Повисоки интереси

Јани Бојаџи

Што сака Бугарија од Република Северна Македонија, тоа веќе го утврдивме. Но што сакаат од Македонците од владите на Америка, Британија, Германија, Франција и од Владата на Република Северна Македонија е прашање со одговор, популарно наречен, за милион долари. Едно од основните барања кон Македонците од сите гореспоменати ентитети е прифаќање на историјата онака како што ја прифаќа и толкува Бугарија од древноста па до 1944 година. Еве ги изворите за историјата на првата бугарска држава на Балканот од нејзиното основање во седми век, од страна на ханот Кубрат.

Првиот е Јован Никиски, инаку коптски свештеник што живеел во Египет и чии записи пишувани на грчки јазик се откриени во седумнаесеттиот век, а различни толкувачи во голема мера ги спорат содржините на тој летопис, особено оние делови што се однесуваат на перидот од шестиот и седмиот век. Потоа тука е Теофан, византиски службеник и цариградски свештеник, а третиот автор е константинополскиот патријарх Никифор. И како што било вообичаено за тоа време, сите тие се повикуваат на новели (тоа се официјални византиски дневници за случувањата во и околу империјата) и хроники на други автори пред нив, кои, исто така, не биле сведоци на настаните од времето за кое зборуваат. Дополнително, бугарската историографија се служи со една хроника од осмиот век, позната како Ашкарацуиција, напишана на ерменски јазик од сѐ уште неутврден автор.

Толку од изворите, документите, потврдите, фактите и тапиите што ја докажуваат бугарската сопственост на тоа историско време. Секој сам може да си претстави (освен ако главата и мозокот не му се на полнење во некое „ЕУ енџио“) како денес се пишуваат истории, вклучувајќи и во македонските учебници. Сите ние, повеќе или помалку, знаеме за настаните од Втората светска војна, случувања за кои имаме светски архиви полни со документи, илјадници фотографии, километри филмски ленти и милиони живи сведоци. Но, и покрај сето тоа, бугарските историчари и политичари не сакаат да ја прифатат реалноста за настаните од 1943 година, кога бугарската власт и војска во Македонија депортирале над седум илјади Евреи во логорот на смртта Треблинка. Но денес, тука и сега, истите тие се повикуваат на вистинитоста на фактите од седмиот век и бараат право на посед на земја и народ според историја толкувана од изворите што ви ги посочив погоре. Кој било писмен човек денес може сам, со едно пребарување на Гугл (фала им на Американците за тоа) во еден час да собере стотици, илјадници информации и исклучително едноставно и просто да си ги објасни времето, настаните и луѓето од минатото. Освен оние чесни, вредни и непристрасни граѓани, кои повеќе сакаат да му веруваат на Зоран Заев дека тоа што го нудат бугарските историчари и политичари треба да се прифати како доказ и факт за заедничката историја и потекло, сосе оние имиња на хановите Омуртаг, Аспарух и Тервел, кои тие не можат ниту да ги запаметат. А за гаранција во вистинитоста на тие тврдења, тој, Зоран Заев, ги нуди раката на градите и заклетвите во име на неговите мртви предци, живи родители и малолетни деца.

Во оваа група ги вклучувам и оние достојни владици, монаси, попови и други богобојажливи верници на северната православна црква, кои како убедени новозаветни Христови следбеници со определена скепса гледаат на старозаветните уверувања дека еден од смртните гревови се лажно колнење и лажно сведочење за ближниот свој. И секако, како дополнување на можноста за избор на толкувања ви се нудат и авторитетите на Денко Малески, Владо Бучковски и Љупчо Георгиевски. Зошто го пишувам ова? За да знаете како се создаваат современите истории, кои на политичарите им служат како аргументи за политичка борба, а на генералите како инспирација за нови војни и мапи за утврдување на освоените територии. Тука е и идеалниот, совршениот Запад, кој својата современа историја ја темели на измислени и со ништо непотврдени факти за постоењето на разни Нибелунги, Артури, Фридрингзи и Хедрингзи и заблудите за националната припадност на многу други Шарловци и Карловци, во чие име се водени стотици меѓусебни војни, меѓу кои и две светски, со стотици милиони жртви, без видливо територијално поместување на завојуваните страни од оваа и од онаа страна на Рајна и од оваа и од онаа страна на каналот од едните викан Ла Манш, а од другите Англиски. И за сите овие приказни, ај што можете да прочитате, туку можете и да пребарате и пронајдете илјадници документарни и играни филмови, кои сето тоа го опишуваат на јазик и начин разбирлив дури и за оние следбеници на делото на академик Владо Камбовски, кој јавно кажа, од позиција на научник од областа на правото, дека Договорот од Преспа има лоши решенија, но сепак препорачува да биде усвоен и применет.

Подоцна разбравме, пожелно било да се согласиме, заради повисоки интереси. Им останува на посветените граѓани на Република Северна Македонија, уверени во правдата и правото гарантирани од НАТО и ЕУ, па утре во суд, во име на тоа право, да го прифатат советот од нивниот адвокат дека смртната казна на која се осудени за дело што не го направиле треба да ја прифатат само и заради – повисоки интереси. Најпосле, сосема на крајот од сѐ, владите на Америка, Британија, Германија и на Франција, со право, владеењето на правото во Република Северна Македонија го посочуваат како главен проблем што стои на патот на граѓаните за остварувањето на нивните не повисоки, туку највисоки интереси. И навистина, тие влади и нивните администрации и амбасадори три децении вложуваат напори, знаење, вештини и стотици и стотици милиони долари во создавање систем на владеење на правото и законите. И тоа не им успева, имено, токму поради повисоките интереси. Премиерот на Владата на Република Северна Македонија јавно изјави дека мора да се грижи и за интересите на Бугарија! Да изјавеше такво нешто премиер на која било од гореспоменатите држави, во согласност со нивното право и нивните закони, тој човек, токму поради владеењето на правото ќе беше осуден на долгогодишен затвор затоа што го прекршил владеењето на правото. Имено, во која земја и според кои закони и со кое владеење на правото се дозволува премиерот на тие земји да се грижи за интересите на други земји, особено за интересите на земји со кои неговата има недоразбирања?! Тие ги поддржуваа и сѐ уште ги поддржуваат овој човек и оваа политика, погодувате, повторно заради повисоки интереси. И тука завршуваат сите оние добри намери на Америка, Британија, Германија и Франција кога зборуваат за право, за правда и за нашите повисоки интереси. Кои се тие интереси? Што доби, не Македонија, не државата Република Северна Македонија, туку што од тие повисоки интереси добија Македонците? Тоа е прашањето. Да резимираме.

За промена на името на државата, идентитетот, историјата, културата, за редукцијата на јазичните, културните и другите основни човечки и политички права, во замена на Македонците им беа нудени: безбедност со членството во НАТО, демократија и слобода на говорот, изразувањето и на пишувањето, владеење на правото и социјална правда, економски развој и подобар живот и, на почетокот и најважното од сѐ, како главно и основно ветување беше членство на Македонија во Европската Унија. Тоа беа повисоките интереси за Македонците. Дали еден од нив е исполнет? Дали е на повидок во некоја пристојна иднина од дваесет години исполнување на некој друг повисок интерес? Дали е реално да се очекува остварување на сите овие повисоки интереси во наредните педесет години? Одговорете си самите дали треба да се согласите да прифаќате нешто за што никој веќе не сака да ви гарантира дека ќе биде остварено, кога и да е. Освен ако не ги мразите Македонија и Македонците до толку, па сето ова да ве заслепува и да ви оневозможува да расудувате правилно за прости и едноставни работи, од кои основната е дека: остварувањето туѓи интереси не е ваш интерес.

Не знам како и на кој начин да го објаснам ова? Кој не може да ја разбере оваа проста аксиома? Не знам, ама некогаш се чувствувам непријатно кога ова не го разбираат и луѓе што не само што имаат академски титули туку се и училишни и универзитетски наставници и видни и реализирани професионалци во различни области од реалниот живот. Навистина не можам да го прифатам ова како состојба на здравиот разум, туку само како заслепеност од омраза. Драги мои, останува прашањето што да се прави. Не знам и не нудам одговори за други. Но како слободен човек што не се плаши, и покрај притисоците и добрите совети од пријатели да не зборувам и пишувам за вистината, затоа што сега не треба да се кажува вистината, внимавајте, заради повисоки интереси, ви кажувам дека не постојат повисоки интереси од кажувањето на вистината. Јас сум уметник и мене не ме интересираат повисоките интереси, надвор од филозофијата и уметноста. Надвор од вистината онака како што јас ја разбирам во филозофијата и уметноста. Секако, моето разбирање на вистината најчесто е во опасност да биде засегнато од мојата суета и моите заблуди, но тие суети и заблуди и по тоа ќе останат да бидат само моја суета и само моја заблуда.

Преостанатите што веруваат во повисоки интереси, ризикуваат нивните суети и заблуди да станат и заблуди на Македонија и на Македонците. И секако, за оние што се прашуваат кај е излезот од оваа ситуација? Да не излезе дека само поставувам дилеми, а не нудам одговори. Помислете дали на овој свет има и некој друг со некои други повисоки интереси од оние што ви кажуваат дека треба да направите нешто во име на нивните повисоки интереси што ви ги прикажуваат за ваши. Престанете да очекувате тие што ви кажуваат дека треба да имате повисоки интереси од вашите интереси да ги бранат вашите интереси! И секако, на крајот, остварете си ги вашите интереси. Како? Просто.

Плукнете си на рацете, фатете се за работа, посветете се на вашите интереси, поставете си ги, направете личен подвиг, верувајте во себе и својот интерес и пренесете им го тоа убедување на најблиските. И ќе видите како одеднаш тие ваши интереси стануваат интереси и на другите и како заеднички се остваруваат. Ама, ве молам, кој погрешил кога се зафатил да го прави тоа што го разбира и знае да го прави. А има ли подобар начин да се разбере што е ваш интерес од она што го разбирате и знаете како да го направите? Со среќа на оние што ќе се зафатат со самопрајство. Најпосле, еден совет за оние со државнички амбиции: само оној што си самонаправил има можности и знаење да им направи и на другите.

Авторот е режисер и универзитетски професор