Политичката приказна за Пинокио

Пинокио, ликот од истоимената детска бајка, сѐ почесто станува редовен прекар за премиерот. Се поставува прашањето дали ваквиот третман е повеќе (не)фер кон Заев или кон Пинокио. Повозрасните сигурно се сеќаваат на американизираната верзија за (безгрешното) создавање на куклената играчка од стариот Џепето и нејзиниот среќен крај. Пинокио е наивно и добродушно „дете“, но штом отвори уста – лаже! Но тука е и казната: за секоја изговорена лага, носот му расте. Но оригиналната приказна на Колоди не само што не портретира симпатичен лик туку тој завршува на бесилка, а поуката е дека Пинокио е непоправлив, а неговите лаги и будалесто однесување водат само кон тага и деструкција. Вистинската приказна била продукт на политичка криза и културна промена (во Италија, во 1883 година), таа опишала јасен морален карактер. За жал, тој денес е препознатлив токму кај оние што ги водат државите.

Сепак, мнозина денес посакуваат видливи маркери кај политичарите на нивното препуштање на „алтернативни факти“. Психолозите и политиколозите утврдиле дека лагата/измамата е верна придружничка на политиката. Како знаеш дека политичарот лаже? Му се мрдаат усните! Без лага, нема ни политика, но експертите се обидуваат да ги одгатнат „50-те нијанси на сивото“, разликувајќи бенигни од малигни, бели од црни лаги на политичката сцена, за нивно или за наше добро. Навидум навикнати на такво водење политика, граѓаните и натаму им ја даваат довербата на оние што најдобро лажат. Зошто е тоа така? Затоа што целиот општествен систем почива на втемелени измами, лаги и интерпретации од најрана возраст, со што се обезбедува прифаќање на (социјалната и политичка) неправда како нормална или дури и како единствено можна правда.

Мнозина се убедени дека Заев е наивна марионета, создадена од друг, која е тука за да кажува невистини без да има последици за тоа (сѐ додека носи џинс). Други не се согласуваат, особено во делот на наивноста. Ако веќе се прави споредба, треба да се каже дека (американскиот) Пинокио е, сепак, само дете, кое ниту постапува ниту одлучува во нечие име, туку и својата глава ја става во торба, заедно со животот на Џепето. Таа бајка завршува со хепиенд, барем кај Дизни. Нашата политичка бајка трае и трае, како шпанска серија, од режим до режим… Граѓаните се соочуваат со т.н. парадокс на Пинокио, или поточно парадоксот на лажгото, кој се врзува за името на античкиот филозоф Еубулид (4 век пред н.е.). Овој (pseudomenos) парадокс се објаснува на следниот начин: еден човек вели „Она што го кажувам сега е лага.“ Ако изјавата е точна, тогаш тој лаже, иако не може да се одрече вистинитоста/постоењето на изјавата. Ако, пак, тврдењето е лага, тогаш тој всушност не лаже, иако тврдењето е лажно. Така, ако говорникот лаже, тој ја кажува вистината, и обратно. Заплеткано, нели? Професионалните познавачи на парадоксите немаат претстава како е да се обидуваш (здраворазумски) да ја утврдиш кредибилноста на изјавите на македонските политичари, кои постојано ги менуваат исказите, додека се колнат дека зборуваат една иста вистина.

Ако премиер, без да му трепне око, лаже дека Република Македонија добила датум за почеток на преговори со ЕУ, и покрај официјалните заклучоци и коментари на меѓународната јавност, тогаш кога ли ја зборува вистината?
Наредните месеци ќе бидат клучни за Република Македонија (па и за нејзиното постоење), а пред граѓаните ќе биде поставен (лажен) хамлетовски избор, формулиран во орвеловски новоговор. Референдумот е сѐ уште толку хипотетички, колку што е и извесен. Дали ќе има референдум, не знае ни Заев, бидејќи најпрво чека некој (повторно друг!) да го прекрши законот и да го објави законот за ратификација на Преспанскиот договор, чека да се формира ДИК, па поволни резултати од испитувањата на јавното мислење, не знае дали референдумот ќе биде задолжителен или консултативен итн. „Парадоксот на Заев“ е што тврди дека мнозинството граѓани го поддржуваат, а истовремено бара начини да го намали цензусот (одзивот) на референдумот или креира референдумско прашање во стилот „3 во 1“. (Не е исклучена можноста на крајот да го исклучи овој механизам од равенката, ако обезбеди двотретинско мнозинство во парламентот, со кое може и цар да се прогласи, а не пак да смени устав.) Ова последното, се разбира, зависи од степенот на политичка корупција, односно за колку пари ќе си купи десетина пратеници од редовите на сегашната опозиција.

Во моментов, Лагата (со големо Л) е најтесно поврзана за Преспанскиот договор и неговите импликации. Читате добро и разбирате, а ве убедуваат дека не знаете да читате! Веќе напишав, промената на името и идентитетскиот инженеринг, колку и да изгледаат застрашувачки, не се она што буди најголем аларм. Она што доминира е не само далеку од секаква демократска атмосфера погодна за рационална расправа туку е и обратно од сето тоа. Овде не станува збор за слободен избор, туку за принуда. Бескрупулозна употреба на пропаганда, медиумска контрола, полициско дисциплинирање, задушување на секоја критичка мисла, демонизирање на неистомислениците и сл. – сите тие се нешта за кои ветуваа дека нема да ги прават. Но бивша студентска пленумка, сега од парламентарна говорница порачува дека јавните личности треба да внимаваат што зборуваат (алудирајќи на силна колумна на професорот Апасиев), а портпарол на Владата упатува морбидни пораки (за покојници и идни поколенија) до режисерот Митревски; сѐ друго станува дел на нормален политички фолклор, на кој треба да се навикнеме. Или не? Друг „падеж“ се интелектуалните и академските кетмани, кои божем слободоумни, легитимираат систем на невладеење на правото, во кој се заговара или сценарио „лет над кукавичиното гнездо“ или се повикува јавниот обвинител да постапи за едно неправо, ама не и за друго. Кампањата е почната: незаконски, без никаква правна основа, и е финансирана од државни средства, што е спротивно на сите демократски стандарди (особено оние на ОБСЕ, нели?). СДСМ го повикува ВМРО-ДПМНЕ да го повика членството да излезе на референдум. На КОЈ референдум? На оној што не е ни распишан? По кое прашање? По она што се договара „округло на ќоше“? За кој договор, за оној што не е ратификуван во согласност со Уставот?

Еден мудар човек кажал дека најтешката работа во политичката кампања е како да победиш без притоа да докажеш дека воопшто не си ни вреден да бидеш победник. А победа заснована на лаги е недолична и недостојна, без оглед на прашањето околу кое се води битка. Политичката практика покажала дека не постои ефикасна одбрана од лага во која луѓето сакаат да веруваат. Граѓаните се веќе поделени токму по однос на евтините лаги што им се сервираат и ги распаметуваат. Како што не е вистина дека човекот го губи и личниот идентитет ако го загуби колективниот, еднакво е невистина дека Преспанскиот договор ги отвора рајските порти. Има членки на НАТО и ЕУ на кои никој не им го гиба идентитетот или уставот, а сепак ниту се демократии, ниту социјални држави. Владината кампања е однос на моќ спрема граѓаните, кои треба да се убедат да им веруваат на лидерите (и на нивната интелектуална камарила) и тогаш кога сѐ упатува на инаков здраворазумски суд. Однос на чиста моќ е кога говорникот може да го натера примателот на пораката да ги повторува неговите бесмислени зборови, односно не само да лаже туку и да ја шири лагата натаму. Кога од позиција на моќ се тврди дека, на пример, 2+2=5, вистината се чини беспомошна, ама само навидум. На прашањето „кому му веруваш, мене или на твоите лажливи очи“, демократијата се брани со одговорот дека граѓаните им веруваат повеќе на своите (лажливи) очи, отколку на слатките лаги на Пинокио. Ако е демократија… А ако не е, тогаш кажувањето на вистината ќе стане револуционерен чин, како што велеше Орвел.