Политичкиот месијанизам во Македонија

Најтрагично за една нација е кога ќе се појави политички лидер што не го разбира историскиот момент и кој мисли дека може самостојно да одлучува каква насока ќе земат историските настани. Себичната природа на политичко дејствување и игнорирање на народот и негово сведување на поддржувач и навивач за постапките на еден човек е антитеза за демократијата

Историја. Секое општество што не ѝ посветува соодветно внимание не само што има опасно плитки корени туку и ризикува да ја изгладнува сопствената фантазија.
Идејата дека една личност или група луѓе може да ги контролираат историските процеси е погрешна и самоуништувачка за една нација. Невозможно е за кој било политички водач да биде свесен, а камоли да контролира огромен број настани што ја обликуваат нацијата одвнатре и однадвор. Секогаш постои исклучок, како во нашиот случај. Многу неправди и понижувања што ги поврзуваме со далечното минато на овој народ не се случија толку одамна. Теророт на овие простори остава последици што ги чувствуваме и денес. Како можеме да ја разбереме сегашноста ако го игнорираме сопственото минато на македонскиот народ? Зарем треба да заборавиме? Зарем треба да веруваме во некоја нова историја, нова вистина, како што сака да нѐ убеди лидерот што се доживува себеси како месија, спасител на државата и народот? Месијанизмот на Заев е вештачки креирана илузија на херојско, харизматично лидерство на нашиот пат кон ЕУ. Зашто кога лидерот си поигрува со историската вистина и колективната меморија на еден цел народ, тоа е чиста манифестација на недостиг од мудрост и неспособност да се води државата.

Макијавели ќе запише дека „што се однесува до менталната вежба, владетелот треба да чита историски дела, особено за светлината што ја фрлаат врз постапките на еминентни луѓе: да открие како воделе војна, да ги открие причините за нивните победи и порази, за да избегне преврат и да постигне освојувања; и пред сè да имитира некој еминентен човек, кој и самиот се стреми да имитира некој негов претходник, кој се сметал достоен за пофалба и слава“. Кога лидерот не чита, нормално е дека недостигот од историско разбирање може да придонесе за лоши одлуки. Како што може да видиме денес, погубни за државата. Не велам дека минатото е директен водич за сегашноста, или дека можеме да ја користиме историјата за да ги избегнеме грешките од минатото. Секако дека новите ситуации секогаш се уникатни. Но не се толку уникатни колку што се бесмислено уникатни решенијата што ни се нудат во име на некое имагинарно добрососедство на нашиот пат кон ЕУ. Очигледно Заев премногу е нестрплив и желен да ги види само елементите од минатото што одговараат на неговите денешни погледи и да ја игнорира целосната и комплексна слика што може да ја обезбеди навистина доброто разбирање за минатото. Минатото можеби не нуди решенија, но помага да се илустрираат природата на проблемот и причините за неговата долготрајна природа. Кои, очигледно, свесно одбива да ги види.
Антиинтелектуализмот е рак-рана, која веќе подолго време го јаде политичкото тело во Македонија. Антиинтелектуализмот беше постојан придружник на нашиот политички и културен живот, негуван од лажната идеја дека демократијата значи „моето незнаење е исто толку добро како и вашето знаење“. Оваа болест на антиразум, антинаука, антиелита, антиекспертиза, антиисториско знаење и професионализам се шири како чума под лидерството на Заев и оваа власт.

Заевизмот ја промовира новата ера на „алтернативни факти“, „алтернативна реалност“, „алтернативна историја“. Неговото игнорирање на знаењето и јавното признавање на историските прашања како клучни во справувањето со тешкото минато, нѐ турка во состојба на хипермнезија, каде што минатото е ретуширано и се замаглува нашата визија за реалната историја, искривувајќи ја и диктирајќи ја сегашната политика. Маргарет Мекмилан предупредува дека „иако историјата може да се искористи за да ги инспирира луѓето, таа може да се користи и за нанесување штета“. Гледаме каква штета трпиме како држава и народ кога историја се користи како средство за пазарење за да се оствари сопствена политичка корист. За жал, кај нас одредени структури и медиуми ја потхрануваат илузијата дека политичарот што е опседнат со моќ е единствено квалификуван да води, релативизирајќи ја реалноста и фалсификувајќи ја историјата.
Најтрагично за една нација е кога ќе се појави политички лидер што не го разбира историскиот момент и кој мисли дека може самостојно да одлучува каква насока ќе земат историските настани. Себичната природа на политичко дејствување и игнорирање на народот и негово сведување на поддржувач и навивач за постапките на еден човек е антитеза за демократијата. Одамна сум свесен дека демократијата не функционира во Македонија. Платон сметал дека тоа е ужасен систем, предигра на тиранијата, давајќи им моќ на себичните и опасни демагози.

Гледајќи што се случува деновиве во односите со нашиот источен сосед и колкав ни е демократскиот капацитет како држава и народ, тешко е да не се согласам со Платон. Демократијата кај нас се чини дека произведува изобилство неспособни и манипулативни политички лидери, кои ги искористуваат верноста и предрасудите на луѓето и напредуваат на дискурсот управуван од емоции и лажни вести. Уште кога популистичките лидери се замислуваат себеси како месии и нудат спас преку нивниот избор, треба сериозно да се загрижиме за плиткоста на корените на нашата демократија. И да бидеме сериозно уплашени за нашата иднина.