Политичари и државници

Разликата меѓу политичарите и државниците е тоа што политичарите мислат на идните избори, а државниците на идните генерации! Во историјата на Македонија, која, како република 47 години беше во составот на Југославија, а безмалку три децении е самостојна држава, има голем број политичари, но, за жал, тешко може да се посочи личност, која може да се окарактеризира како државник со визија за иднината на државата и нејзините граѓани! Во мојот напис „Архитекти на економски чуда“, кој е објавен во „Нова Македонија“ на 8 февруари 2019 година, наведов неколку државници, кои дале голем придонес за просперитетот на нивните држави.

Во времето на социјализмот, кога беше република во составот на Југославија, Македонија пристапи кон индустријализација, со форсирање на развојот на екстрактивната и тешката индустрија. Ваквата определба беше базирана на илузијата што ја создаваа политиката, науката и образованието за огромните богатства на Македонија со природни, минерални и енергетски ресурси! Се изградија голем број мошне скапи мегапроекти, кои се познати како големи потрошувачи на електрична енергија, но и како големи загадувачи на животната околина!

По распадот на Југославија и осамостојувањето на Македонија, нашата држава, како и другите посткомунистички земји, се соочи со потребата за транзиција насочена кон воспоставување демократија, пазарна економија, слободи и права на човекот, слобода на медиумите и другите цивилизациски вредности. Меѓутоа, транзицијата во Македонија, за разлика од многу други поранешни комунистички земји, беше крајно неуспешна, особено и поради криминалната приватизација, која доведе до „економски геноцид“ во државата! Се затворија многу фабрики, без работа останаа голем број работници, се создадоа колосални социјални разлики во државата. Со ваквата транзиција СДСМ ѝ нанесе тежок удар на идејата за правично општество и си натовари тешка хипотека, која ќе ја носи додека се живи жртвите на транзицијата, но и нивните потомци! Убеден сум дека доколку приватизацијата се направеше со примена на ваучерскиот модел, Македонија денес ќе беше просперитетна држава и пристојно место за живот со правично распределено општествено богатство!

Македонија ниту како република во составот на Југославија, ниту како самостојна држава не успеа да дефинира своја паметна економска стратегија! Беше воспоставена практика челните македонски политичари да настапуваат пред Собранието со експозеа за општествено-економскиот развој на државата од само 2-3 страници! Во последната деценија од минатиот век, по иницијатива од СДСМ, МАНУ подготви обемна Економска стратегија за чија изработка се потрошија огромни пари, истата таа беше преведена на англиски јазик и широко дистрибуирана во земјата и во странство. Меѓутоа, многу бргу се покажа дека оваа стратегија е само список на убави желби и дека, во услови на глобализација, е неупотреблива!

ВМРО-ДПМНЕ беше првата македонска партија, која, пред парламентарните избори во 2006 година, настапи со детална програма насловена „Преродба во сто чекори“, меѓутоа и таа се покажа како список на убави желби и лажни ветувања! Во оваа програма се најавуваше дека изградбата на големите хидроцентрали, „Чебрен“ и „Галиште“, ќе започне до крајот на 2007 година, дека до 2010 година ќе се оствари суфицит во трговијата со храна, дека ќе се изградат модерни автопати и многу други големи ветувања, но ништо од тоа не е реализирано! Пред секои парламентарни избори оваа партија настапуваше со програми со помпезни наслови во нова амбалажа! И што се случи по единаесетгодишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ? Наместо преродба се случија незапаметен арамилак, насилство, газење на правата на човекот и заробување на државата!

Актуелната македонска влада, за жал, нема јасна визија за иднината на државата! Секојдневно настапува со оптимистички најави за живот за сите, меѓутоа, досега нема каква било конкретна програма за остварување на дадените ветувања! Во предизборната кампања, лидерот на СДСМ и актуелен македонски премиер, настапуваше со големи, нереални ветувања, кои сега му се враќаат како бумеранг! Наместо да зборува за тоа како да се зголемат производството и извозот, тој зборува за зголемување на платите, односно за зголемување на потрошувачката, што е одлика на неолиберализмот! Зголемувањето на потрошувачката, без зголемување на производството, може да се постигне со печатење пари или со задолжување во странство! Добро би било македонските политичари да ја прочитаат книгата на Џон Перкинс „Признание на еден економски убиец“.

На чело на актуелната влада се двајца бизнисмени, од кои еден има и солидно политичко искуство. Од досегашното дејствување на челните луѓе на Владата се стекнува впечаток дека тие се преокупирани со тоа како да ги зголемат профитите на нивните приватни и семејни бизниси! Човекот што во Владата е директно задолжен за економијата и кој се збогати од трговијата, поточно од увозот на електрична енергија, целосно е посветен на тоа како да ги спаси мегапроектите, кои се големи потрошувачи на електрична енергија, но и големи загадувачи на животната околина! Познато е дека увозот на електрична енергија носи големи профити за увозниците, кои смислуваат разни лукавства за зголемување на увозот на струја. Пред околу 25 години „случајно“ падна косиот мост во РЕК „Битола“, а, мошне често, со изговор реконструкција, се запира работата на постојните ТЕЦ во државата!

Поради погрешната индустријализација, земјиштето, воздухот и водата во Македонија се енормно загадени, така што треба да се подготви програма за постепено затворање на најголемите загадувачи и за итно чистење на многу депонии и јаловишта, кои трајно ја загадуваат животната околина. На Македонија ѝ се потребни длабоки реформи, кои може да ги спроведе само државник со визија, како што тоа го направи Денг Сјаопинг во Кина! Во последно време и Кина почна да ги изнесува валканите индустрии во Србија (железарницата „Смедерево“, РТБ „Бор“) и во многу други земји од Африка и од Азија! Македонија треба дефинитивно да им стави крај на приказните што ги вергла една група составена од геолози и рударски инженери за големото богатство на нашата држава со минерални суровини и се залага за отворање нови рудници во Македонија! Светот со метеорска брзина влегува во четвртата индустриска револуција, поточно во информатичката технологија, а во Македонија сѐ уште постојат структури, кои, поради лични интереси и интересите на разни меѓународни корпорации, заговараат изградба на капацитети од областа на валканата индустрија! Зачудува одлуката на Владата, која, поради очигледен политички пазар, поддржува изградба на железарница во Кавадарци, како на овој град да не му е доволен комбинатот „ФЕНИ-индустри“?

(авторот е поранешен дипломат)