Политика на злото или злото во политиката

Демократијата отсекогаш била несовршен начин на владеење. Но денес оваа власт ја доведе демократијата до точка на кршење. Не може да очекувате цврст дрвен мост изграден за коњски запреги да издржи бескрајни колони од камиони што поминуваат. Македонската демократија е систем во опасност од колапс и нема поголемо зло од она што му го прави оваа власт на народот во изминативе години во нејзино име. Не може народот да биде злото што бара излез од оваа ситуација во која нѐ втурна власта. Народот со својот глас на изборите само укажува на „злото на политиката“. Укажува на грдите злоупотреби на моќта што ни се случуваат секојдневно мотивирани од завист, љубомора, злоба, суета, гордост, ароганција и алчност, дизајнирајќи власт на начин да задоволи нечија ненаситна желба за моќ, компромитирајќи ја целта на демократијата и манифестирајќи го најзлобниот приказ на човековата личност.
За жал, власта претера, па отиде дотаму што се гордее со своето достигнување. Очигледно изопачената употреба на моќта не може да продолжи бесконечно. И не смее. Лекциите од историјата јасно учат дека таквите концентрации на моќ на крајот водат во катастрофа.
Колку е поголема злоупотребата, толку е поголема веројатноста жртвите – граѓаните да се побунат. И да ја срушат таквата власт. Затоа злото не барајте го кај народот. Барајте го во тековната политика и политичарите. Да проповедаш зло од позиција на власт значи да советуваш баш онака како што направил Макијавели: биди добар сè додека добрината не те попречува во нешто што го сакаш, во случајот на владетелот тоа нешто е одржување и проширување на моќта. Тоа се случува кога политичките страсти стануваат изопачени од желбата да се владее по секоја цена. Секоја сличност со денешната состојба кај нас е намерна.

Кога пишувам за политиката се обидувам да се фокусирам на рационалното. Така помагам да се разберат актуелните настани преку објаснување на пресметката на моќта: кој ја има, кој ја сака, како се стекнува и одржува. Во тој процес, обично се обидувам да избегнам премногу отворено морализирање, бидејќи тоа може да направи да изгледам сентиментално или субјективно. Но, има моменти кога вашиот внимателен политички речник не успева. Сега е тоа време, сега е моментот кога многу настани во политиката кај нас можат да се опишат само со зборот „зло“. Гледам како политичарите прекумерно лесно и неодговорно го користат терминот „зло“ во нашиот јавен живот. Особено кога овој термин се користи на места и на начин што сугерира дека секој што не се согласува со вашите политики е зло сам по себе, или е склон да направи зло. Па макар тоа било мнозинството народ во државата. Велат дека радикалното зло сфатено како проект за бришење на моралот и правото од политиката се поврзува со фабрикувани нереалности, бришење на човечката плуралност и со одземање на правата на граѓаните, вклучувајќи го и правото на име како увертира за неговото идентитетско уништување.
Затоа, за разлика од поранешните години, овие избори не се околу разликите во политиките каде што разумните политички умови се натпреваруваат, туку се работи за натпревар на вредности. Овие избори ги ставаат македонските граѓани во позиција да одлучат за или против владеењето, кое секојдневно практикува човечко непочитување и суровост. Да одлучат да се спротивстават на злото во политиката.

Ако денес политиката свесно одбива да се соочи со злото што го вгнезди внатре во Македонија, ние мораме да се соочиме лице во лице со него. И да одговориме на тоа зло. Не можете долго да ги пакувате вашите лоши акции и политики во конвенционална морална облека. Очигледно власта сѐ потешко наоѓа оправдување за своето срамно однесување во политиката. Затоа, пожелно е да поработи на сопствената морална хигиена, која е нужна во времето во кое се наоѓаме моментално. А не да го вперува прстот кон другите дека се креатори и носители на злото во Македонија. Безобразно и лицемерно е да манипулираш со злото како политички ефективен инструмент за визуализација на непријателот што хипотетички се крие во темнината и да креираш амбиент во државата каде што една група политичари и нивни следбеници се сметаат за „добри“, додека другите се дехуманизирани и се гледаат како штета за нашето општество. Доста ни е од ангели и демони во политиката. Премногу долго ги гледавме самонаречените „ангели“ во политиката како низ манипулации го реконструираа злото за политички цели сеејќи го семето на омраза и поделби. Она што е впечатливо во сето ова креирано зло во политиката е бесрамноста на сторителите. Злото отсекогаш постоело (и секогаш ќе има), но ретко кога оние што се негови креатори толку дрско ги рекламираат своите гревови.

Политичкото зло во Македонија има лице. Станaвме преплавени од злото во политиката пред кое доброто отстапува како наивна и утопистичка фантазија. Изгледа беше неизбежно толку брутално да се соочиме со него, да се соочиме со армагедонистите во Македонија што ја доведоа државата на работ на колапсот. Па ако сакате и нејзиното исчезнување. Но пострашни од ваквото зло во политиката се молкот и неговата поддршка. Време е да го промениме тоа. Секој од нас мора да заземе став. Секој од нас мора да направи сѐ што може за да дејствува против злото во политиката што го гледаме секојдневно. Мораме да се побуниме против тоа и да дејствуваме како катализатор за тековната дестабилизација на менталните, социјалните, политичките и историските режими на злото. Да го промениме начинот на кој зборуваме и размислуваме за политичкото зло, кое корумпира и уништува сѐ што е праведно и добро во македонското општество. Зашто не смееме повеќе да дозволиме македонското политичко мочуриште да продолжи да раѓа политички морални чудовишта што се хранат од злото.