Политичката коректност, тиранија со манири

Кога го слушав говорот на претседателот, ослободен и прочистен од зборовите Македонија и македонски, сфатив дека политичката коректност е неприродна перверзија на јазикот што го користиме во интелектуалниот дискурс. Политичката коректност сигурно нема да ги замени вистината во Македонија и вредностите што некогаш го обединија, обликуваа и го дефинираа нашиот национален идентитет во самостојна држава – Македонија. Но политичарите не бараат вистина, туку моќ. Тие се претворија во деловни луѓе што задоволуваат пазар базиран на побарувачка. Како што гледам, цената е сопствената држава

Македонија денес се соочува со застрашувачка опасност, подмолна социјална болест наречена политичка коректност. Обидувајќи се да биде политички коректен кон нашите соседи, не споменувајќи го името Македонија за својата држава и народ, претседателот во својот говор за 11 Октомври потврди дека политичката коректност може да биде вистинска егзистенцијална закана за државата и нејзиниот опстанок.
Политичката коректност како начин на одбегнување форми на изразување или дејствување за кои се смета дека исклучуваат, маргинализираат или навредуваат групи луѓе, или во случајов наши соседни држави, ја киднапира политичката дебата во Македонија и идентитетски нѐ обезличува. Политичката коректност на оваа власт не е ништо друго од смоквин лист за политичките и историските промашувања во односите со нашите соседи и историските предрасуди за нашето постоење на овие простори. Политички коректните изјави на политичарите денес се толку доминантни што е политички некоректно да се нарекуваат како политичка коректност.
Овој вид политичко микроуправување што доаѓа со политичката коректност е смешен и патетичен. Зашто ничии ставови нема совршено да се совпаднат со оние на друга личност, а не па држава. Овој очајно болен стремеж да бидете прифатени од сите, едноставно е невозможен. И тогаш гледате колку власта забега со политичката коректност и колку низ политички коректниот вокабулар ја игнорира демократијата, засадувајќи го семето за тиранијата.

Зошто не сум изненаден од кога доаѓа и кои се вистинските крстоносци на политичката коректност во Македонија? Особено кога знам дека терминот го добива своето вистинско значење во текот на првата половина на дваесеттиот век, со подемот на марксизмот – ленинизмот од една страна и националсоцијализмот од друга страна: „политичката коректност“ тогаш беше синоним за идеолошка ортодоксност каде што најдогматските активисти биле опишувани како „политички коректни“.
Темните денови помеѓу 1930 и 1940 година оставија траен отпечаток на изразот „политички коректен“, кој се задржа долго откако заврши војната и кој го гледаме денес повторно возобновен низ говорот на либералните политичари. Особено на оние што како такви се продаваат во Македонија. А не се ништо друго, туку рециклирани комунисти. Целата перфидност на новокомунистите кај нас е низ политичката коректност да морализираат со дискусијата и да ја затскријат цензурата. Со единствена цел да се избегне конфронтација на идеи, без оглед дали се добри или лоши и да се наметнат политички ставови што создаваат чувство за морална супериорност, правејќи ги аргументите на расправата излишни. Цензурата денес, на која сме сведоци во политичката арена, е поразителна бидејќи оди подалеку од полето на јазикот, осудувајќи ги и сатанизирајќи ги другите различни идеи.
Тековните политичари на власта се новите талибанци на политичката коректност кога станува збор за одбрана на своите политики и напад врз оние што не мислат како нив и не ги споделуваат нивните идеи. Тие ги проповедаат своите идеи од постаментот на морална супериорност, обидувајќи се да ја заменат политиката што ја имавме досега со нивната политика. Политичката коректност на власта е волк (цензура) облечен како јагне (добри манири), кој ја користи виктимизацијата како штит, а цензурата како меч. Но колку и да е волкот маскиран како јагне, сепак е волк.
Велат дека политичката коректност не е ништо друго туку тиранија со манири. Ги кочи и оневозможува нашите дебати, го прави нашиот хумор инертен и ја уништува нашата историја. Живееме во време кога политиката ја истргува слободата на говорот за политичка коректност. Затоа, сѐ што објавувате, секој збор што го зборувате, дури и вашите сопствени мисли треба да се усогласат со она што е општествено прифатливо според власта за сите групи луѓе. Оваа идеја на политичка коректност за промашени политики на власта очигледно веќе е излезена од контрола. Не гледам дека нејзината политичката коректност, која се обидува да ја наметне, го смени мислењето на луѓето, освен што го менува само она што тие можат да го кажат.

Кога не говорите слободно поради чувството на страв, тогаш не може да очекувате дека ќе најдете решенија на прашањата што ја мачат оваа земја. Идеите се маргинализираат, со што се отежнува решавањето на омразата зад која луѓето сѐ повеќе се засолнуваат. Политичката коректност на власта е како да ставате завој врз рана од куршум. Болеста на омразата ќе се прошири, а со завојот на политичката коректност со кој се обвиваат зборовите никогаш нема да знаеме дека тивко ни се убива државата додека не стане предоцна. Како да им објасниш на луѓе што не слушаат и луѓе зачаурени во сопствената безначајност и необразованост дека политичката коректност на која се повикуваат е недостижна утопија. Би било убаво сите да се почитуваме едни со други и да се чувствуваме исто без разлика на потеклото, но оваа идеја за универзални манири е порегресивна отколку прогресивна. Во нашиот случај дезинтегрирачка.
Начинот на кој тековната политика денес ги користи зборовите стана фактор на поделба во општеството. Политичката коректност стана бариера за комуникација, одвраќање од реалните проблеми и алатка за маргинализирање и навреда.
Власта е во очаен обид преку контролирање на зборовите да го контролира умот на еден цел народ. Македонскиот. Политички коректниот говор стана нејзина политичка агенда за задушување на слободната мисла преку манипулација со јазикот. Кога го слушав говорот на претседателот, ослободен и прочистен од зборовите Македонија и македонски, сфатив дека политичката коректност е неприродна перверзија на јазикот што го користиме во интелектуалниот дискурс. Политичката коректност сигурно нема да ги замени вистината во Македонија и вредностите што некогаш го обединија, обликуваа и го дефинираа нашиот национален идентитет во самостојна држава – Македонија. Но политичарите не бараат вистина, туку моќ. Тие се претворија во деловни луѓе што задоволуваат пазар базиран на побарувачка. Како што гледам, цената е сопствената држава.