Политичка правда или епска одмазда?

– Да се биде храбар и да се пишува вистина – иако таа се потиснува!
– Да се биде умен за таа (вистината) да се препознае!
– Да се знае како таа (вистината) да се употреби како оружје!
– Да се биде умен и да се изберат оние во чии раце таа (вистината) ќе стане делотворна!
– Да се биде лукав таа (вистината) да се прошири меѓу делотворните!
Овие постулати си ги поставил Бертолд Брехт во моментот кога сфатил дека Германија се претвора во диктатура предводена од Националсоцијалистичката партија. Пред две години го почувствував тоа на своја кожа, кога Социјалдемократската партија на Македонија не можеше да го издржи притисокот дека некој не се плаши да ја каже вистината, па гневот и немоќта ги излеа врз мене и моето семејство! И доживеав прогонството во родната земја, во која, признавам, во моментов живеам формално, со практикуван внатрешен бестворечки егзил, во ангажирано исчекување на вистината за правда или за одмазда! Но за тоа подолу. Да се вратам на тезите на другарот Берти, кои ги прочитав пред триесет и кусур години, кога првпат се допрев до Брехт. Но нивната суштина за мене до скоро беше само интелектуално промислување, еквилибристика на еден од најблескавите умови на човештвото.

Кога сега ќе помислам сѐ што направил во животот (пишувањето и режирањето се најмалата работа), сѐ повеќе верувам дека тој човек можел да биде сѐ што ќе посакал. Но сосема наивно решил да биде антиилузионист, кој одлучил да се одметне од сопствената природа на живеење во лаги-илузии (пишувањето, творештвото, уметноста воопшто е подготвеност да се живее во поднослива состојба на лагата) и да ја каже вистината! Во 1949 година, Бертолд ќе се врати од Америка во родната Германија, но во нејзиниот источен дел (Брехт бил левичар и со голем ентузијазам го прифатил комунизирањето на еден дел од неговата родна земја), каде што ќе формира театар познат како „Берлинер ансамбл“ и ќе се согласи да биде храбар и да ја кажува вистината – иако таа се потиснува!
Драги мои, и моите дилеми се брехтијански. Како да се биде умен и да се препознае вистината во земја како Македонија, каде што вистината е непотребна работа? Да се кажува вистина во Македонија е бесмислена работа, затоа што, убеден сум, ама сосема и докрај, дека вистината ја знаат сите. Тука воопшто не треба да се биде Бертолд Брехт за да се препознае вистината, затоа што сите ја препознаваат вистината. Дури и малите деца! Кој тука не ја препознава вистината, тој навистина не е од тука?! Во нашата земја вистината не може да се претвори или да биде оружје за борба, затоа што никој не сака да се бори!

Никој, дури ни тој што нема што да изгуби не се бори за да не го изгуби тоа што нема што да изгуби, колку и да звучи ова парадоксално!? Многу попарадоксално дури и од Брехтовата парадоксалност, за која цел живот докажувал дека постои во актерската како човечка натура! Учењето на Брехт за парадоксалноста на актерската и човечката натура е очигледно и во сѐ се потврдува во Македонија и повеќе не треба да се нарекува театарска теорија, туку животна прагма!
Овде, даги мои, вистината не може да се даде во ничии раце, затоа што тој што евентуално би зел нешто толку невистинито како што е вистината во Македонија, не би имал што да му прави, затоа што таа – вистината е сосема неделотворна! И на крајот од сѐ, лукавоста во Македонија и особено кај Македонците е синоним за карактерна особина, која карактеризира некого како човек што зема од другите нешто само за себеси, додека идејата на Брехт е лукавоста да се стави во полза на тоа некому нешто да му се даде! Претпоставувам дека ова звучи како да е напишано од човек кој меѓу другото може да се нараче незадоволен, тенденциозен, па дури и гневен! Има од сѐ по нешто, не можам, а и не сакам, да го одрекувам тоа, во спротивно би значело дека го нарушувам првото начело на Брехт, а тоа е да се кажува вистината и кога таа се потиснува, дури и од самиот себеси! Да не заборавиме, најголемиот непријател на вистината и нејзин најсилен потиснувач е нашиот страв. Ние и нашата неподготвеност да ја кажеме и да пишуваме за вистината сме најголемите непријатели на вистината.

Но што да се прави, драги мои? Да се откажеме ли од вистината затоа што немаме храброст да зборуваме и пишуваме вистина? Зошто е тоа така? Безброј пати сум си го поставил тоа прашање како сме стигнале дотаму како поединци, но и како народ, да живееме во паничен страв од вистината?! Ние, драги мои, се плашиме од вистината. И тој страв е генетски. Се провлекува во нас и нѐ држи во несигурност, која се манифестира во нашето мислење, однесување, во нашите одлуки и избори, во нашите дела и во сѐ што правиме и создаваме, како материјална и духовна вредност. Тоа е нашата вистина! И таа вистина, за тоа какви реално сме ние, треба да бидеме храбри да ја говориме и да ја пишуваме дури и кога таа ќе биде потиснувана!
Ќе се обидам да ги подредам повторно аксиомите на Бертолд Брехт, но не во театарска смисла, затоа што доколку Брехт сега случајно би бил жив, убеден сум дека бескрајно ќе се радува што цел еден народ, како што е македонскиот народ денес, прифатил да биде само актер, кој во брехтијански стил со „ефектот на отуѓување“ (тоа е неговиот актерски принцип во кој актерот е свесен дека игра, а не живее вистински живот), наместо во епскиот, игра во глобалниот политички театар, за кој и самиот Брехт не можел ниту да сонува дека ќе биде реалност и јаве!

Таткото на епскиот театар би полудел од радост кога би ги сретнал неговите нови Галилео Галиеи во земјата на подоброто утре како денес се откажуваат од сето она во што верувале, па дури и од сопственото име! Eppour si muove! Сепак се движи, драги мои! Ова е нашата вистина за која треба да имаме храброст да зборуваме и пишуваме кога таа ќе биде потиснувана! Да, оние што сега се нарекуваат држава и власт и нивните спонзори скриени зад идеите на псевдолиберализмот и примордијалната демократија ја потиснуваат вистината дека ние живееме во неофашизам, кој не прифаќа постоење на вистина различна од нивната вистина! Да, имаме доволно ум да ја препознаваме вистината, и покрај сите напори таа да биде наречена невистина или лага! Да, знаеме како да ја употребиме вистината како оружје! Тоа нема да ни биде првпат. Имаме емпирија! Вистината ќе биде нашето оружје онака како што вистината му била оружје на Војдан Чернодрински! Убиствено и моќно оружје, кое поразило и поголеми и пострашни непријатели од овие денес!

Вистината ќе биде нашето оружје како што била им оружје на Коста Рацин или на Петре Андреевски! Вистината ќе ни биде оружје за борба онака како што му била на Бертолд Брехт! Ни недостига ли ум за да ги најдеме тие што вистината ќе ја изберат за оружје за борба? Не знам. Можеби ни недостигаат трпение и сила малиот партизански одред да го одржиме во строј за полека, избран по избран, да се придружат и други, па таа на почетокот ненадежна чета да се претвори во дивизија, бригада и армија на избрани подготвени да се борат за вистината!? И на крајот останува нашата лукавост да се претвори во некоја друга, не онаква лукавост како што сега поседуваме. Не знам како тоа да се направи? Но мора да верувам дека ќе се најде некој лукав што вистината ќе ја прошири помеѓу делотворните, помеѓу оние што се подготвени заради вистината да направат дела достојни да се наречат вистина!
Драги мои, можеби ова се само флоскули на еден брехтијанец. Можеби ова се само аксиоми што во овие времиња на творечки егзил (веќе четврта година не сум работел во театар, а моите филмски проекти се отфрлаат поради политички реваншизам на власта), па сите мои креативни пориви се обидувам онака парадоксално достојно на Бертолд Брехт да ги преточам од епски во политички театар?!

Секако, не знам дали во овие времиња воопшто има смисла да се прави нешто друго освен политички театар? Мислите ли дека Брехт би пропуштил таква шанса? Знам јас зошто е тој ваш толкав страв од вистината и тие адски маки да ја потиснувате вистината, затоа што и без Бертолд да напише драма со таков наслов, знаеме дека по подемот доаѓа падот на новиот Трет рајх! И кога ќе дојде денот на падот и победата ќе ја прославиме со премиера на Мајка Храброст, исто онака како што Брехт ја прославил на денот на победата против фашизмот, и откако ќе завршат лаврите и ќе си ги поделите заслугите, функциите, министерските места, директорските фотелји и управителските столчиња, ќе остане дилемата на Мајка(та) Пелагија Власова што да прави ако не ѝ се понуди правда за смртта на синот Павел?

Драги мои, брехтијански е кога на крајот од епот долгоочекуваната правда нема да дојде, па протагонистот ќе се трансформира во антагонист што ќе тргне по својата одмазда! Затоа што, исто како и во епскиот театар, и во живиот живот, кога правдата нема да им биде дадена на онеправданите, тогаш тие – онеправданите ќе тргнат по одмаздата! Е, тогаш, сите постулати за вистината стануваат бесмислени и на сцена актерите што играат со „ефект на отуѓување“ престануваат да бидат актери, туку жива природа од крв и месо, жедна и гладна за крв и месо! Така, епскиот се претвора во политички театар. Јас, драги мои, повеќе го сакам епскиот, но нема да ја кажувам и да пишувам за вистината дури и кога таа ќе биде потиснувана ако не признаам дека „ако така се наложи“ политичкиот театар ќе биде предизвикот на кој ќе одговорам најдобро што знам!

Авторот е режисер и универзитетски професор