без интегритет во театарот на правниот систем: ветинг или модернизирање на репресијата

Кога имате наследство на насилна и нетранспарентна полициска организација, лесно се обновува неказнивоста на полицијата за прекршувањата на законот. Како резултат на тоа, легитимноста на полицијата е спадната на најниско ниво, како впрочем и сѐ во државата

Во ваква безлична држава, во каква што се претворивме, изгледа дека полицијата повторно почнува да верува, како во минатото, дека го има монополот на насилство. И дека треба да ѝ се плашат. Гледам како полициската бруталност станува рутинска, банална одлика на секојдневното полициско постапување во Македонија. Повторно униформата и законската присила стануваат симболи и експоненти на моќта во општеството. Новите „разгаштени модерни „шерифи“ во униформа од „чувари на портата“ на системот на кривична правда политиката ги претвори во егзекутори на правда, замислена по теркот на власта.
А што друго можеше да се очекува од неправеден систем на кривична правда што користи принуда, ограничување, репресија, надзор, регулација, предаторство, дисциплина и насилство. Освен полиција како механизам за контрола и заплашување. Затоа не изненадува што сѐ повеќе полициските службеници кај нас стануваат претерано насилни и нахални, што резултира со политички реакции кај населението, зголемување на несогласувањето и намалување на поддршката за полицијата. Повторно полицијата си најде удобно и сигурно прибежиште во политиката, по личниот неуспех да одговори на професионалниот предизвик како безбедносен сервис на граѓаните. Наместо полиција што постапува во согласност со граѓаните, добивме полиција по желба на власта.

Разочарувачки е кога по сиве години ќе сфатите дека сте биле во заблуда мислејќи и надевајќи се дека во Македонија е можно да заживее концептот за полицаецот како граѓанин во униформа, кој гради и одржува безбедносен амбиент во кој можеме да ги уживаме слободата и личното достоинство. Наивно сум верувал дека полициското постапување мора да се премерува низ заштитата на правата и слободите на граѓаните, како рамка во која полицијата ја положува својата одговорност за (зло)употребата на силата со која располага. Гледам како веќе никој, а најмалку во полицијата зборуваат за правата и слободите како граница на полициската акција. А без нив системот креиран да го заштити граѓанинот е на добар пат да стане инструмент на негово потчинување. Полицијата повторно станува внатрешно извршно оружје на државата, т.е. домашен парамилитарен двојник што треба да ја одржи политичката гарнитура на власт по секоја цена, жртвувајќи ги законските и етичките принципи на кои е поставено нејзиното дејствување. Нашата полиција одамна, а сега како никогаш досега станува заложник на власта, која свесно го еродира нејзиниот авторитет. И не дека некој се загрижи за тоа.
Кога политиката ја става полицијата во арсеналот на средства за политички пресметки, свесно ја жртвува нејзината доверба кај граѓаните претворајќи ја во деперсонализирана борбена машина кон која лесно секој може да атакува. Само погледнете колку напади има на полицијата во последно време.

Наместо причината за тоа да се побара во изгубената доверба кај граѓаните, полицијата одговара со зголемена репресија. Низ репресијата и присилата се обидува да го билда својот изгубен авторитет, продлабочувајќи го на тој начин јазот со граѓаните на кои треба да им служи. Очигледно некој погрешно ја едуцира и обучува, ако воопшто постои такво нешто. Затоа полицијата нема поим дека е безбедносен сервис на граѓаните, а не на власта. Не чувствува, а мислам и дека не е многу загрижена дека со своето однесување полека и сигурно го трасира патот кон полициска држава. Особено денес, кога пандемијата на ковид-19 ја модернизира репресијата.
Кога имате наследство на насилна и нетранспарентна полициска организација, лесно се обновува неказнивоста на полицијата за прекршувањата на законот. Како резултат на тоа, легитимноста на полицијата е спадната на најниско ниво, како впрочем и сѐ во државата. Зарем можеше да се очекува дека ваквата полиција ќе биде имуна на сериозните ефекти на имплицитна пристрасност, етничка поделеност и стереотипна закана врз носењето одлуки и меѓучовечките контакти? Не верувам. Затоа и понатаму ќе гледаме полицијаци како малтретираат стари снеможени лица по пазарите, употребуваат претерана сила да совладаат отпор, дилаат дрога, пијат по кафеани, шверцуваат мигранти и што уште не. За жал, тоа е сликата на македонскиот полициски сервис денес. Која се вклопува во сликата за едно криминализирано и корумпирано општество во кое живееме.

А членовите на заедницата навистина сакаат полицијата кон нив да се однесува со почит и да им даде глас и шанса да ја објаснат нивната ситуација пред да се преземе акција. Луѓето, исто така, сакаат да знаат дека полицијата е искрена, се грижи за благосостојбата на нивната заедница и постапува на непристрасен и конзистентен начин. Сето тоа нема да го добиете од нашата полиција. Барем не од оваа. Затоа за полиција со изгубен интегритет во театарот на правниот систем, изгледа нужен е ветингот. Секако дека е задоцнет, зашто секој потенцијален полициски службеник што се регрутира требаше да помине низ темелна фаза на проверка, како дел од неговиот процес на аплицирање. Нешто што изгледа намерно беше заборавено кога власта градеше прошарана полиција по партиски клуч. Наместо да добиеме полиција со интегритет, добивме политички (не)одговорна полиција.
Во полициското работење, луѓето секогаш зборуваат за „гнили јаболка“. Но, да не се лажеме: лошите јаболка доаѓаат од расипани дрвја.