Покровители на Европа

Со малку недостатоци и со неколку прегласувања на неколку гласачки места, милом-силом, референдумската постапка успеа. Во мојата родна општина Центар (Идадија) некогаш прегласувавме трипати за градоначалник. Ќе се прегласа и на тие неколку гласачки места каде што има неправилности. Едноставно стана национален белег и државен стандард да има нерегуларности и прегласувања, инаку патните и дневните трошоци на „набљудувачите“ се вишок трошоци. А свикнавме на патни трошоци, особено тие што ги инкасираа. Најпростачкото чувство беше кога мора да го подадеш палецот, небаре со него ќе гласаш. Кутрата Република Македонија, отиде премлада, едвај наполни 27 години и 22 дена. Ја силуваше и ограбуваше кој стигне, (по)старите ќе речеа „и турско и каурско“. Ја разграбаа и ја распродадоа: „1 евро м2“, небаре Алјаска беше по големината на територијата, па имавме вишок илјадници квадратни километри земја. А прикаската одамна била библиска, ако оваа Македонија излезе дека не била библиска Македонија, тогаш да ви раскажам вистинска библиска прикаска, извадок од поглавјето на Амос, ,,Седум виденија на судот што доаѓа и благослови што следуваат по него“: ,,Кога го изедоа сиот земјин посев, реков: Господи Боже, прости.

Те молам! Како ќе преживее Јаков онолку мал?“ И Господ се нажали за тоа: ,,Нека биде“, рече Господ. А, понатаму, во ,,Користољубие“, вели: „Слушајте го ова, вие што ги газите сиромасите и што ги сотрувате бедните во земјата!“ Велите: Кога ли ќе помине новата месечина, за да го продадеме житото, и саботата, за да тргуваме со пченицата. Намалувајќи ја ефата, зголемувајќи го сикалот, да ги измавуваме со криви мерилки, за да го купиме сиромашниот за сребреници, бедниот за лесни обувки, и за да ги продаваме триците од житото“. А понатаму, во „Навестување на Господов ден“, вели: „Во тој ден – говори Господ Бог – ќе направам сонцето да зајде напладне и ќе ја затемнам земјата среде бел ден. 10. Ќе ги обрнам вашите празници во жалост и сето ваше пеење во плач; ќе го облечам во вреќиште секое бедро и ќе ја обескосам секоја глава. И ќе биде како кога се тражи единец, и што ќе остане, ќе биде како ден на горчливост“. Оваа парадигма (гр. споредба) со Библијата (гр. книгата) не знам зошто ме потсетува на нашето секојдневие. „Скакулците“ изедоа сѐ што можеа.

Европа и меѓународната заедница се изморија од бдеење над бедната Република Македонија, која толку ја посакувавме. Барем овие 27 години. И затоа можеби убавицата Европа е сурогат-мајка на новата рожба, која во својата утроба ја зрееше и конечно, со малку породилни маки, ја роди младенката Северна Македонија. Родена на 1 октомври 2018 година, Северна Македонија е крстена пред и да се роди, од кумот Американец, сведоците Грк и Антички Македонец, тука наречен Егеец. За татковството допрва ќе се прави ДНК, бидејќи многумина се трудеа околу неа. Тоа допрва ќе раѓа нови „турски серии“ или нови реални балкански проблеми. Новороденче како новороденче, се роди предвреме и сега требало во инкубатор, набрзина да дозрее, наводно до јуни идната година. А кога ќе дозрее ќе го прими крштелниот документ на два мајчини јазици. Ќе се роди бебе полиглот (простете за претерана употреба на грчки зборови, за многујазичен или двојазичен говор). Си дозволувам малку писателска слобода: кога може распаѓање на држава на паланечки да биде „дисолуција“, ќе прифатите и полиглот да биде службен назив за двојазичност на новородената држава, со право на говор и на други локални национални јазици. Додека за претходната држава да утврдивме со ДНК од кого е и од кога е, дали е античка или комунистичка, таа стана референдумска.

Таа тема остана отворена за МАНУ и допрва треба да се пресее и запише во енциклопедија во новата академија. А работењето на академијата е навистина за енциклопедија. Кутрата Република Македонија си имаше и златна академија и златни академици со брилијантни умови и ликови, додуша беше без ниту еден нобеловец, како што прилега на државна академија. Иако има два нобеловци, со корени од овие простори (ама селска кованица за бившото име на Република Македонија, кое го одбегнуваат и тие да го изговорат, па ја користат оваа кратенка, за да не ги навредат околните, на турски речено – комшиите). Ако беа академици, можеа тука родените нобеловци да ги прогласат барем за почесни членови, за да им се брои дека некаде помеѓу тие умни глави има и нобеловци од овие простори. Случајно или не, посегнав по библиските приказни, на кои ме потсетува денот 30 септември, посветен на римската маченичка св. Софија (гр. Мудрост), кога и нејзините три ќерки страдаа пред нејзините очи како што денес страда мојата ќерка (од 1991 г.) Република Македонија. Според преданието, таа била благочестива христијанка, која се посветила на грижа за своите три ќерки: Вера (12 г.), Нада (10 г.) и Љубов (8 г.). Заради приврзаноста кон христијанството, св. Софија и нејзините три ќерки жестоко се казнети од римската власт во тоа време. Таа присуствувала, пред нејзините очи било нивното измачување и погубување. По три дена тагување, плач и молби кон бога, за и таа да им се придружи на патот кон рајот, молбата ѝ била ислушана. Тоа било во времето на Диоклецијан, 51-от император на Римската Империја, чие вистинско име е Гај Аврелиј Валериј Диоклецијан. Кога абдицирал, тој ја поделил власта со Максимилијан, а подоцна власта ја дели со четворица, наречена Тетрархија.

Тетрархија (пак гр.) е власт поделена на четири владетели. Се надевам дека референдумот на 30 септември нема да донесе симболика за библиска тетрархија на Северна Република Македонија. Затоа, не е можно да очекувате од мене да кренам рака на долгоочекуваното чедо Република Македонија, на која сум ѝ еден од илјадниците „татковци“ што на 8 септември 1991 година ја родија од својата глава и срце. Како очекувате татко да стане чедоубиец? Нека кренат рака (пенкало) на неа, на државата, оние што не се нејзини татковци или не можеа да бидат тогаш поради нивната животна или ментална недораснатост, пред 27 години. Ќе тагувам долго за неа, колку што долго ѝ се радувам на убавата Европа. А и убавата Европа има свои покровители, земени од Библијата и христијанството. За покровители на Европа се прогласени шест светци: св. Бенедикт Нурсиски е прогласен за закрилник на Европа од папата Павел Шести со апостолско писмо Pacis Nuntius на 24 октомври 1964 година. Свети Кирил и Методиј се прогласени за покровители на Европа од папата Јован Павле Втори со апостолско писмо Egregiae Virtutis на 30 декември 1980 година. Света Катерина Сиенска е прогласена за покровителка на Европа од папата Јован Павле Втори со писмо motu proprio Spes Aedificandi на 1 октомври 1999 година. Света Бригита е прогласена на покровителка на Европа од папата Јован Павле Втори со писмо motu proprio Spes Aedificandi на 1 октомври 1999 година и од истиот папа на истиот датум во истата година за закрилничка на Европа е прогласена и св. Тереза Бенедикта де ла Крус. Закрилничка на Република Македонија и Скопје е св. Богородица, а нејзините два празници тукушто одминаа. Може ли Република Македонија во пресудниот момент да остане без закрила? Не, во иднина, едното крило ќе било ЕУ, другото крило ќе било НАТО. Нова држава, нов закрилник. А досега страдаше само од своите „скакулци“. А, ако дојдат скакулци и од надвор?