Политичките кујни и кафанската гастрономија

„Бранко ќе прави нова партија. Шеќеринска наскоро ќе презема подземни акции да го урива Заев, почна со Рашковски, не се знае кој друг е на нишан. Зоран Заев до Нова година, по локалните избори, сам ќе поднесе оставка. На Американците не им одговара Христијан Мицковски, затоа во скоро време ќе бараат нов лидер на ВМРО-ДПМНЕ, некој покооперативен. Али Ахмети не излегува од блиндираното возило со кое се вози, зашто има страв од атентат. Од ковид-19 во државава не умреле толку колку што се прикажува официјално, туку многу повеќе, кријат од Министерството за здравство. Петко му кажа на Станко дека Коста украл два милиона евра, полн е како брод, топ не го бие. Баба Паца ѝ кажа на баба Стојна дека еден министер ја тепал жената, друг бил хомосексуалец, сите околу знаеле ама не кажувале“.
Сите погоре наведени реченици, така како што се прикажани, се производ на таканаречените политички кујни, во кои, понекогаш, се чувствува и мирисот на она што се готви.
Речиси нема народ што нема своја национална кујна, како што нема држава без политички кујни и без производство на политичка храна, вкусна или невкусна, со која се наситува граѓанството. Меѓу луѓето најмногу различни мислења, рецепти, совети, дискусии и кавги има за три работи: за спортот, за храната и за политиката, сето поврзано со општото, но и со политичкото здравје на една нација. Тие три теми се поле за слободен натпревар без да се сносат какви било последици, освен нужна нервоза, се разбира. Токму околу тие казани се создаваат најголемите метежи. Откако постои човекот, од времето на јадење треви и живи луѓе до елитна храна поминале милениуми, основата со растенија и месо останала иста, зачините биле новото богатство на вкусот. Низ нивната микс-употреба, низ вриењето во котелот се развивала цивилизацијата што ја познаваме и храната што ја консумираме.

Ако националната кујна е една од одредниците за распознавање на еден народ, политичката е универзална, сегде присутна, со разлики во нијанси и во размери. Начините на ширење на некоја политичка кујна, локална или национална се општо познати, механизмите за нејзино пренесување се упростени, но во голем дел невидливи и научно неистражени. Тоа тесто не се меси тукутака. Тоа што во политичките кујни се нуди и дистрибуира мора да биде привлечно и прифатливо, да има во него гастрономски елементи и хедонистичко чувство, лесно да се голта и соџвакува, да има економски, културен контекст, да е богато со мирудии. Бидејќи има многу кујни, не се дознава потеклото на секоја „чорба“ што се пренесува од јазик до јазик, од уво до уво, како народна песна. Можеби нема смисла тој аламач – булумач, ама е фино спакуван, има деликатесен вкус. Трач ли е, озборување, афера ли е, дрдорење ли е, лажна вест ли е, страст ли е, што и да е, има сласт во она што излегува од политичките готвачници. Среќно и задоволно живеат илјадници што редовно се хранат со тој дневен политички оброк. И со малку разновидна салата, мезе за подобро варење. Нема никаков проблем со работното време – политичките кујни работат нонстоп, 24 часа, секој ден во неделата, во месецот и годината. Нема за нив празник – делник.
Ваквите кујни што опстојуваат низ просторот и времето може да бидат државни, владини и невладини, партиски, групни и лични, поединечни. Главно кулоарски, тие ги откриваат малите тајни на големите мајстори. Весела е тоа приказна што пропагира уживање во мали лични животни радости и во големи критики што се однесуваат на други. Кафанската политичка гастрономија, иста и во Скопје и во мој Ресен, е појава од посебен вид, практикувана со генерации, од старо и младо, машко и женско. Таа до денес е развиена на ниво на уметност, предизвикува интелектуално задоволство, чувство на информираност, на важност, го зголемува апетитот за примање новости, а не дебелее, не лепи калории.

Нејзиното консумирање не се одвива со дебата само за политика туку и за естетика, си има специфичен културолошки, историски и национален поттекст. Може да стигне да поприми дури и религиско значење, ако на масата како мени се поставени и лидерите, кои сѐ повеќе добиваат ореоли на безгрешни светци. Таквите свети зраци го блеснуваат небото на кое може да се прочита јасно дека политичката кујна е едно многу важно средство за владеење со народните маси гладни за непозната храна, за специјалитети. На таа жица се лепат политичките гурмани, во тој котел се превртуваат обожаватели на високата рекла-кажала политика, политика што им прави мали животни радости.
За разлика од старите времиња кога мрсната храна носеше мрсни војни, сега политичката храна, вклучувајќи ја и македонската, е полесна, помалку калорична, полесносварлива, поелегантна и поедноставна за готвење и за разнесување, но еднакво штетна за желудникот, особено за слабиот. Нема шпорети на дрва, решоа, сачови, бакарни тепсии, авани, ’рѓосани тавчиња. Се готви главно електронски, експресно без експрес лонци. Сега се нуди филувана, зашеќерена, два-три пати филтрирана, многу појадлива идеологија и пракса. Неа креативно ја креираат професионални обучени политички готвачи (не е тоа професија, тоа е способност), а ја подгреваат маса ангажирани аматери. Така подгреана, како стока за широка потрошувачка ја шират во кафулиња, во ресторани, по клубови, на сеанси по семинари, во молови и селски маркети. Бесплатна храна преку која се крева културата на политичката ангажираност, без која нема напредок во светот на либералната демократија. Кога би ги немало политичките кујничиња, би ги снемало медиумите, порталите, ќе нема ниту читаност ниту гледаност. Пропаганда што не чини пари, но може да чини нечии животи.

Но, понекогаш, и покрај професионалноста, збунети се и самите врвни готвачи. Им се случува јадењето да го пресолат или презабиберат или ќе се задушат во чадот што сами го предизвикале. А се знае – кај што има чад таму има и оган. И на најдобрите готвачи понекогаш може да им се измолкнат проверените рецепти, па да претеруваат со количеството на маслото, со долевање масло на огнот. Напати претеруваат со киселината, често и со мирудиите кога ги мешаат несоодветно со видот на месото или зеленчуците. Тогаш храната замирисува непријатно, речиси смрди и се фрла право во контејнер. А не е непознато дека дури и превкусната храна ако се прима во големо количество, ако се претерува со неа, предизвикува повраќаници.
Производите од политичката кујна ја намалуваат фрустрацијата, го прават денот поинтересен, ја збогатуваат сцената со нови слики, ги задоволуваат малите страсти во големата политика, тие се посебен вид храна без која животот нема да биде толку интересен и забавен. Без разлика што таа храна отсекогаш била социјално одредена, секогаш имало храна на владетелите и богатите и храна на сиромашните, селска храна.
На еден првомајски протест во Скопје во 2015 година, на еден транспарент што го носеше некој непознат работник пишуваше: ‘„Колку повеќе политички кујни толку повеќе гладни“. Антиподот на овој транспарент би бил „Колку повеќе гладни толку поголем број политички кујни“.
На крајот за да нема некои недоразбирања, погрешни толкувања или припишувања зли намери, читателите треба да бидат запознаени дека во речникот на македонскиот јазик политичката кујна е објаснета како „подготвување, местење нешто во затворен круг, изведување некаква измама“. Од тој аспект, политичката кујна се труди да зготви такви мислења, според кои, она што за мнозинството граѓани е срамотна работа, за политичарите да биде сосема нормална. Во јадење, пиење и во политика срам нема.

[email protected]