Политиката, сирењето и изборите

И по триесет години самостојност, Македонците сѐ уште не се оспособени реално, без заблуди, без романтизам и носталгија да си ги согледаат своите позиции како на домашната трпеза така и на меѓународната мапа. Од Илинден до денес не постигнале согласност за движењата и фактите од историјата, кои никаде во светот не се сведуваат на „пиши-бриши-препиши“ по нечија волја или наредба. Ај што не се согласиле за минатото, никако не можат да се согласат ни за иднината

Легендарниот француски претседател Шарл де Гол, кој не се плашеше од политичката моќ на Американците, но имаше страв од Французите, сакајќи да ја отслика тежината на владеењето со својот народ, во една пригода изјави: „Мислите ли дека е лесно да се управува и со тоа управување да биде задоволен еден народ што од едно кравјо млеко прави 400 вида сирења?“ Де Гол, кој ја обнови републиката по Втората светска војна и еден од последните светски лидери со господски бонтон, низ таа парафраза си ги објасни тешкотијата на владеењето и карактерот на француските гласачи, но тоа не му помогна да остане на власт. Иако омилен, долгонос, но шармантен, набргу, по еден неуспешен референдум, ја напушти политиката, но не како посрамотен политичар, туку како неразбрана легенда од својот народ. Го изневерија токму оние што од едно млеко знаат да направат 400 вида сирења.

Што може да направи еден народ, како македонскиот, што од едно кравјо млеко знае да направи само два-три вида сирења, цвик и урда, блага или мешана со закиселени пиперки, често зимско мезе како домашен специјалитет со лута ракија? Вакво прашање досега ниту е ниту ќе биде поставено, затоа што и кај нас сирењето е со пари, а уште повеќе што тој народ сосема малку се разбира од гастрономија, вештина за приготвување јадења од секаков вид. Освен меѓусебните јадења, популарна неспортска дисциплина негувана на заемна штета.

Овој народ не се разбира во висока гастрономија, но е експерт за ниска политика. Речиси секој нејзин граѓанин е политичар, аналитичар и статистичар и секој мисли дека може да биде претседател на влада или министер, во најмала рака. А како да не мисли кога на такви места доаѓаат редум такви, деца чии мајки ги молеле со епските дидактичко-педагошки песни „учи, учи сине, да не останеш на улица“. И не останаа, сега се по разни кабинети, агенции, комисии, форуми, во медиуми, по телевизии и весници. Може да се сретнат и видат безмалку секој ден,богами и во доцна ноќ.
Како може успешно да се управува, контролира и насочува еден народ што е во константен ирационален судир самиот со себе, кога на едната страна главната партиска парола е „ако не си со нас, ти си против нас“, збогатена со додавката „твојот пријател е мој непријател, бегај од него“. А на другата страна е возгордеаниот расколнички слоган „не си Македонец ако не си вмровец“, со додадена верзија – „само вмровец е вистински Македонец“. Логично е прашањето како може да биде успешна земјата на Македонците, во која се чувствува дека живеат два различни македонски народа, едните националисти, другите интернационалисти. Тие се со иста национална крв, но со опасно различна политичка боја, дејствуваат во земја во која децата редовно страдаат поради грешките на своите предци, го плаќаат данокот на неуспешните и неспособни политичари, кои се колнат во Господ, ама никако не успеваат со два леба и пет риби да нахранат два милиони народ.

Залепена за таквата примитивна, конфронтирачка, политичка филозофија, Македонија тешко се одлепува од балканските стереотипи од пред сто години и сѐ уште ги држи долните места во квалификациите за нормална европска, демократска држава. И покрај сиот труд вложен во последните години, и покрај големите признанија и пофалби, особено за промената на името, Македонија за светот сѐ уште е „тера инкогнита“, претставена како неевропска и недоволно цивилизирана држава, како општество со оловни нозе, културно цивилизациска периферија што не може да исчекори во 21 век. Искреноста на Франција и на некои други земји околу причините за недавање согласност за датум за почнување на преговорите за влез во ЕУ, иако навредлива, значеше токму тоа, ако на неа се гледа реално. Тој жолт картон за грубата игра на македонскиот политички терен е вистинско предупредување, не за моментална лакировка, туку за сериозен преглед на македонскиот државен организам со какви сили може да учествува во натпреварот со другите држави.

Навистина е утешно што државата, по долги години, добива епитети од НАТО и ЕУ за своето ново позиционирање, иако таквите фалби не се проследени и со материјални надоместоци, не му даваат леб на народот. Утешително е и тоа што ако Македонија не зазема место на табелата на целосни или нецелосни демократии, се вбројува во „хибридни режими“, иако политички не е најјасно што е тоа. Нејасно е, ама е многу е важно што не живее веќе под авторитарен режим, кој комотно опстојуваше една деценија. Инаку, хибрид значи некаква мешавина, порано тој збор најчесто се употребуваше за растенија, сега главно за автомобили. За да биде појасно, хибридни се новите македонски домати, кои имаат лице, но немаат вкус. Хибридни се и новите автомобили што комбинирано користат бензин, струја, сончева енергија, конструирани со разни хемикалии, имаат ем лице ем се по сечиј вкус. За жал, Македончето нема пари да ги купува, со што на дело би ги покажало својата голема волја и желба за побрзо влегување во ЕУ и за делење заеднички вредности со тие клети Европејци.
И по триесет години самостојност, Македонците сѐ уште не се оспособени реално, без заблуди, без романтизам и носталгија да си ги согледаат своите позиции како на домашната трпеза така и на меѓународната мапа. Од Илинден до денес не постигнале согласност за движењата и фактите од историјата, кои никаде во светот не се сведуваат на „пиши-бриши-препиши“ по нечија волја или наредба. Ај што не се согласиле за минатото, никако не можат да се согласат ни за иднината. Ако е далеку Илинден 1903, поблиску е АСНОМ 1944, но и околу него уште пукаат револуционерни домашни и странски пушки.

Ечи Прохор Пчињски од македонски недоразбирања, црвенее од срам за изневерените слободарски идеи, за недосонуваните идеали на еден со векови поробен народ. Ако е и АСНОМ далеку и подзаборавен, најблиски се, како новородени браќа се, НАТО и ЕУ, но и за кон нив нема еден пат, од еден извор три потоци течат, секој на различна страна. Бродот навистина е на отворено разбранувано море, но веќе е јасно каде ќе биде фрлено сидрото и се знае пристаништето каде што ќе биде закотвен. Но и тоа заковување не му дава мир на Македонецот. Никако да ја напушти својата национална наследеност – да се сомнева и тогаш кога некој му посакува добро. Се разбира, тука најмалку мислам на НАТО, мислам на себе и на пријателите.

Сега, пред очекуваните вонредни, априлски, собраниски избори, уште еднаш во мода е прашањето кој и како да ја раководи (води), контролира, управува и унапредува оваа земја на неверните Македонци, кои се експерти за висока политика, а не знаат од едно млеко да направат повеќе видови сирења. Сигурно ќе беше подобра и поуспешна државата ако беше обратно, односно од многу видови сирења да направат една политика. Што мислите вие?

[email protected]