Погреб во Преспа. Македонски реквием (2)

Ние и вие: „Ние сме живот, а вие смрт. / Тоа е разликата меѓу нас. / Вие сте ножот на цивилизацијата, / а ние новото усекование / и главата на Јован Крстител / за вашата темна гозба, / веќе не во Ерусалим, туку во Брисел. / Оти вие никогаш не ја спознавте / мислата на железната руда / и Господ што го создаде ножот / за причесно сечење на лебот, / а не на глави, / и тоа на цели народи за задоволување / на вашата жед за крв. // Така. Оти во Преспа / од нашиот леб, тело Христово, / кое го пресековте потече / цело море мартирска крв. / Крв од телото Христово и Името / наше што се крена од Него – /Лебот насушен наш. / Оти толку се безбожни. Господе, тие / кои му ги пресекоа и главата / и крилјата на Ангелот Твој / што го испрати кај Јосиф / и Марија во Назарет. / Боже. И немој да прашуваш / зошто сè уште плаче во Нерези / Марија над Твојот Син / свален од крстот. / Немој да прашуваш и зошто Неда / сè уште го оплакува Кузман / убиен од Гегите. / Не прашувај, Боже, оти оплакувајќи / го него таа ги исплака / и раните на Твојот син. / Не прашувај, Боже! Боли!“

* * *

Безименото: „Како утробата света / на Марија од Назарет / е Безименото во кое / нè фрлија сега / за да нè сотрат тие. / Ама оплодено од него. / работи деноноќно во бакнежот / на македонските љубовници / и невести името наше / и излегува од нив / со златен пастирски крлук. / Го води по себе тоа. / штотуку родено / по колежот во Преспа, /новото поколение / да пие огнено млеко / од каменото стадо на Татковината, / полно со искон и вечност, / и да закрепне пред новиот потоп / што иде да го испере / злосторството од Преспа и светот.“

* * *

Без сила: „Без сила, истоштени, / веќе не пружаме отпор, / оти едвај ја држиме / главата на рамењата. / А и до колена сме веќе / заглавени во смрт / и чувствуваме како / столетие врз столетие / нè потрупува нас. // Така. А ние само за сламка / сè уште се држиме, / за здивот што ни се цеди / капка по капка / на губилиште изведени. / Сè до што стасаа ни зедоа: / Име, црква, чеиз, песна, / оро, свадба и невеста. // Како ножот со кој нè заклаа / сме голи сега. / Само уште камењата, / монаси и архијереи свети, / ни останаа во наследство / како имот. // Само камењата. / Ама гледаме како се накострешуваат / тие и како се буди / некој страшен ѕвер во нив, / крилест и подготвен секој миг / да летне кон нивното теме / и на парампарчиња да го разнесе него. / Кон тие со палеолитски сурат / што ни ги испокршија / сите ќупови и садови со блажина. // И тоа се нашите, / сега засега, / последни воини што ја бранат / оваа земја / по страшната гибел во Преспа.“

* * *

Пресечена глава. Танцот на Саломе (темниот закон на играта): „Во дервишка екстаза, / мотајќи го како вретено / Млечниот пат околу слабините, / го заврте танцот Саломе / со пресечената глава на Светецот / на царската гозба на Ирод. / И сите гости ги фати вртоглавица / од тој перверзен ерос на Убавината / и запеаја темни сатански песни, / кревајќи ги златните пехари / до врвот полни со крв и смрт. // И сè изгледаше така невино, / како за прв пат да се отвора / пупката на ружата од хаосот, / оти и пресечената глава на Светецот / во сребрената чинија на Саломе / како да беше сега само праизговор / за овој dance maklare / осветлен така моќно / од светилката на смртта. / Ништо друго. // Оти таков беше, / и со истиот праизговор / и танцот на Новата Саломе / што дојде од Вашингтон и Брисел во Преспа / со пресечената глава на Македонците. / Со иста перверзна екстаза, / како тогаш во Ерусалим, / истите песни / потемни од најтемната ноќ, / и со истите златни пехари / над врвот полни со крв и смрт.“

* * *

Данте во Преспа: „Од Фиренца лично во небичас / во Преспа дојде Данте. / Нè праша: – Дали Новиот живот, / vita nuova дошол кај вас? // А ние: / – не, забранет е влезот за него. / Тука имаше погреб. / И стариот живот / во гроб го ставија тие.“

* * *

По колежот витлеемски во Преспа: „По колежот витлеемски во Преспа, / еве го иде кај нас, / пратен од Господ, Архангелот, / истиот што ѝ се претстави тогаш / на Марија во Назарет. / Во одаите на македонските / невести влегува тој, / и од шумот на неговото крило, / полно со богојавленско семе, / зачнуваат благословени тие. / Зачнуваат, и еве веќе / ја отвораат светата врата / да помине обновено низ неа / племето заклано во Преспа, / новите воини за Армагедон / со мечот на Правдата и Вистината, / рамо до рамо со небесните / ангелски чети. / Како самиот Христос да го запалил / огнот на електроните во атомите / со македонско потекло. / Затоа се толку многу исплашени / злосторниците од Брисел и од Вашингтон / што дојдоа облечени во смрт во Преспа.“

* * *

На клање, одамна заклано веќе: „На клање, одамна заклано веќе, /го носат нашето племе во Преспа тие / во касапницата на цивилизацијата. / Сакаат да светнат неговите златни глави, / дијаманти, незгаслив оган, небесни ламби, / макар и заклани, оти се најсветли тогаш, / за да ја огреат нивната темна ноќ. / Ама гледам, гладни за смрт, ним / не им се доволно само главите на живите, / па и ангелите, хероите и светците наши / ги симнуваат од иконите во црквите, / ги извлекуваат, незаситни, од гробовите / и ги водат на губилиштето на цивилизацијата, / сосе нимбусите им ги слекуваат / главите од рамењата, а потоа, / како Ирод главата на Јован Крстител, / нови Ироди, им ги фрлаат во чинијата / сребрена на новата Саломе на цивилизацијата. // Ама, глеј ужас, наеднаш тие гледаат / како е нивната глава тоа. / Но тука не е крајот. Како да се преболи / таа болка, Боже? / По колежот на сè живо и мртво, / а никогаш како тие нераспаднато во смртта, / смртоносците од Запад, кога веќе немаше / што да се коле, до врвот полни со смрт / се курдисаа задоволни под златната гранка /на преспанските овоштарници / насадени од Ангелот Господов од Едем. / И тука тие, ненаситни за смрт, / во заседа останаа да чекаат дур не се родат / и не стасаат за гибел поколенијата / што се зачнуваат сега и по столетија / во бакнежот на македонските љубовници. / Поколенијата полни со искон што треба, / фатени алка за алка, дланка за дланка, / да стасаат од иднината како сватови / качени на коњи потковани со златото / и пурпурот на јунските ружи во Преспа, / свадбарски распеани, и да се фатат на оро / свиено во венчален прстен на родот. // Да. Ама не знаат смртоносците преспански / дека еден ден, можеби наскоро, неподмитлив, / ножот на смртта ќе се зарие и во нивниот врат, / и тоа уште подлабоко отколку во нашиот. / Мечот Господов на Правдата и Вистината / ќе е тоа, оти виде Господ сè што се случи / во Преспа, како го разградија Неговото сончево трло / и како го заклаа волчешките муцки / златното стадо во него.

* * *

Со смртта смртта се сретна во Преспа: „Со смртта смртта се сретна во Преспа: / нашата со нивната смрт. / Нашата, живот, полна со живот, / нивната, смрт, полна само со смрт. / Нашата полна со свадбарски оган, /нивната со мртовечка пепел / што не го памети своето огнено потекло. / Преобреженска е нашата смрт, / богојавленска, излезена низ вратата / на воскресението кон вечноста, / а нивната е само смрт што оди од врата на врата меѓу народите / и се претставува како цивилизација. // Тоа е разликата, есенцијална, / меѓу нашата и нивната смрт / што се сретнаа на погребот во Преспа. / Се сретнаа и се разминаа, / оти пепелта во која нè ставија / во мртовечка урна се потсети / на својот оган и пламна / а нивната, смрт, остана во смртта / во смртта, лишена од искрата / на Светиот Дух. / И тоа го знаат тие, / оти се лакоми за смрт. / Самите смрт во смрт.“

* * *

Нашата и вашата рана: „Вие прашувате, / што правиме друго, / освен болка / од нашата рана. / Правиме, / оти е исцелителна таа, / лек и преврска / и за вашата рана / од која исковавте / нож за нашето грло. // Правиме, / оти, како на Исус, / и нашата рана / е полна со живот, / огнено семе во браздата на Господ, / а вашата е / сал распаѓање и смрт. / Уште се крева смртна реа / од неа во Преспа.“

* * *

За совршено да биде злосторството: „За совршено да биде тоа злосторство ги закопаа / во гробот и Белите мугри на поетот / што слегуваше низ падините на смртта / на Лопушник нарамен со празората на светот. / Ама пред тоа, сè според планот, додека / морето на жалта се искачуваше над брегот, / тие му ја симнаа од рамења главата / и заедно со пресеченото грло ги заклаа / и славеите господови во него. // И за да биде уште посовршено / злосторството што го двои животот од смртта, / уште од Едем застанат врз цртата тенка / на постоењето, тие ја заклаа со поетот / и кошулата тенка ленена, на разбој ткаена. / недоткаена и недовезена на Ленка. / А на крајот, како финале, тие / во кланицата на цивилизацијата во Преспа / ги заклаа и коњите сосе сватовите на нив, / што беа во невреме тргнати на свадба / со ората и песните на столченото племе. / И падна студ и мрак врз светот, / и никој не знае кога ќе самне. / Сè е пепел, само Ружата наша, / полна со оган во белутракот дреме, / спремна и во смртта свадбено да пламне.“

* * *

Темна свеченост беше тоа: „Темна свеченост беше тоа, / закопот на Името во Преспа. / Целата елита на цивилизацијата / беше собрана тука, празнично збиена, / како елитата на сликата од Ел Греко / „Закопувањето на грофот од Оргаз“ / со гробот како космичка дупка под нив. / Само го немаше сега во Преспа, / како во горниот нејзин кат / јатото ангели со Богородица и Христос. / Ништо друго, само темница, / како онаа врз распетието на Голгота / што ја поклопи до зад бескрајот вселената. // Темна свеченост беше тоа, а гробот / преспански, наспроти злосторството / и злосторниците, се отворил штедро / како невестинска одаја пред свадба, / полна со венчално море / и со сребрено рибино јато / што плови низ слабините на невестата, / Матка е тој гроб на новото зачнување / на племето столчено по гибелта, / и темен кладенец во кој блеска / како дијамант златната глава на Александар, / стасан на таа темна свеченост / од Азија. Над неа се сведнале / со волчешки муцки наказите / од Брисел, Вашингтон и Балканот / што ја донесоа смртта во Преспа. / Темна свеченост беше тоа, / и со темна екстаза и страст за смрт / се сите до еден што ја подготвија неа. / Сите дојдени со каменот на Каин тука, / да видат и да се уверат дали / оној што го погребуваат во Преспа / е доволно мртов, помртов и од смртта, /за да можат најпосле да заспијат мирно. / Ама, леле, ги фаќа ужас нив / кога гледаат како таа смрт / се смешка откровенски со усните / на Христос и како, заканувачки по нив, /се преобразува во живот сал / од кој тие, деца на смртта оти е наш, / се плашат смртно / кога гледаат од кај извира и блика тој.“

* * *

Песната на ангелот над Преспа (18 јуни 2018): „Не можам да ти пеам без тага / од тука, Боже. Секоја моја строфа / е сега пепел во која легнал / како на мртовечка постела Огнот / како пресечената глава на Крстителот / во чинијата на Саломе. / А тој сака да пее свадбарски песни, / оти е со свадбарски нарав од раѓање, / првосват и кум на младоженците, / девер, прстен и ѓердан на невестата. // Што и за што да ти пеам од тука, Господе, / оти пред ружата венчална што е / се родил црвот во неа. Сè е смрт и во смрт свлечено тука / откако го заклаа името тие. / Името на столченото племе кое / со твоето Евангелие ги причести / западните варвари. / Ама тие, канибали, никогаш не го сфатија / симболизмот на таа трансупстанцијација / на Лебот и Виното, кои сè уште, / како тогаш на Голгота, го јадат телото / и ја пијат крвта на Исус, / до ненаситка гладни и жедни за нив. // Тоа е мојата песна со која / те известувам за Преспа, Боже, / а ти реши што ќе правиш по гибелта / на Твоето свето племе, / како и кога ќе го извадиш од корица / мечот на Правдата и Вистината. / Реши, Господару мој.“

* * *

Доаѓаат тие, доаѓаат темни: „Доаѓаат тие, доаѓаат темни / во светлината на јунското пладне, / како микроби на смртта / вглобени во сè, во нашите срца / и во живите честички на материјата дури / од божествено потекло што се, / легнати под микроскопот на Хајзенберг и Бор. // Доаѓаат вјавајќи на коњите / на апокалипсата во Преспа. / Доаѓаат со ноќното сонце под седлото / како тартарски бифтек за својата глад, / пред да почнат да ја заситуваат / со нашите извадени срца. // Доаѓаат, газејќи сè пред себе, сине. / И стасуваат. Ги врзуваат / коњите папсани што го носеле / тешкиот товар на нашата смрт / под златните гранки на преспанските / овоштарници, а потоа убиствено жедни, / искасани по пат од летото, / без да побараат чешма легнуваат / на кладенецот на нашата рана. / Легнуваат и пијат, пијат лакомо / до ненаситка од него. / Пијат и не мислат да застанат. / И колку повеќе пијат, / толку повеќе се жедни тие чудовишта. / Тоа е нивната математичка формула / на цивилизацијата што ја смислија, /која ни Лобачевски, ни Поенкаре, / ни Архимед не би можеле да ја објаснат, // Пијат и пијат од кладенецот / на нашата рана, / и не знаеме кога ќе престанат. / Со столетија пијат и никако / да ја заситат својата варварска жед, сине.“

* * *

Кај нас и смртта пее: „Вие што ископавте гроб за нас / во Преспа, да знаете дека во Македонија / и смртта пее, полна со свадбарски оган / и екстаза, оти е таква тука нејзината / нарав, и оти до зад бескрајот го послала / чаршафот венчален на сеживотот. // Таква е кај нас таа и немајте гајле, / песнопојка и кај вас ќе ја испратиме / неа, да ви запее радосна во дворот / со темен баритон, а ние, венчален прстен, / со она наше „И-и-и-их!“, кое ќе го свие / во елипса небото над вас / ќе се фатиме, алка за алка на оро. // Ќе ви ја испратиме од Преспа, / макар препорачано во писмо смртта, / која откако ја заврши работата кај нас / падна во депресија и страшно ѝ е досадно / тука. А ќе ви испратиме по неа и дел / од отчукувањата на нашето срце / во седумосмински такт. / Толку, колку за да го вкусите приживе / нејзиниот мртовечки бакнеж / додека ви пее заспивалка таа.“

(крај)