Политички киднапиран патриотизам: новата македонска реалност

Времето на национализам и лажен патриотизам е завршено. Така вели лидерот на владејачката партија во Македонија. Најголем патриот бил оној што носи храбри одлуки за иднината и кој се грижи за обезбедување подобар живот за сегашните и идните генерации, тука, во „Северна Македонија“. Тоа да ти бил вистински патриотизам. Оној патриотизам што извира од променетото име на државата, продадената историја, обезличената држава, изгубениот идентитет и истружените шахти. Оној низ кој тешко можеме да разбереме што претставуваме како нација, отежнувајќи ни да живееме според сопствените утврдени вредности на правда, толеранција и слобода.

Не знам дали знае дека оној патриотизам што го промовира е псевдопатриотизам. Личи на патриотизмот, но не е целосен. Недостига љубовта кон земјата на која припаѓаш и идеалите на кои е положена. Гледам како во последно време се накотија „нови патриоти“. Се залепија како крлежи зад зборовите на својот лидер, кои се празни флоскули без значење и содржина, па во својот занес не дозволуваат никој на Земјината топка да се претставува поголем патриот од нив. Понекогаш се прашувам за кој патриотизaм зборуваат и за која држава се однесува?
Се сеќавам на едни „големи патриоти“ што кога се делевме од Југославија беа подготвени да го бомбардираат Скопје и во име на нивниот силен „патриотизам“ сакаа да ги апсат оние што ја изведоа историската акција на одземање на регрутните списоци од канцелариите на ЈНА.

Врв на нивниот „патриотизам“ отсекогаш било да бидеш со власта и во власта. Без оглед дали се разградува и обезличува државата и се гази нејзиниот политички и правен систем. Патриотизам на линија. Од која нема скршнувања. Како во добрите стари времиња. Само недостига мелодијата.
Новиот патриотизам што ми се нуди денес е да ја сакаш „Северна Македонија“. Мерката на овој псевдопатриотизам е бројот на изговорено ново име на државата во една реченица. Изгледа овие новоосознаени патриоти, во чиј патриотизам не смееме да се сомневаме и не смееме да го спориме, ја мразат македонската нација и сѐ што ги поврзува со неа. Историја, симболи, митови.

Овие омразени фанатици се борат да уништат сè што е македонско. Да срушат сѐ што ги потсетува на минатото. Затоа ги презираат вистинските патриоти и вистинските Македонци. Но затоа поддршката на неморалот за нив е патриотска. Поддршката на неодговорноста е патриотска. Поддршката на незнаењето е патриотска. Поддршката на некомпетентноста е патриотска. Поддршката на туѓите интереси над националните е патриотска. Поддршката на власта што ги разнебитува државата и нејзината историја и корени е патриотска. Лагата и потиснувањето на вистината е чин на патриотизам. Забраната на слободниот говор е патриотска. Зашто целта е светла иднина и подобар живот. Секој што поинаку зборува клевети и лаже. И е лажен патриот.

Псевдопатриотите, во основа, се луѓе што очекуваат другите да се усогласат со нивните поими за патриотизам и национализам и се вистинска закана за која било земја. Нашата не е исклучок. Овој бран на прикажување нов патриотизам преку понижување на македонската држава имаше цел да покаже и докаже колку се сака новата држава. „Северна Македонија“. Затоа времето на лажен патриотизам мора да заврши. Ќе воскликне лидерот. Време е за нов патриотизам. Оној „вистинскиот“. Октроираниот.
Арно ама заборава дека да се ​​биде патриот не е дневнополитичка изјава. Дека патриотизмот што ми го нуди за неговата нова држава е без љубов за Македонија и без никаква почит за нејзината историја и култура. И симболите што ја дефинираат. Не може политички да го киднапирате патриотизмот и да манипулирате со него. Зашто патриотизмот денес е свесност. Патриотизмот не значи само да се бориме и да умреме за својата земја: тоа значи да живееш и да ѝ служиш на својата нација на секој можен начин. Тоа е ангажман и вклученост. Тоа е чувство што доаѓа однатре. Тоа е љубов кон земјата на твоите предци. Тоа е жртвување на личниот интерес во корист на доброто на другите. Тоа е почитување на вредностите и традициите на кои е положена идејата на независна македонска држава. Е, тоа е разликата помеѓу видот на чувството за една земја што е природно и инстинктивно и она што произлегува од некаква вештачка причина.

Видовме како се третира патриотизмот во оваа држава. Аферата „Атлантик“ е најдобра потврда дека патриотизмот се доживува како закана за националната безбедност. Тоа навестува тоталитарен инстинкт на власта во борбата со патриотизмот. Оној вистинскиот. Оној на кој му се восхитувам зашто ми потврдува дека духот на Македонецот е жив и поттикнува повторно да се поврземе со нашите оригинални патриотски традиции. Затоа вистинските патриоти ќе го слават 8 Септември, Денот на независноста на Македонија. За другите не знам. Честит да е.